Македонија
Зајкова: Постигнат е договор за датум за одржување на изборите, останатите прашања остануваат отворени

Претседателката на Либерално-Демократската партија (ЛДП) Моника Зајкова, денеска по лидерската средба, нагласи дека согласно партискиот став и чистиот интерес на граѓаните, е постигнат договор за датумот за одржување на изборите – првиот круг на претседателските избори да се одржат на 24 април, а вториот круг на 8 мај заедно со парламентарните избори.
На лидерската средба се отвориле повеќе дискусии, меѓу кои и за нужните законски измени.
„Исклучително е важно отворено да се погледнеме во очи и да си кажеме дека со крајот на годината завршува и рокот кој Европската унија и го даде на Македонија за промена на Уставот, што значи најважно е да се договориме без калкулации и тактизирање, без лажни ветувања, за сигурна и безбедна европска иднина“, заклучува Зајкова.
Таа додаде дека уставни измени ќе има независно од тоа кога ќе се одржат изборите, а со тоа, се запознаени и претставниците на опозицијата, но поради предизборен маркетинг, свесно го кочат процесот.
Зајкова оцени дека демократскиот и лидерски капацитет ќе се демонстрира само ако без уцени се постигне договор и за Изборниот законик, како и за евроинтеграциите, порачувајќи дека ЛДП како партија која се залага за напредок ќе даде поддршка само на она што значи прогрес во евроинтеграциите.
Нагласи дека потребно ќе биде и да се направат измените на Изборниот законик според препораките на ОБСЕ-ОДИХР.
„ЛДП не отстапува од својот став и на денешната средба, го отвораме прашањето за една изборна единица, 50-50 проценти застапеност на жени и мажи и отворени листи, за да добиеме поправеден и поквалитетен парламентарен состав. За прашањето за техничка Влада, ќе остане да се решава за наредните избори, додека овие ќе се одржат според претходно договореното“, појасни Зајкова.
За настапот на ЛДП и на претстојните избори, но и за тоа дали ЛДП ќе истапи со сопствен кандидат за претседателските избори, партијата дополнително ќе одлучи во рамки на телата и органите на партијата, откако ќе се поминат сите партиски процедури и ќе се изврши соодветна проценка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чекање до 45 минути на Табановце и Пелинце, а на Богородица околу 30 минути

Со зголемувањето на летните одмори и интензивните туристички патувања, на македонските гранични премини повторно се бележат големи гужви. Најголемиот притисок се чувствува на ГП Табановце и ГП Пелинце, каде времето на чекање изнесува околу 45 минути, додека на ГП Богородица возачите чекаат околу 30 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини засега нема подолги задржувања за влез и излез од земјава, но надлежните предупредуваат дека состојбата може брзо да се промени со оглед на високата фреквенција на сообраќај.
Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози, но апелираат до возачите на зголемена претпазливост, особено во критичните делници низ планински и речни региони.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење според условите на патот и да ја почитуваат поставената сигнализација. Особено внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои можност од одрони“, изјавија од АМСМ.
Најмногу возила има од и кон Србија и Грција, а засилено движење се очекува и во текот на викендот, кога се очекува нов бран на заминувања и враќања од одмор.
Македонија
Денес сончево и топло, попладне дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне претежно во северните делови ќе има услови за локална нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен јужен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Кон крајот на денот ветерот ќе го промени правецот во северен. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 23, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и топло, попладне со умерен развој на нестабилна облачност. Во делови од котлината ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен, а кон крајот на денот од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 22, а максималната ќе достигне до 38 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) од утре ќе настапи позначителна промена на временската состојба. Ќе преовладува променливо облачно, нестабилно и посвежо време со услови за повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни и проследени со грмежи, особено во вторник.
Дневната температура ќе биде во опаѓање и до средината на следната седмица се очекува да опадне за 8 до 10 степени во споредба со денешната.
Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.