Македонија
Бочварски од Министерскиот Совет: Македонија напредува со транспортната политика и приближување кон ЕУ
Меѓузависноста на нашите земји не поттикнува да спроведуваме мерки и политики што ќе го олеснат транспортот и трговијата и ќе ја зголемат регионалната соработка, како предуслов за заеднички пазар, интеграција и членство во Европската Унија, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на Министерскиот Совет кој деновиве се одржува во Скопје.
Тој го потенцираше значењето на регионалната соработка, заедничките проекти и инвестициите за развој на коридорите во насока на забрзана интеграција на регионот и приближување до европските стандарди и крајната цел, членство во Европската Унија.
„Република Северна Македонија има значителен напредок во усогласување на транспортната политика со законодавставото на Европската Унија. Во текот на летото земјава успешно ги заврши билатералните скрининзи со Европската комисија за поглавјата 14 – Транпортна политика и 21 – Транс-европски транспортни мрежи. Силен напредок постигнавме во делот на железничкиот систем каде го донесовме Законот за железнички систем со кој овозможуваме либерализација на железничкиот пазар, забелешка која беше нотирана и во изминатите извештаи на Европската Комисија.“ – изјави министерот Бочварски.
Дополнително, тој даде и посебен фокус на инвестициите кои државата ги реализира на главните Коридори кои минуваат низ Северна Македонија.
„Во делот на железничкиот Коридор 8 веќе ја градиме првата и втората фаза од источниот дел од Коридорот, делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка, инвестиција над 200 милиони евра, а до крајот на годината ќе го распишеме јавниот повик и за третата делница од Крива Паланка до ГП Деве Баир, со што вкупната инвестиција ќе надмине 700 милиони евра.
Извршивме рехабилитација на триесеттина километри на пругата Неготино – Ногаевци.
Во делот на патната веќе привршуваме со рехабилитација на две делници на Коридорот 10, и тоа од Катланово до Петровец и од Демир Капија до Неготино. Исто така започнавме со изградба и на западниот дел на Коридор 8 до границата со Албанија. Кон исток привршуваме со изградба на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка и проширувањето до граничниот премин Деве Баир.“– истакна министерот Бочварски.
На Министерскиот Совет свое обраќање имаа и директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, Мона Бјорклунд од Директоратот за транспорт при Европската Комисија и министрите за транспорт и инфраструктура од земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.
Македонија
СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС да престанат да се однесуваат како хиени и чим дознаат за нечија смрт, да им се јавува павловиот рефлекс, и да се радуваат над нечија тажна судбина како што е случајот со новороденчето на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство. Тоа е важната разлика помеѓу оваа и претходната влада. Не е во ничиј интерес да се сокрие било што. Наместо сочувство до семејството, СДС прави политика од смртта на новороденчето. Тоа е за секаква осуда“, велат од партијата.

