Европа
Синдромот на „белите дробови“ стигна до Европа: воспалението од Кина се појавило и во Данска, претходно и во Холандија

Данска е погодена од бран од ист тип на пневмонија што ја потресе Кина и предизвика страв од нова пандемија, пишуваат локалните медиуми.
Данските здравствени власти соопштија дека стапката на микоплазма пневмонија, бактериска инфекција за која некои антибиотици се бескорисни, достигнала „епидемиско“ ниво, пишува „Јутарњи лист“.
Пекинг посочи дека истиот патоген е делумно виновен за неговиот „мистериозен“ бран на пневмонија, кој се карактеризира со опасна пневмонија кај децата.
Данскиот институт „Statens“ (SSI) откри дека стапките на заболени се тројно зголемени во последните пет недели и предупреди дека повеќе деца ќе бидат заразени оваа зима.
Сето ова доаѓа само неколку дена откако Холандија пријави алармантен пораст на децата кои се борат со пневмонија, со слични извештаи и во Шведска.
Ширењето на заразени случаи ги зголеми стравувањата дека европската епидемија на инфекција се шири низ континентот.
„Mycoplasma pneumoniae“ обично се јавува како лесна болест слична на грип, а заразените страдаат од треска, замор, главоболка, болки во грлото и долготрајна кашлица.
Случаите се најчести кај децата на возраст од шест до 12 години.
Експертите ја нарекоа оваа болест „атипична пневмонија“, бидејќи пеницилинот, вообичаен антибиотик кој вообичаено помага во заштитата од бактериски инфекции, нема ефект.
Сепак, вишиот истражувач на SSI, Хана-Дорт Емборг, рече дека избувнувањето не е невообичаено и било предвидено од експертите подолго време.
Таа рече дека Данска обично страда од епидемија на микоплазма пневмонија на национално ниво на секои четири години, обично во есен и рана зима.
„Во последните четири години бројот на инфекции со микоплазма е исклучително низок и затоа не е невообичаено што сега имаме епидемија. Всушност, ова го чекавме откако ја затворивме земјата по пандемијата на коронавирусот“, рече таа.
Како и кинеските здравствени власти, Емборг рече дека неодамнешниот бран на случаи може да биде поголем од вообичаеното бидејќи децата не биле изложени на вирусот за време на пандемијата.
SSI додаде дека ова не е само појава во Данска и дека, освен во Кина, зголемување на инфекциите со микоплазма е забележано и во Шведска и Сингапур.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото+видео) Опасна бура во Словенија: паѓаше град со големина на јајце, издадено портокалово предупредување

Словенија е погодена од силни бури придружени со силни налети на ветер, поројни дождови и град.
Сообраќајот во земјата е забавен, а Агенцијата за заштита на животната средина издаде портокалово предупредување за целата територија.
Од агенцијата посочуваат дека поради дождот може да дојде до задржување на вода и зголемување на реките.
На објавите на социјалните мрежи се гледа дека паѓал град со големина на јајце.
Според објавите и коментарите, најлошото било околу Шемпетер во долината Савиња.
Како што јавува ТВ Словенија, во текот на вечерта бурата постепено ќе ослабне , најдоцна на истокот од земјата.
Бура пристигнува и во Хрватска
Силна бурна ќелија, која пристигна преку брегот од Италија, се движи кон внатрешноста на Хрватска, придружена со врнежи од дожд, силни налети на ветер и локален град.
Водна пијавица е снимена над морето во близина на Умаг. Се очекува активноста на бурата дополнително да се интензивира во наредните часови.
Управата за заштита на животната средина издаде портокалова тревога за регионите Риека, Карловац и Загреб поради локално можни грмотевици со привремено силни до бурони ветрови, а можна е и појава на град.
Европа
Колона долга околу 700 километри забележана на автопат во Франција

Колона долга речиси 700 километри е забележана денеска на автопат во Франција, додека вкупната должина на сите колони на патиштата во земјата изнесуваше 1.051,6 километри во време на зголемен сообраќаен интензитет поради летните одмори и смената на туристи, што колоквијално се нарекува „Црна сабота“.
Како што извести BFM TV, сообраќајот на патиштата во Франција дополнително бил забавен поради две сообраќајни несреќи на автопатот кон Медитеранот и Атлантскиот Океан.
Според податоците на Bizon Futé, француската агенција за следење на состојбата на патиштата, до 7 часот утрово колоните биле подолги од 200 километри, а до 10 часот веќе надминале 570 километри.
Како што беше соопштено, гужвите се во согласност со прогнозите на агенцијата, која предупреди на „исклучително тешки сообраќајни услови“ за оваа сабота, а врвот на метежот се очекува околу пладне.
Сообраќајот во правец кон Алпите исто така е интензивен и загушен, со задржувања од час и 45 минути во тунелот Мон Блан во правец кон Италија
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.