Свет
Тензиите растат: Северна Кореја ја зајакнува својата армија и доставува ново оружје на границата со Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја повика севернокорејската армија да биде подготвена да одговори на секоја провокација од непријателот, објавија денеска севернокорејските државни медиуми кога Пјонгјанг објави дека ќе распореди посилни вооружени сили и ново оружје по должината на границата со Јужна Кореја.
За време на посетата на командата на воздухопловните сили на Северна Кореја на Денот на воздухопловците, Ким презентира упатства за подобрување на борбените способности на војската, објави новинската агенција КЦНА.
Ким наведе оперативни и тактички мерки за да се спротивстави на, како што вели, „секаква воена провокација и закана на непријателот веднаш и насилно“, според КЦНА, пренесе „Ројтерс“.
Севернокорејскиот лидер потоа присуствуваше на демонстративен лет на воздухопловните сили. На фотографиите објавени од државните медиуми се гледаат Ким и ќерка му, облечени во долги кожени јакни, го гледаат авионот како полетува.
Ким ги пофали воздухопловните сили за, како што рече, „целосната подготвеност за извршување на борбената мисија“ под сите услови. Тензиите на Корејскиот Полуостров се зголемија кога Северна Кореја лансира воен сателит во орбитата минатиот месец, што ја натера Јужна Кореја да ја суспендира клучната клаузула од меѓукорејскиот воен договор од 2018 година.
Пјонгјанг оттогаш објави дека повеќе не е обврзан со договорот. САД и нивните сојузници остро го осудија лансирањето на првиот воен сателит на Северна Кореја во орбитата како кршење на резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Пјонгјанг, сепак, најави дека ќе лансира уште воени сателити. Во четвртокот САД воведоа нови санкции кон Северна Кореја поради лансирање сателит. Јужна Кореја исто така воведе санкции кон Северна Кореја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Мал авион се сруши на пат во Италија – загинаа две лица

Тешка авионска несреќа се случила вчера во италијанската покраина Бреша, кога ултра лесен авион се срушил во местото Ацано Мела, близу сообраќајниот јазол Корда Моле, кој ги поврзува автопатите А4 и А21. Двете лица кои биле во авионот починале на лице место, пренесе RaiNews.
Авионот полетал од Пјаченца, а по неколку часа властите ги идентификувале жртвите – се работи за 75-годишен маж од Милано и неговата 60-годишна партнерка.
✈️🔥 A plane crashed onto a busy highway in Italy — several cars passed through a wall of fire
According to Brescia Today, the cause of the crash remains unknown.
On board were a 75-year-old man and a 60-year-old woman. They both died. pic.twitter.com/65JdtqyS0D
— NEXTA (@nexta_tv) July 23, 2025
Во несреќата индиректно учествувале и двајца возачи на автомобили. При падот, авионот се запалил, а автомобилите во тој момент поминувале низ местото на несреќата и минале низ пламенот.
Снимка од падот на авионот се прошири на социјалните мрежи.
Еден од возачите, 56-годишен маж, бил пренесен во болницата Полиамбуланца во Бреша како мерка на претпазливост, иако немал видливи повреди. Другиот возач, стар 49 години, бил прегледан на лице место и не било потребно да биде хоспитализиран.
Јавното обвинителство во Бреша побарало помош од воздушната полиција од Милано за да се утврдат сите околности околу падот. Истрагата е во тек и има за цел да ги разјасни причините и динамиката на оваа трагична несреќа.
Свет
Русија и Украина почнаа мировни преговори во Истанбул – Кремљ: Ќе бидат тешки

Русија и Украина денеска ја почнаа третата рунда директни мировни преговори во Истанбул, јавува руската новинска агенција ТАСС.
Делегациите на двете земји веќе пристигнаа во главниот град на Турција, но и двете страни предупредуваат дека разговорите нема да бидат лесни.
Од Кремљ порачаа дека процесот ќе биде сложен, а украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговите очекувања не се високи, бидејќи разговорите за прекин на огнот не се на дневен ред.
Според Зеленски, денешната средба треба да се фокусира на теми како враќањето на украинските воени заробеници и децата кои, како што тврди Киев, биле одведени од Русија. Покрај тоа, ќе се разговара и за можноста за организирање лидерска средба на претседателско ниво.
Претходните две рунди преговори, одржани во Истанбул на 16 мај и 2 јуни, не донесоа напредок во однос на прекин на огнот. Единствен резултат од тие средби беше договор за размена на заробеници и враќање на телата на загинатите војници.
Мировниот процес, според дипломатски извори, бил поттикнат и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој неодамна јавно го критикуваше Кремљ за недоволен ангажман околу прекинување на војната, најавувајќи и нови санкции доколку нема резултати.
Украина бара итен и безусловен прекин на огнот како основа за натамошни разговори. Русија, пак, и натаму стои на своите барања – вклучувајќи целосно повлекување на украинските сили од источните територии што Москва ги анектираше.
Руската делегација повторно ја предводи претседателскиот советник и поранешен министер за култура, Владимир Медински. Од украинска страна, делегацијата ја води поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој сега е на чело на Советот за национална безбедност и одбрана.
Свет
Страшни сведоштва од болница во Сирија: „Пукаа во пациентите додека спиеја“

Силите на сириската влада се обвинети за масакр во болница во јужната провинција Суеида, за време на судирите што почнаа пред нешто повеќе од една недела. Новинар на „Би-би-си“ ја посети Националната болница во Суеида, каде што медицинскиот персонал тврди дека војници ладнокрвно убивале пациенти во болничките оддели.
„Тоа беше масакр“, изјави д-р Висам Масуд, неврохирург во болницата.
„Војниците дојдоа со тврдење дека носат мир, а убија десетици пациенти, од најмлади до најстари.“ Докторот споделил и снимка што наводно го прикажува моментот по нападот – на видеото се гледа жена која се движи низ болницата, додека на подот лежат тела на пациенти, завиткани во крвави чаршафи.
Сите – лекари, медицински сестри и волонтери – ја раскажуваат истата приказна. Тврдат дека минатата среда навечер, владините сили на Сирија насилно влегле во болницата, насочени кон верската заедница на Друзите, и таму извршиле масовни убиства.
„Кој е нивниот грев? Само тоа што се малцинство во демократска земја?“, прашува волонтерката Кинес Абу Мотаб.
„Тие се криминалци. Тие се чудовишта. Немаме ни трошка доверба во нив“, рече Осама Малак, наставник по англиски, пред влезот на болницата.
„Му пукаа во глава на осумгодишно дете со инвалидитет. Болниците според меѓународното право треба да бидат заштитени, но тие не поштедија никого – влегоа и почнаа да пукаат на сите. Пукаа во луѓе додека спиеја во креветите.“
Сите вклучени страни во овој конфликт се обвинети за злосторства – и бедуинските и друзиските борци, како и сиријската армија. Се зборува за убиства на цивили и егзекуции без судење. Сѐ уште нема независно потврдена слика за тоа што точно се случило во болницата. Неформални проценки велат дека бројот на загинати минатата среда надминува 300, но овие бројки засега не се официјално потврдени.
Сириското Министерство за одбрана објави дека е запознаено со извештаите за „шокантни прекршувања“ од страна на лица во воени униформи во Суеида. Министерот за управување со катастрофи, Раед Салех, изјави дека сите обвинувања за злосторства ќе бидат темелно истражени.
Пристапот до Суеида е строго ограничен, што го отежнува прибирањето директни докази. Градот е речиси под опсада, со тоа што владините сили го контролираат влезот и излезот. Новинарската екипа на „Би-би-си“ морала да помине бројни контролни пунктови. На влезот во градот, сведочеле за уништени продавници и згради, како и автомобили здробени од тенкови – доказ за жестоки борби меѓу друзиските и бедуинските борци.
Иако владините сили повторно презедоа контрола над неколку друзиски села, самиот град Суеида, со над 70.000 жители, и натаму останува под целосна контрола на Друзите.