Македонија
Демократски е ставот на Заев за одбрана на Анѓушев, но Ковачевски ги охрабри институциите да постапат и да побараат информации од САД
Одбраната од експремиерот Зоран Заев за поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев откога САД го стави на црна талиста, сегашниот премиер Димитар Ковачевски вели дека е легитимен и демократски став. Тој не сакаше да ги коментира ставот на Заев и влијанието на тој став врз партијата СДСМ, но ги повика домашните институции, доколку сметаат дека е потребно, да побараат информации од институциите во САД.
„САД се наш стратешки партнер. Тие своите одлуки ги носат врз основа на информации и процедури што се спроведуваат во нивните институции. Јас во тоа не можам да навлегувам ниту, пак, имам информации. Ставовите на секого во ова демократско општество се легитимни, не би можел да дадам дополнителни коментари. Сепак, се работи за одлука на САД. Имаше и брифинг од нивата амбасадорка во Скопје. Она што останува е во согласност со нашите процедури во Северна Македонија, од наши институции, доколку сметаат дека има потреба да може и да побараат информации од институциите на САД во однос на процесите што тие ги водат“, рече премиерот Ковачевски по промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните (1948-2023)“.
Реакција од домашните институции за Анѓушев побара и министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа во ставањето на Анѓушев на црната листа не гледа задна намера од САД, туку смета дека е порака доашните институции да направат дополнителни проверки.
Во одбрана на Анѓушев отворено застана само поранешниот премиер Зоран Заев. Тој пред два дена ѝ се спротивстави на американската амбасадорка Анџела Агелер и во писмо до медиумите рече дека Кочо Анѓушев и неговиот тим биле едни од најпосветените и најспособни луѓе во Владата во периодот додека тој бил премиер.
САД на почетокот на месецот ги стави на црната листа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, неговата сопруга и двете деца поради значителна вмешаност во корупција. Амбасадорката Агелер, пак, оваа недела, на брифинг со неколкумина новинари рече дека за Анѓушев имаат цврсти докази во повеќе случаи и најави дека на листата ќе се најдат нови лица од Македонија. Агелер рече дека во земјата има епидемија на корупција, но изостанува реакција кај судската и извршната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

