Топ
Ловечката Федерација на Македонија се вклучува во потрагата по Вања Ѓорчевска
Ловечката Федерација на Македонија преку социјалните мрежи ги повика сите ловци да се вклучат во потрагата по Вања Ѓорчевска.
Тие апелираа за секоја информација да се извести Министерството за внатрешни работи.
МВР интензивно трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска откога вчера, во 8.35 часот утрото, мајка ѝ пријавила дека е исчезната.
Министерството за внатрешни работи со фотографија и опис ја објави Вања Ѓорчевска во регистарот на исчезнати лица на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Скопјанец репетирал пиштол во угостителски објект во Центар, кај него била пронајдена дрога
Скопјанец извадил пиштол и го репетирал во угостителски објект во Центар, а полицијата кај него пронајде и дрога.
Според информациите на МВР, вчера во 16:15 часот во Скопје на подрачјето на Центар полициски службеници го уапсија И.С.(32) од Скопје, по претходна пријава од вработен во угостителски објект дека околу 13:35 часот пријавениот извадил пиштол, го репетирал и им се заканувал на вработените, по што го напуштил објектот.
При преглед кај И.С. биле пронајдени и одземени бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, таблети и пиштол на дијаболи. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Македонија
За најмногу шест месеци: Од Зелениково до Центар за 25 минути ќе се патува со градскиот воз, сосе застанувања
Од Зелениково до централната железничка станица во Скопје со градскиот воз ќе се патува за 25 минути. Возот кој ќе тргнува од Зелениково, ќе минува низ Јане Сандански, Драчево, Лисиче и ќе завршува кај Транспортниот центар ќе има седум станици. Директорот на Македонски железници – инфраструктура, Синиша Ивановски извести веќе направиле и тестирање за брзината на градскиот воз.
„Од најоддалечената станица на градскиот воз во Зелениково отприлика треба за 25 минути со вкалкулирани застанувања на постојки да се стигне до Скопје, додека од Драчево тестирањата покажаа дека ќе требат од 11 до 13 минути за да се стигне до главната железничка станица во Скопје. Првата фаза на градскиот воз која во моментов се работи, од Зелениково до централната станица Скопје во должина од 24,5 километри ќе биде готова за најмногу шест месеци од денеска“, рече директорот Ивановски.
Истовремено со делницата за градскиот воз од Зелениково, се работи и на делницата од Драчево до Илинден долга 7,7 километри која директорот Ивановски очекува да биде готова до Нова година оти е покуса.
Изградбата на делницата од Драчево со Илинден е три милиони евра, а за делницата од Зелениково до Транспортниот центар се предвидени 5,7 милиони евра.
Градскиот воз ќе биде синхронизиран со автобусите на ЈСП за што директорот Ивановски веќе имал средба со новиот градоначалник на Скопје.
„За многумина изгледаше како сон, но еве денеска е јаве, почнуваме да нудиме алтернатива за граѓаните во Скопје имајќи предвид дека изминатиов период се соочуваа со катастрофално лоша состојба поврзана со нефункционалноста на јавниот транспорт и ЈСП. Како Град Скопје ќе бидеме целосно логистички вклучени во овој процес земајќи предвид дека на новите станици ќе се прилагодиме со ЈСП за граѓаните да не чекаат со часови да дојде возот. Кога ќе има воз, тогаш ќе стигнуваат и автобусите“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски кој нагласи дека од денес во функција се ставени дополнителни 60 приватни автобуси за јавен превоз во Скопје.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски на чија иницијатива се прави градскиот воз како алтернатива за јавниот превоз во Скопје кажа дека почнале да ги менуваат дрвените прагови на пругите кои не се заменети откога се поставени во 1963 година. Тој очекува седната година да почнат да се градат и другите две траси за градскиот воз од кои едната е од Волково преку Ѓорче, и Скопје Север до Транспортниот центар, а другата, трета траса е од Миладиновци до Илинден од каде пак веќе ќе има поврзување со главната железничка станица во Скопје.
Македонија
Турчин фатен со злато вредно половина милион денари на аеродром, Македонец од Лондон шверцувал уреди „епл“
Царински службеници и мобилни царински тимови запленија 92 грама златни плочки и монети, „Епл“ уреди, 37.500 евра, цигари, парфеми и детска облека со потпис на заштитени трговски марки.
Златни плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама се пронајдени при контрола на багаж на турски државјанин на излез од државата, на граничен премин Меѓународен Аеродром Скопје. Проценетата вредност на златото изнесува 538 илјади денари.
Во друг случај царинските службеници од Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на багаж на патник, македонски државјанин, кој допатувал со лет од Лондон пронајдоа два лаптопи и еден мобилен телефон од брендот „Епл“.
Вкупно 37.500 евра се запленети од страна на мобилните царински тимови, во два одвоени случаи на влез во државата на граничен премин Табановце.

Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин кој со автомобил со српски регистарски таблички се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце, во џебовите од неговата јакна биле пронајдени непријавени 24 илјади евра. Согласно закон, му биле вратени 10 илјади евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а останатите 14 илјади биле привремено задржани.
Во вториот случај, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце, биле пронајдени непријавени 25.500 евра. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2 илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, додека 23.500 евра биле привремено задржани.
96 кутии цигари без акцизни маркички и 34 ремени за прицврстување товар во товарни возила, се откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Ново Село.
Во првиот случај, во багажниот простор на автомобил со бугарски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, биле пронајдени 96 кутии цигари без акцизни маркички и 10 ремени за товар.
Во вториот случај, во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, биле пронајдени 24 ремени за товар.

