Македонија
(Видео) „За бизнис од 600 милиони евра Јакимовски е претворен во портпарол на бизнис-коалицијата СДС и ДУИ“, вели Јаревски

„Коалицијата СДС, ДУИ и изведувачот Стевчо Јакимовски отворено се заинтересирани и фаворизираат бизнис вреден повеќе од 600 милиони евра за нова бетонизација на Карпош. Станува збор за изградба на висококатници и до 35 ката кај поранешна ‘Алумина’, а инвеститор е фирма во сопственост на семејството на пратеникот на власта – Исмаил Јахоски, поточно „Пуцко петрол’“, рече Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бизнис-интересот на СДС и ДУИ да се изградат 353.491 м2 станбено-деловен простор на ултралуксузна локација, со што од тој дел на Скопје ќе направат инфраструктурно тесно грло и ќе го отежнат живеењето како на потенцијално новите жители така и на постојните.
Зошто власта на СДС и ДУИ го турка овој проект? И зошто се ставени во неговата одбрана? Нафтената компанија „Пуцко петрол“ на Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, е компанијата што сака да ги гради висококатниците.
Бетонизацијата кај „Алумина“ е во директна корист за ДУИ. За бизнис од 600 милиони евра, Јакимовски е претворен во портпарол на оваа политичка бизнис-коалиција наречена СДС и ДУИ. За интерес од 600 милиони евра ќе има нова бетонизација на Карпош.
ВМРО-ДПМНЕ е отворено против и ќе ги спречи ваквите налудничави бизнис-планови на власта. Прашањето е колку од бизнисот над 600 милиони евра ќе заврши во приватни џебови на луѓе на власта“, прашува Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– Во периодот од 08:30 до 13:30 часот, корисниците од село Крушопек, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 13:00 часот, Дел од корисниците на ул.1 во село Копаница, општина Сарај;
– Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, корисниците на улиците Руди Чајавец, Милан Зечар, Коста Новаковиќ, општина Аеродром;
– Во периодот од 10:30 до 12:00 часот, корисниците на дел од село Бардовци, кај пругата, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно време, попладне дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи, информира УХРМ.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Градско – Прилеп

Сообраќајот на експресниот пат Градско – Прилеп од ноќеска, во 01:20 часот е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно од АМСМ информираа дека поради товарно моторно возило сообраќајот беше попречен и се одвиваше по стариот пат низ село Росоман.