Македонија
(Видео) Ковачевски од Брисел: По успешниот скрининг, процесот ќе продолжи и ќе резултира со членство на Северна Македонија во ЕУ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Брисел учествува на Самитот на Европска Унија-Западен Балкан. Пред почетокот на работните сесии од Самитот, во изјава за медиумите, премиерот Ковачевски посочи дека овој Самит е исклучително значаен бидејќи на едно место ќе бидат Европскиот Совет и земјите од Западен Балкан, а на кој ќе се разговара за соработката со ЕУ, за заедничката надворешна политика, како и за проширувањето на ЕУ.
„Ние сме земја која е со комплетно усогласена надворешна политика. Секако една од темите ќе биде новиот план за забрзан раст за Западен Балкан, на кој во детали ќе разговараме за подготовките кои се направени. Северна Македонија заврши успешен скрининг процес кој е признаен од ЕУ, но и сите знаете дека има уште една обврска која треба да ја завршиме и таа сега зависи од нас. Да имаа придонес сите политички актери во нашата држава позиција како што има владејачката коалиција, денес ќе беше и подруга ситуација. Ние ќе зборувавме за отворање на поглавјата и кластерите меѓутоа секако дека таа дискусија ќе продолжи. Процесот ќе продолжи и неминовно ќе заврши со влез на Северна Македонија во Европската Унија“, изјави премиерот Ковачевски.
Во однос на прашањето од медиумите дали Северна Македонија и Албанија може да бидат одвоени во оваа фаза на евроинтегративниот процес, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија и Албанија заедно го започнаа скрининг процесот пред година и пол и дека секоја земја согласно своите перформанси, согласно усогласеноста со ЕУ напредува во процесот на европската интеграција.

На новинарско прашање дали постои оптимизам дека уставните измени ќе се случат до крајот на мандатот на Владата, премиерот Ковачевски потенцираше дека тоа е обврскa која е јасно нотирана во извештајот на Европската Комисија.
„Гледате дека и во самите предлог заклучоци стои, дека штом Северна Македонија ги донесе тие амандмани во Собранието, веднаш ќе биде одржана втората меѓу владина конференција. Се она што јас го зборував во текот на изминатите годiна и пол, се потврди како точно. И се потврди уште нешто како точно, дека во нашата држава имаме два блока, еден европски блок кој што се залага за интеграција на државата во ЕУ. И имаме втор блок, кој токму денес се гледа дека работи против интеграцијата на земјата во ЕУ, а претходно работеше против интеграцијата на земјата во НАТО. Ние секако дека ќе продолжиме со реформите, а процесот на уставни измени е процес кој ќе продолжи, кој е неминовен и кој на крај ќе резултира со успех, успешно завршување на преговорите и да станеме членка на Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Филипче докажува секој ден дека само ги исполнува желбите на Заев, оваа политика значи крај за СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Венко Филипче воопшто не е заинтересиран ниту за партијата, уште помалку за граѓаните и државата. Филипче секој ден се интересира само за една работа, а тоа е како да ги задоволи желбите на Зоран Заев и како заедно со него да го минува времето во луксузни вили, јахти во соседството или во Дубаи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче да беше малку заинтересиран за јавното добро за почеток ќе направеше нешто добро за СДС, ќе започнеше со консолидирање на партијата, поставување на нови и квалитетни кадри. И доколку Филипче почнеше да прави нешто добро за партијата во државава ќе имаше здрава опозиција.
Филипче и Заев не се никакви партиски другари кои работат за добро на членството, на партијата, државата. Филипче и Заев се друштво заинтересирано за лични цели, па ја држат во заложништво и СДС.
Филипче покажа и докажа дека не сака силен СДС, туку сака само да му удоволува на Заев. Токму затоа се додека Филипче и Заев заедно ги влечат конците во СДС единствен резултат ќе бидат расипнички политики. Токму затоа оваа политика ќе значи крај за СДС“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Го турнале на земја, го удирале со клоци, го ограбиле, па се обиделе да му го скршат мобилниот телефон: eден осомничен за разбојништво во Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 од Кривичниот законик.
Делото го извршил заедно со уште едно лице по кое се трага. На 15 ноември, спроти еден трговски центар во Скопје, двајцата следеле еден оштетен. Во еден момент осомничениот со тупаница го удрил оштетениот по главата, а другиот напаѓач му се заканил со боксирач.
Претурајќи по јакната на нападнатиот пронашле и одзеле 8.800 денари. Го турнале на земја, го удирале со клоци и се обиделе да му го скршат мобилниот телефон, по што избегале.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот 43-годишник.
Македонија
Наутро услови за магла, во текот на денот претежно облачно
Наутро по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 16 до 19 степени.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде претежно облачно. Ќе дува умерен до засилен јужен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на нестабилно време со појава на магла во утринските часови. Од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни (над 30 l/m²). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а долж Повардарието од југоисточен правец (над 60 km/h).

