Македонија
Вработените во „Еуроникел“ на блокади: Немаме пари за храна, а државата ни должи 1,2 милион евра ДДВ за август

Вработените во „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“, точно напладне денес излегоа на протест пред фабриката и го блокираа патот Кавадарци – Дреново. По неколкуте неуспешни средби со претставници од Владата за поврат на ДДВ, тие се одлучија на ваков чекор за да се чуе нивниот глас. Претседателот на Синдикатот, Миле Ѓорѓиев, вели дека 800 вработени сè уште чекаат плата за октомври, а единствен начин во овој момент да се исплатат платите е државата да им исплати ДДВ за август во висина од 1,2 милион евра оти досегашниот сопственик ГСОЛ се откажал од фабриката.

На 800 вработени во фабриката не им е исплатена платата за октомври
„Немаме пари за храна, за сметки, луѓе треба да одат на операции, а државата ни должи 1,2 милион евра“, се пожалија вработените.

На блокадите ќе останат до 15 часот
Претседателот на Синдикатот, Ѓорѓиев, за „Макфакс“ веќе објасни дека со ДДВ за август, кое им го должи државата, ќе може два месеца да исплатат и плати и придонеси за сите вработени. Тие очекуваат исплата на ДДВ и за септември во висина од 1,1 милион евра.

Синдикатот од понеделник најави порадикални блокади
Од Управата за јавни приходи за „Макфакс“ изјавија дека долгот на државата кон „Еуроникел“ е даночна тајна, но потврдија дека се правеле контроли во фабриката.
Вработените денес ќе останат на блокадите до 15 часот, а протестот ќе продолжи и следниве денови. Доколку не наиде на соработка, Синдикатот за следната недела најави порадикални блокади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.