Македонија
Меџити: Првпат овозможуваме безболно мерење гликемија за повеќе детски насмевки

Пациентите со дијабетес имаат достапност на најсовремена инсулинска терапија, а осбено ми е драго што, конечно, набавивме 650 сензори за безболно мерење гликемија наменети за деца и млади до 18 години со дијабетес тип 1, бремени жени со дијабетес тип 1 и слепи лица со чија помош се овозможува континуирано мониторирање на гликемијата.
Oва го истакна министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, на денешниот форум по повод светскиот ден за борба против дијабетесот со наслов „Соочени со предизвиците на дијабетесот во Македонија – дејствуваме пред да стане непоправливо“.
„Имавме година во која се соочивме со повеќе предизвици, но сепак морам да истакнам дека Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес, во соработка и со здруженијата, макотрпно работеше на нивно успешно решавање. Заедно придонесовме за подобрување како на општото здравје така и на квалитетот на живот на пациентите со дијабетес“, истакна Меџити.
Во своето обраќање Меџити се осврна и на воведувањето на новите протоколи во примарната здравствена заштита, кои придонесоа за подобро следење и мониторирање на пациентите со дијабетес од страна на нивните матични лекари, односно рана детекција на компликациите што потекнуваат од болеста.
„Со зголемување на дијагностичките и терапевтските можности на матичните лекари овозможивме пациентите со дијабетес да може да ја добиваат статинската терапија токму кај нив, а знаејќи ја важноста на добрата регулација на мастите во крвта, кај оваа група на пациенти значително ги намалуваме непотребниот морбидитет и трошоците на пациентите. Со ова ги подобривме квалитетот и континуитетот на грижата на сите пациенти со дијабетес“, потенцира Меџити.
Министерот Меџити посочи дека во периодот што следува ќе се труди пациентите со дијабетес да имаат пристап до најсовремените начини за третман нагласувајќи дека обврска како здравствен систем е да се овозможи поквалитетен живот на луѓето што имаат дијабетес и да се превенираат компликациите од дијабетесот.
Во земјата се регистрирани 140.000 случаи на дијабетес, а воведена е и скрининг-програма за лица што немаат фактори на ризик, со која се овозможува рана детекција на ризик-факторите и со тоа да се превенира или одложува манифестацијата на болеста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Втор круг во Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари, шест скопски општини добија градоначалници во првиот круг

Граѓаните во шест скопски општини веќе избраа градоначалници во првиот круг – Бутел, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров и Сарај. Според првичните резултати на Државната изборна комисија, изборната трка продолжува во четири општини каде граѓаните ќе гласаат во втор круг – Аеродром, Центар, Карпош и Шуто Оризари.
Во Аеродром, во првиот круг, во водство е Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 49,09 отсто од пребројаните гласови, одонсно 16.225 гласа. Зад него е Александар Трајановски од СДСМ кој има 20,79 отсто или 6.872 гласа. Третопласиран е Марјан Димитриев од Левица со 19,44 гласа, околу 400 гласа помалку од кандидатот на Социјалдемократите.
Во Центар од 100 отсто пребројани гласови, најмногу освои Горан Герасимовски од СДСМ, 38,19 отсто или 8.535 гласа. Тој во вториот круг ќе се соочи со Мирослав Лабудовиќ од Движењето ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ кој освои 25,54 отсто од гласовите или 5.797 гласа.
Во Карпош, најмогу глсови освои кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски со 34,51 отсто од гласовите, а зад него е актуелниот градоначалник, Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 29,40 проценти од глсовите.
Во Шуто Оризари, пак, во вториот круг ќе се соочат Курто Дудуш од Унија на Роми кој освои 36,43 проценти од гласовите и Ерџан Демири од ВМРО-ДПМНЕ кој освои 20,81 отсто.
Втор круг ќе има и за градоначалник на Скопје, каде ќе се соочат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Македонија
Шукова: Резултатот не е оној што го посакувавме, сепак горда сум на кампањата што ја водевме

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, се огласи на социјалните мрежи откако вчера не успеа да влезе во вториот круг на Локалните избори 2025.
„Им благодарам на сите граѓани кои излегоа и го искористија своето демократско право на глас. Учеството на граѓаните во изборниот процес е темел на здраво општество што се стреми кон напредок и одговорност. Резултатот не е оној што го посакувавме, сепак горда сум на кампањата што ја водевме, чесно, транспарентно и со јасна визија за развој и подобар живот за сите жители на Скопје.
Му благодарам на мојот тим, на сите поддржувачи за посветеноста и професионализмот. Во овој изборен процес покажавме дека заедно можеме да градиме политичка култура заснована на почит, дијалог и идеи. Без разлика на изборниот резултат, јас ќе продолжам да работам за јавниот интерес и за вредностите во кои верувам со истата одговорност и посветеност.
На сите кандидати кои продолжуваат во вториот изборен круг им посакувам фер, достоинствен и демократски натпревар“, напиша Шукова.
Македонија
Герасимовски денеска со засилена акција за чистење на Центар: Зголемен број хигиеничари, механизација, работа во две смени

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, најави дека се зголемува зборот на хигиничари кои денеска ќе работат во две смени, сабајле и навечер со цел одржување на хигиената на највисоко ниво. Тој, потенцираше дека и механизацијата што се изнајмува целосно се пушта во погон.
„Утрово, но и од она што го видовме викендов повторно е хаотично со сметот. Уште денеска се фаќаме за работа, продолжуваме со одржување на хигиената на највисоко ниво. Уште од денеска се зголемува бројот на хигиеничарите на терен, со работа во две смени, сабајле и навечер, и механизацијата што ја изнајмуваме се пушта целосно во погон“, рече Герасимовски.
На состанокот со раководителите на сектори од општината, Герасимовски изјави дека мора да се отпочнат и буџетските форуми кои беа најавени.
„Ги најавивме и мора да ги отпочнеме буџетските форуми, и јас предлагам да не чекаме ноември, туку уште од оваа недела да ги договориме истите, да видиме колку ќе одржиме оваа година дали ќе биде еден поголем или неколку помали и еден завршен поголем. Мислам дека треба урбаните заедници да одбереме три каде што би ја одржале три посебни форуми и дополнително еден голем каде што ќе ги донесеме заклучоците за програмата“, посочи Герасимовски.