Македонија
Царинската управа: Одземено товарно возило и стока во вредност од над 92.000 евра
Царински инспектори од Секторот за контрола и истраги од Царинската управа привремено задржаа товарно моторно возило со полуприколка, натоварено со алуминиумски котури во вредност од 92.635,70 евра, откако возачот на возилото – странски државјанин, при влез во Република Северна Македонија на ГП Богородица се обидел на царинскиот орган да му стави на увид транспортно средство на кое е поставено царинско обележје – пломба и овозможил отварање на делот од возилото во кое е сместена стоката.
Имено во петокот, на 8 декември, царинските инспектори на ГП Богородица селектирале на детален преглед, товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин, кое транзитирало од Република Грција до Република Германија. Притоа е утврдено дека сајла со поголема должина е намотана на задниот дел кај рачките кој служат за затварање на приколката, а со самото подигање на металната шипка на која што е обвиткана ролетната, церадата се отвара без да се оштети царинското обележје – царинска пломба.
Со ваквата поставеност на сајлата, возачот направил можност за вадење или пак ставање на друга стока во возилото при премин на гранична царинска линија, со што се прекршува царинската регулатива.
Против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежниот суд за сторен прекршок по член 263 од Царинскиот закон, а согласно член 269 од Царинскиот закон, одземени се стоката и возилото – влекач и приколката и ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот, информираат од Царинската управа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР утврди неправилности: забавниот парк со панорамско тркало во Карпош ќе биде отстранет
Постапувајќи по допрен глас дека во Скопје, на подрачјето на Општина Карпош, поточно пред спортскиот центар Борис Трајковски без соодветни документи и потребни дозволи се поставени реквизити за забавен парк меѓу кои и панорамско тркало, полицијата излезе на лице место и презема конкретни соодветни мерки и активности од делокругот на својата надлежност и овластувања.
„Од страна на инспекциските служби поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ке бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, информираа од МВР.
За случајот, викендов алармираше Град Скопје, од кадешто беше истакнато дека фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, повикаа од Градот.
Македонија
Претрес и кај Иџет Мемети во случајот со барањето поткуп
Синоќа по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети во Тетово и претрес во службените простории на Советот на јавни обвинители.
Претресот е поради сомнеж дека Мемети заедно со врховниот судија, Наке Горгиев, имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности.
Мемети е и поранешен министер за правда, уставен судија, државен советник во Владата и член на Државната изборна комисија.
Судијата Наке Георгиев вчера беше приведен, откако бил фатен со мито.
Македонија
Османи изрази задоволство за донесената одлука за отворање на Aмбасада на Казахстан во Скопје
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Казахстан во Република Северна Македонија, Сатибалди Буршаков.
Министерот Османи изрази задоволство за донесената одлука за отворање на Aмбасада на Казахстан во Скопје, при што беше констатирано дека ваквиот потег ќе придонесе кон продлабочување на односите меѓу двете земји.
Соговорниците го поздравија и досегашниот развој на билатералните односи и разговараа за потенцијалите за натамошно унапредување на севкупната соработка, со посебен акцент на можностите за зајакнување на соработката на полето на економијата, трговската размена, туризмот, културата и образованието.