Топ
(Видео) Сузбиенa организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога и оружје
Денеска, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во координација со Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за специјални полициски операции и ОВР Струга, под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска акција, во којa беше сузбиена повеќечлена организирана криминална група составена од лица од Струга, едно лице од Охрид и еден албански државјанин (кој престојува во Струга), кои подолг временски период биле инволвирани во вршење кривични дела од областа на недозволена трговија со дрога и оружје, извести портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.
„Постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 36 локации во Струга, Охрид и во ‘Затвор Скопје’, при што од слобода се лишени 19 лица, по три лица се трага, а едно лице од претходно е во затвор. Кривично пријавени се вкупно 23 лица за кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога и оружје. При лишувањето од слобода и при извршените претреси на повеќе локации се пронајдени и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети. Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе поднесе кривична пријава против 23 лица, и тоа: против В. Е. (32), Д. Е. (30), Љ. Ц. (37), Е. П. (38), Б. Х. (27), Е. Р. (20), К. Л. (52), Х. К. (43), И. Б. (35), А. Ж. (27), Е. Б. (25), Б. Ѓ. (27), Д. С. (35), С. Д. (29), М. Т. (38), Е. О. (21), К. З. (21), Ф. Џ. (26), Д. У. (76), Г. Т. (43), А. Ж. (46), С. Т. (37) и С. Н. (44) за кривични дела неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од чл. 215 и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од чл. 396 од Кривичниот законик“, вели портпаролот на МВР.
„За време на спроведеното криминалистичко истражување утврдено е дека целта на формирањето на организираната криминална група е стекнување противправна имотна корист, која произлегува од извршените кривични дела, а во текот на истрагата во повеќе случаи документирани се продажби на наркотична дрога, оружје и муниција. Во временскиот период од јануари 2023 година до ноември 2023 година В. Е. како организатор и Д. Е., Љ. Ц. и Е. П., заради неовластена продажба и пуштање во промет наркотична дрога (кокаин, марихуана, масло од марихуана и хашиш), се здружиле и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба на наркотичната дрога, кои нелегални активности во делот на продажбата ги вршеле заедно со другите пријавени лица, кои дејствувале во групи. Кокаинот го продавале по цена од 60 до 100 евра за еден грам, а маслото од канабис го продавале по цена од 40 евра за кубик. Исто така, во наведениот временски период, заради неовластено набавување, држење и продавање поголемо количество огнено оружје и муниција, како група се здружиле лицата Г. Т., А. Ж., Д. С., С. Т., С. Н., Е. О.“, изјави Андреевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Регион
Од денеска во Бугарија задолжително плаќање во евра, левот излегува од употреба
Од денеска, 1 февруари, еврото станува единствена официјална валута во Бугарија, додека левот повеќе нема да биде прифатлив за плаќање на стоки, услуги и обврски, соопшти Министерството за финансии на Бугарија.
Според законот за воведување на еврото во Бугарија, цените на стоките и услугите и понатаму ќе бидат истакнати во двете валути до 8 август 2026 година, со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, јавија бугарските медиуми.
Граѓаните на Бугарија кои и понатаму поседуваат левови можат бесплатно да ги заменат во банките и во „Бугарски пошти“ до 30 јуни 2026 година, додека Националната банка на Бугарија (БНБ) ќе обезбеди бесплатна и неограничена замена на левовите во евра и по тој датум.
Министерството за финансии потсетува дека трговците веќе немаат обврска да примаат левови, а кусурот во секоја трансакција се враќа исклучиво во евра.
Бугарија на 1 јануари 2026 година официјално го воведе еврото и стана 21-ва членка на еврозоната, точно 19 години по влезот во Европската унија.

