Македонија
Премиер Албанец на почетокот на јануари предложен од ДУИ, за Османи – доминантно е размислувањето изборите да бидат заедно
Демократската унија за интеграција (ДУИ) размислува претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вели дека партијата сѐ уште нема формална одлука оти телата не се состанале, но членството размислува за терминот за избори. Има расположение за сите опции оти сметаат дека ДУИ победува во која и да е варијанта.
„Има едно доминантно размислување дека од логистичко-финансиски и од административен аспект можеби ќе биде претешко за државата да има два изборни циклуса на три месеци, дека ќе се парализираат институциите, дека ќе биде премногу голем трошок, тој аспект се размислува. Затоа има едно размислување дека можеби треба да бидат во ист ден и претседателските и парламентарните избори, но отворени сме за сите опции. Одлука нема. Ќе се обидеме да аргументираме со политичките партии чисто од логистичко-финансиски аспект дека можеби тоа е подобар пристап“, рече министерот Османи.
Кога и да се договорат парламентарните избори, Османи нема дилема дека премиерот ќе биде Албанец, кој ќе го предложи ДУИ. Ако парламентарните избори се одржат во вториот круг од претседателските избори напролет, премиер Албанец ќе има во јануари.
„Договорот за премиер Албанец е постигнат уште при формирање на Владата дека последните сто дена премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ и тоа очекуваме да се случи. Доколку изборите се заеднички, тоа значи дека на почетокот на јануари треба да почнат тие сто дена. Премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ“, вели министерот Османи.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им даде рок на политичките партии да се договорат за датум на изборите до Нова година. Доколку во тој рок нема договор, Џафери најави дека тој ќе го одреди датумот за претседателските избори и нема да дозволи да не се почитуваат законските рокови за избор на новиот претседател на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

