Македонија
(Видео) Лефков: Првпат во историјата на Македонија осуден пратеник за став искажан од собраниската говорница

Првпат во историјата на плурализмот во Македонија пратеник е осуден за став искажан од собраниската говорница, истакна Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Пресудата, како што вели, за навреда и клевета за став искажан од собраниска говорница против неговиот колега Бране Петрушевски е противуставна, противзаконска, правно уникатна дивоградба и претставува дефиниција за авторитарна, односно тоталитарна држава.
„Самата пресуда значи дека Македонија, наместо демократија, гради систем во кој Владата, односно партиите на власт, ги контролираат сите лостови на власта, вклучувајќи го и судството, па со помош на сите инструменти јавно покажува дека не толерира никакви опозициски или издвоени гледишта и користи страв и заплашување за да ја остварува својата власт над општеството.
Независноста на Собранието во вршење на законодавната власт е обезбедена преку имунитетот на пратеникот“, вели тој.
Појаснува дека во согласност со Уставот, пратениците имаат два вида имунитет – материјален или суштински и процедурален.
Материјалниот имунитет значи дека пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела.
Материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Овој вид имунитет не може да биде предмет на расправа за одземање.
Процедуралниот имунитет, според него, значи неможност пратеникот да биде притворен, без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Пресудата за навреда и клевета, како што вели, преставува сериозен преседан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.