Македонија
ОЈО на чело со Абази не реагира за скандалот со Државната лотарија, велат од Левицата
По неодамнешниот договор склучен помеѓу сопственикот на ,,Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, и Државната лотарија за изнајмување објект во Визбегово (во вредност од 2,6 милиона евра), се отвори Пандорината кутија за добиените тендери во Државната лотарија и за финансирањето на ДУИ од страна на правни субјекти. Имено, промоцијата и маркетингот на Државната лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арберија дизајн“ и „Арс ламина“, реагираат од Левицата.
„Арберија дизајн“, како што појаснуваат, е компанија што во 2014 година го доби тендерот за печатење на учебниците по наставната програма „Кембриџ“ за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2015 година ‘Арберија дизајн’ и нејзиниот сопственик Хасим Хамзаи се наоѓа на врвот на донатори во ДУИ. Во јуни оваа година Државната лотарија склучила договор за јавна набавка со ‘Арберија дизајн’ за сума од речиси 288.000 евра. ‘Арберија дизајн’ за период од една година ќе работи на ребрендирање на корпоративниот бренд и рекламна кампања за Државната лотарија, а минатата година го доби и тендерот од Министерството за политички систем за организирање годишнина од прославата на Рамковниот договор, вреден над 97.000 евра.
Уште една компанија што се јавува во коруптивната шема е ‘Литера груп’. Сопственикот на оваа компанија, Афет Иљази, бил главен уредник во издавачката куќа на ‘Арберија дизајн’ до 2021 година. Компанијата ‘Литера4 има добиено седум тендери во Државната лотарија, каде што вкупната вредност надминува 283.000 евра“, се наведува во соопштението од оваа партија.
Овие две компании, според нив, важат за блиски соработници на Артан Груби и неговото измислено Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое претставува извор на партиски вработувања на ДУИ. Компаниите ги добиваат тендерите кога на чело на управниот одбор на Државната лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен шеф на кабинетот на Артан Груби. Со ова, како што велат, се затвора кругот на блиски соработници на Груби што ја финансираат ДУИ, а за возврат добиваат владини тендери.
„И наместо ОЈО веднаш да иницира постапка, Обвинителството контролирано од ДУИ преку Ислам Абази ја префрла одговорноста на Финансовата полиција. Доминацијата врз правосудниот систем од страна на ДУИ само потврдува дека оваа партија е фактичка власт во Македонија, која неказнето ја разграбува државата, а пасокизираната СДС е помалиот коалициски нен партнер, кој ќе ги прифати сите криминали за да ги задржи функционерските привилегии“, велат од Левицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Апасиев: Семејното насилство да се казнува повеќе од обичното, итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа
„Како што дрска кражба се казнува повеќе, а не помалце од обична; како што убиство со умисла се казнува повеќе, а не помалце од убиство на миг; така и семејно насилство треба да се казнува повеќе, а не помалце од обично насилство – оти една од основните функции на семејството е заштитната! А каква “заштита” имаш ако дома маж ти те тепа секој ден?“, пишува претседателот на Левица, Димитар Апасиев на социјалните мрежи.
Тој порача дека „под итно е потребна радикална реформа на заостанатите Центри за социјална работа, кои се напикани со неспособни и нестручни партиски штабци! Под итно!!!“
Македонија
Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, велат од СДСМ
Максим Димитриевски – Максо го гледаме како кука по телевизија, како да не е дел од криминалната власт, велат од СДСМ.
„Максо е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре, но не му успеа.
Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ОКГ.
Дури Максо зборува и за Груби, дека е дома, во куќен притвор, а неговиот шеф Мицкоски стои позади тој дил.
Што глуми Максим Димитриевски?
Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?
Како оној во Пошта, од 1,2 милиони евра што го доби фирма блиска до ЗНАМ во време кога вработените не можат навреме ниту плата да поделат“.
Максим, додаваат од опозициската партија, е познат по тоа што јавно призна дека не живее од плата.
„Затоа не мисли тој на работниците и тоа што тој и неговата влада одбиваат да им ја покачат минималната плата на 600 евра.
За тоа не се жали Димитриевски, не знае што е плата и како е да се преживее од први до први во месецот, како што се мачат над 200 илјади работници.
Сè е приватен бизис во тендер коалицијата ВМРО-ОКГ/ЗНАМ, никој од нив не живее од плата, само од тендери“.
Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања
Општина Аеродром објави јавен повик за доделување признанија за особени достигнувања во областа на науката, уметноста, спортот, образованието и заштитата на животната средина.
Признанијата се доделуваат за остварувања во претходната и тековната година, како и за подолг период на работа и творештво, вклучително и постхумни награди.
„Кандидатите можат да се пријават лично или да бидат предложени од правни и физички лица.
Рокот за поднесување пријави е седум работни дена од денот на објавувањето на повикот.
Пријавите се доставуваат по пошта на адреса: Општина Аеродром, бул. „Јане Сандански“ 109Б, 1000 Скопје, или лично во архивата на Општината, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Подетални информации и потребните обрасци се достапни на: http://aerodrom.gov.mk/vest/9566“.

