Македонија
Четврток неработен за администрацијата и учениците во Скопје, градинките отворени
Врз основа на заклучоците на Владата, Министерството за труд и социјална политика известува дека четврток ќе биде неработен за администрацијата и учениците во Скопје, а градинките ќе бидат отворени.
„Сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на град Скопје на 29 ноември 2023 година (среда) ќе работат со скратено работно време до 12 часот, а 30 ноември 2023 година (четврток) се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација на подрачјето на град Скопје. Тој нема да се одработува. Оваа одлука се однесува и на основните и на средните училишта на подрачјето на град Скопје, меѓутоа напоменуваме дека не се однесува на јавните предучилишни установи, здравствените установи и безбедносните служби на подрачјето на градот Скопје. Информираме дека тие треба да изработат сопствени планови, кои ќе овозможат непречено функционирање на установите. Се препорачува општините на градот Скопје и Град Скопје да ги спроведат заклучоците“, велат од Министерството.
Воедно, му се препорачува на приватниот сектор на подрачјето на град Скопје, а особено во подрачјето на општина Карпош и општините што гравитираат кон Спортскиот центар „ Борис Трајковски“ и хотелот „Александар палас“ да ги спроведат заклучоците.
Ваквата одлука е донесена поради 30. министерски состанок на ОБСЕ, кој ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември 2023 година во Скопје во организација на Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК прифати приговор на коалицијата „Влен“
Државната изборна комисија денеска почна со разгледувањето на 27 приговори поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Oд поднесените приговори од коалицијата „Влен“, досега, ДИК прифати еден, а еден отфрли.
До ДИК се поднесени 27 приговори, девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.
Прифатениот приговор се однесува за гласањето на избирачкото место 2102 во Желино.
Како што пишува во приговорот, тој е поднесен бидејќи 110 гласачи кои го оствариле избирачкото право немале отпечаток од прст во фингер принт уредот, туку тие гласале само по матичниот број и скенирање на личната карта.
Вториот приговор поднесен од „Влен“ кој беше одбиен, се однесуваше на избирачкото место 1953 во Тетово – шестата изборна единица.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.