Скопје
Ѓорѓиевски: Почнавме со проширување и реконструкција на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес, присуствуваше на почетокот на градежните активности за проширување и реконструкција на дел од градинката „Пеперутка 1“ во Драчево. Во овој објект, каде што се сместени јаслите и кој не е реконструиран повеќе од 50 години, секојдневието го поминуваат 90-ина дечиња. При посетата градоначалникот информира и за досегашните вложувања во предучилишното образование, отворањето на двете нови градинки во Усје и Драчево и најави изградба на уште една градинка во Расадник.
„Денес, почнуваме со реализација на проектот за проширување и реконструкција на дел од градинката ‘Пеперутка 1’ во Драчево, конкретно делот на јаслите, каде што 50-ина години не се извршени речиси никакви реконструктивни зафати. Се работи за простор во кој денот го минуваат 90-ина дечиња. За два месеца, колку што ќе траат градежните активности, тие ќе добијат квалитетни услови за престој, што е наша стратешка цел – и во оваа градинка и во сите други на територијата на општината Кисела Вода. Оттука, ќе потсетам дека во дворот на објектот ‘Кокиче’, чиј капацитет неодамна го проширивме за уште 90 дечиња, почнуваме со изградба на сосема нов објект ‘Верверичка’. Во овие две години отворивме две нови градинки, едната во Драчево и втората во Усје, а пред само неколку дена објавивме и дека се обезбедени финансиски средства за изградба на уште една нова градинка во Расадник.
За нашата посветена работа во насока на унапредување на условите на нашите најмлади, говорат и инвестициите во опрема на сите предучилишни образовни објекти на нашата територија со дидактички материјали, мебел, опрема, а за што издвоивме околу 17 милиони денари.
Доволен број градинки со квалитетни услови, соодветно опремени за да обезбедат позитивен детски развој се насоката кон која се движиме во целиот овој период. Имено, кога станав градоначалник на наследените листи за чекање имаше над 400 деца, сега таа бројка е двоцифрена, а тенденцијата е вакви листи воопшто да нема, што набргу ќе биде реалност. Предучилишниот период е многу значаен и претставува темел во формирањето на личноста на секој поединец, па наша обврска како локална самоуправа и моја како градоначалник е да овозможиме секое дете да може да го оствари ова право“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.

