Регион
Лавров: Ситуацијата во ОБСЕ, како и со Косово – првин се постигнува договор, па почнува саботажа
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, рече дека она што се случува во врска со ситуацијата во Белград и Приштина се вклопува во трендот што го забележуваме кога станува збор за ситуацијата во ОБСЕ – првин се постигнува некаков договор, тогаш се слави резултатот, а потоа набљудуваме како почнува процесот на саботажа.
Како што рече, има многу договори кои се постигнати под покровителство на ОБСЕ, а потоа Западот методично ги урива.
„Кога станува збор за случајот со Србија и Косово, се сеќавам дека едно време ЕУ, како главен посредник, и на покана на Генералното собрание на ОН, бидејќи таа меѓународна институција побара Брисел да биде посредник во воспоставување мостови меѓу Белград и Приштина, таа во 2013 година, односно пред 10 години, свечено објави дека е постигнат договор за формирање заедница на српски општини. Ништо не се случи, а луѓето што беа назначени во Приштина да управуваат со таа српска област категорично одбиваат да го спроведат тој договор. А што прави ЕУ – дали мислите дека бара од нив да се однесуваат пристојно? Не, тие бараат од Србија да го смени ставот, згора на тоа, изготвен е нов документ за создавање ЗСО, кој драстично се разликува од она што го договорија Белград и Приштина пред 10 години. Тоа е многу слично на многу договори постигнати под покровителство на ОБСЕ“, рече Лавров на прес-конференција во Скопје, каде што учествува на министерскиот самит на ОБСЕ.
Зборувајќи за членството на Србија во ЕУ, Лавров рече дека Брисел постојано го условува Белград дека нема да се отвораат нови поглавја додека Србија не ги приближи своите надворешнополитички позиции до оние на Брисел, вклучително и прашањето за воведување санкции кон Русија.
„Таква е убедливата моќ на ЕУ. Велат и дека нема да ве примаат во ЕУ додека не го признаете Косово. Или можеби не мора да го признаете Косово, но потоа барем да дозволите Приштина да се приклучи на меѓународните организации. Дали сте сериозни?“, запраша Лавров.
Тој рече и дека е многу загрижен за ситуацијата со српскиот народ.
„Додека работев како постојан претставник на Русија во ОН во Њујорк, патував во Босна и Херцеговина, Хрватска, Белград, видов сè што му направија на Белград. И сега истите тие луѓе велат дека војната во Украина е првата што е почната на територијата на Европа, а во 1999 година немало таква војна во Европа. Се сеќавам како тогаш се изразуваа американските и англиските медиуми – на многу насловни страници пишуваше дека покајанието на Србите ќе го исчисти српскиот народ. Сега таквата линија продолжува не само кон Србија туку и кон Република Српска, односно кон сите оние што размислуваат за сопствените интереси и кои сакаат да си го зачуваат достоинството“, рече шефот на руската дипломатија.
Западот едни охрабрува, на други им се заканува, ја пренесува „Спутник“ изјавата на Лавров.
Лавров изјави дека народите на балканските земји нема да дозволат Западот да ги сврти народите еден против друг.
„Во интерес на Западот беше да ја уништи Југославија, никому на Балканот не му требаше таква обединета сила, Западот отсекогаш сакаше да сврти една нација против друга на Балканот и тоа продолжува успешно да го прави и денес. Сепак, сигурен сум дека во текот на нивната долга, тешка, но славна историја, народите на балканските земји сепак развиле некој генетски код во себе и дека на крајот нема да дозволат да бидат навредувани, нема да дозволат нашите колеги од Западот постојано да свртуваат една земја против друга, еден народ против друг“, рече Лавров на прес-конференција во Скопје.
Тој истакна дека западните земји „охрабруваат некои етнички групи на Балканот и заземаат агресивен, диктаторски став кон другите барајќи да се приклучат на санкциите против Русија пред да биде предоцна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Снегот во Сараево сруши дрво врз жена: од повредите почина
Трагедија се случи утрово во населбата Грбавица во Сараево кога дрво падна врз жена. Жената им подлегна на тешките повреди и покрај напорите на лекарите, објавува „Avaz.ba“.
Несреќата се случила во утринските часови кога бор, висок повеќе од 10 метри, паднал врз жената. Таа веднаш била однесена во болница со повреди на главата опасни по живот.
Лекарите не можеле да ѝ го спасат животот и таа починала кратко потоа.
Снегот што паднал во текот на ноќта создал големи проблеми низ цела Босна и Херцеговина, пренесуваат медиумите во регионот.
Регион
Србин кој загина во пожар во Швајцарија е прогласен за херој: Се вратил во барот за да ги спасува гостите
Четириесет лица ги загубија животите, а повеќе од 100 беа повредени во ужасниот пожар што го зафати барот Le Constellation во швајцарскиот скијачки центар Кранс-Монтана на новогодишната ноќ. Меѓу жртвите е и Стефан И. (31), обезбедување кој стана херој откако спасил неколку гости од пожарот, но, за жал, не можел да се извлече од него, пишува швајцарскиот портал „Блик“.
Стефан И. работел како обезбедување. Кога избувнал пожарот, тој мирно почнал да ги турка гостите на безбедно. Како што објавија медиумите, откако извадил неколку луѓе, се вратил во објектот зафатен од пламен за да спасува уште луѓе. Тој несебичен чин го чинел неговиот живот, пренесе „Индекс“.
🔴🇨🇭 FLASH INFO – Une vidéo capture le départ de l’incendie au bar « Le Constellation » à Crans-Montana (VS), alors que le plafond s’embrase.#Suisse #CransMontana #Incendie
pic.twitter.com/f6IL9NYuyK— Media Express (@media_express_e) January 1, 2026
Французинката која успеала да избега на време го опишала обезбедувачот како личност која „без двоумење се соочила со опасност за да ги заштити другите“, истакнувајќи ја неговата извонредна храброст и саможртва во средината на тоталниот хаос.
Стефан, Србин по потекло од Ваљево, живеел во Швајцарија 20 години, каде што имал и државјанство. Неговото семејство се надевало до последен момент дека тој преживеал.
Регион
Се очекуваат многу опасни услови за возење во делови од Србија, се испаќаат СМС пораки до граѓаните
Српскиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) денеска соопшти дека е активиран системот за испраќање СМС информации за итни случаи до граѓаните поради леден дожд што се очекува од 5 до 7 јануари во Срем, Белград, Јужен Банат, Поморавље, источна, западна и делови од југозападна Србија.
Во итното предупредување, наведено е дека се очекуваат многу опасни услови за возење во наведените подрачја и ги советуваат граѓаните да не тргнуваат на пат без поголема потреба како и да се подготват за можни прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Според податоците на РХМЗ, во Белград паѓа снег, а паѓа и во Нови Сад, Зрењанин, Сремска Митровица и Ваљево. Се очекува формирање или зголемување на снежната покривка да биде од 10 до 20 сантиметри, а локално и повеќе. Градскиот превоз во Белград се одвива со големи проблеми.
ЈП „Патишта на Србија“ апелира до сите учесници во сообраќајот да не тргнуваат на пат без задолжителна зимска опрема освен ако е апсолутно неопходно, а доколку тргнат на пат да бидат особено внимателни поради лоши временски услови, да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да го прилагодат своето возење на условите на патот. Засега автопатиштата и сите државни патишта од прв и втор ред, како и приодите кон граничните премини и планинските центри се проодни за сообраќај.
Авиокомпанијата Ер Србија објави на социјалните мрежи дека снежните врнежи може да имаат влијание врз авиосообраќајот и дека нивните служби прават се за да ја зачуваат редовноста.

