Европа
Европската комисија објави листа на лекови од клучно значење за ЕУ
Европската комисија денеска ја објави првата листа на лекови од клучно значење во Европската унија.
Тој список е важен дел од напорите на Брисел, во рамките на Европската здравствена унија, да им обезбеди на пациентите лекови што им се потребни, преку обезбедување на снабдување со клучни лекови и спречување на недостиг, според Ројтерс.
Списокот, направен во соработка со Европската агенција за лекови (ЕМА) и Мрежата на менаџери на агенции за лекови на земјите-членки на ЕУ (ХМА), е дел од пошироките измени на законот, кои го регулираат пазарот на ЕУ од 136 милијарди евра од фармацевтската индустрија.
Тоа е најголемата ревизија на постоечките медицински закони во последните две децении, според Ројтерс.
„Вклучувањето на оваа листа не е показател дека лекот ќе доживее недостиг во блиска иднина. Напротив, тоа укажува на критичната важност да се спречи недостиг од такви специфични лекови“, соопшти Комисијата.
Списокот, објавен од Европската агенција за лекови, вклучува широк спектар на есенцијални, генерички лекови од основни антибиотици како што е амоксицилин, лекови против болки како морфин и инсулин што се користат за лекување на дијабетес.
На списокот, меѓу другото, се и некои вакцини против сипаници, хепатитис Б и тетанус, наведува Ројтерс.
Комисијата најави дека оваа листа ќе се објавува во фази и дека во 2024 година списокот ќе продолжи и ќе се прошири за да вклучи и други одобрени лекови во ЕУ кои моментално не се вклучени во првата верзија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.