Европа
Тис: Доколку избие војна во Европа, ќе се браниме со камења
Очајот во европските метрополи кога станува збор за воено индустриското производство само расте, анализираат медиумите во регионот.
Според написите, европските резерви на оружје во голема мера се на рекордно ниско ниво, а брзото започнување на воената индустрија која би почнала да произведува доволно количество оружје и опрема за краток временски период не е возможно по толку многу децении запоставување.
Потврда за тоа колку е мрачна ситуацијата во овој поглед доаѓа од Белгија. Имено, на белгиската армија и недостигаат оружје и пари, поради што војниците „би требало да фрлаат камења“ набргу по почетокот на каков било конфликт, изјавил поранешен висок припадник на белгиската армија, генерал Марк Тис, пренесува „Политико“.
Тис, кој неодамна се пензионираше со чин генерал-полковник, во вторникот на јавниот сервис „ВРТ“ вели дека обезбедувањето на залиха оружје за одбрана од напад кој би траел до два месеци ќе бара инвестиција од 5 до 7 милијарди евра, што е многу повеќе отколку што моментално издвојува локалната власт.
„Доколку избие војна овде, ќе мораме да фрламе камења по само неколку часа поради недостаток на оружје“, рече Тис.
„Политико“ оценува дека недостигот на оружје ја остава Белгија со војска од каменото доба.
Откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари минатата година, западните влади го снабдуваат Киев со оружје за да му помогнат да ги одврати нападите на Москва и да ја зајакне нејзината одбрана.
Сепак, производителите на оружје во европскиот блок се борат да го зголемат капацитетот за да го обноват производството и да ги задржат залихите кои се исцрпуваат бидејќи оружјето се испорачува на исток, особено кога станува збор за муниција од 155 милиметри. Ова значи дека Европската унија речиси сигурно ќе пропадне кога станува збор за исполнување на целта што си ја наметна во однос на испораките за Украина, се забележува во написите.
Иако нападот врз Белгија е малку веројатен, недостигот на оружје ја става во фокус одржливоста да се продолжи со снабдување со оружје за Украина доколку залихите на земјата се исцрпат до максимум.
Во ноември, кратко по пензионирањето на Тис, белгиската влада потпиша дводецениски договор со локалниот производител на оружје „FN Herstal“, вклучувајќи и муниција, но испораката на договорените количини ќе потрае.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Германците објавија план во случај на војна со Русија
Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и воени сценарија кои директно би влијаеле на земјата. Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.
Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза. Неодамна во Хамбург се одржа средба со претставници на логистички компании, на која воените власти презентираа насоки за подготовка во кризни ситуации. Беше истакнато дека логистиката ќе има клучна улога во овозможување мобилизација на силите и зачувување на стабилноста во земјата. Според ФАЗ, Бундесверот составил листа на приоритетни објекти и инфраструктура кои треба да бидат заштитени во случај на војна, вклучувајќи транспортни центри, магацини и енергетски системи.
Според сценариото кое предвидува одговор на НАТО на потенцијален конфликт со Русија, планирана е мобилизација на дури 800.000 војници и 200.000 возила преку германска територија. Јасно е дека за таква операција е потребно исклучително прецизно планирање и координација со цивилниот сектор, пишува ФАЗ.
Овие мерки доаѓаат во контекст на растечките геополитички тензии, особено по руската инвазија на Украина.
Освен Германија, други европски земји ги засилуваат подготовките за непредвидливи сценарија. Нордиските земји, како што се Шведска, Финска и Норвешка, исто така ги советуваат своите граѓани како да се подготват за потенцијални кризни ситуации, вклучително и обезбедување основни залихи со храна и вода.
Германското Министерство за одбрана редовно ги ажурира своите планови, приспособувајќи ги на промените во безбедносната средина.
Европа
Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев
Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се на извори.
„Беше планирано да се одржи седница на Врховната Рада на 22 ноември, на која пратениците требаше да поставуваат прашања до владата, но сè беше откажано поради безбедносни причини“, објави Суспилне. На пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев, а според некои од нив, следната седница на украинскиот парламент не е закажана до декември.
Одложувањето дојде откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиско обраќање објави дека Русија вчера истрела хиперсонична балистичка ракета со среден дострел врз украински воен објект, како одговор на употребата на американски и британски ракети од Киев за гаѓање цели на руска територија.
Путин посочи дека „во случај на ескалација на агресивни дејствија“ би можеле да следат уште такви потези. Предупредувањата за големи ракетни напади ги натераа американските и другите амбасади во Киев да ги затворат своите врати во средата.
Еден опозициски член на парламентот, Олексеј Хончаренко, изрази фрустрација поради откажувањето на седницата во објава на апликацијата за пораки Телеграм, велејќи дека тоа е изгубена можност да се поставуваат прашања на владата.
Европа
НАТО: Новата руска ракета нема да нè одврати да ја поддржиме Украина
Експерименталната ракета со среден дострел истрелана од Русија кон Украина нема да влијае на текот на војната или на поддршката на НАТО за Киев, изјави портпаролката на алијансата.
Портпаролката на НАТО, Фарах Даклала, изјави за АФП дека рускиот напад во четвртокот на Днепар е „уште еден пример за руски напади врз украинските градови“, додавајќи:
„Користењето на овој капацитет нема да го промени текот на конфликтот или да ги одврати сојузниците од НАТО да ја поддржат Украина“.