Култура
Регионалната премиера на филмот „Кафе“ на осудениот ирански режисер Навид Михандост ја наполни салата во Кинотека

Актери, режисери, новинари, политичари, музичари, љубители на филмската уметност ја исполнија салата на Кинотека за проекцијата на филмот „Кафе“ на иранскиот режисер Навид Михадуст со кој започна специјалната програма на „Киненова“.
-Овде сум со срце полно со болка и гнев да бидам глас на угнетените и слободољубиви луѓе како мојот брат, рече во својата видео порака со која и се обрати на присутната публикапред проекцијата на филмот, сестрата на режисерот Навид, Неда Михадуст.
Приказната за филмот „Кафе“ е слична на она што му се случи на мојот брат во Иран, продолжи таа.
Државните органи за прогон во Иран, го повикаа мојот брат да соработува со нив, барајќи од него да биде во контакт со прочуената иранска новинарка и активист за женски права Масих Алинежад, за која тој снимаше филм во 2009-та година. Тој одби да соработува со нив и наместо тоа се надмудруваше со правосудниот систем за да купи уште малку време и да го направи филмот „Кафе“ што беше еден од неговите соништа за да ги прикаже сите неправди кои се случуваат во неговата земја Иран.
Неда Михадуст ја прочита и изјавата на нејзиниот брат, режисерот Навид Михандуст дадена специјално за оваа прилика до македонската јавност и публика.
-Многу сум среќен што го гледате мојот филм во Скопје, главниот град на Македонија, за што иразувам голема благодарност до г-дин Небојша Јовановиќ што ја организираше специјалната проекција за мојот филм „КАФУЛЕ“. Ја сакам и се восхитувам на уметноста во смисла дека таа е мост за комуникација со образовани и слободоумни луѓе ширум светот, мост кој ги надминува националните и јазичните бариери.
Имам измешани чувства во моментов додека мојот филм се прикажува пред вас и покрај фактот што неговиот режисер е затворен во затвор во Техеран. Од една страна сум среќен што мојот независен филм го продолжува својот динамичен живот надвор од ѕидовите на затворот во кој беше затворен неговиот творец, а од друга страна, жал ми е што ја изгубив можноста да уживам во радоста на комуникацијата и да ја видам реакцијата на македонската публика на мојот филм. Се надевам дека ќе дојде ден кога ниту еден филмски работник и уметник нема да биде затворен никаде во светот за снимање филм и искажување на своето мислење.
Да живее Иран. Да живеат жените, животот, слободата!, вели во својата порака Навид.
Специјалната програма продолжи викендов со проекција на „Фатална жена“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг, а неделава ќе може да се погледнат и награденоте филмови на осмото издание на фестивалот: шпанскиот филм „20 000 видови на пчели“ на Естибалиц Уресола Солагурен кој ја доби специјалната награда на жирито на фестивалот Киненова, украинскиот „Клондајк“ на Марина Ер Горбах кој ги доби наградите за најдобро сценарио и најдобра режија на МФФ Киненова 2023
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Недела на италијанскиот филм од 9 јуни во Кинотека

Од 9 до 14 јуни 2025 година ќе се одржи XXV издание на „Неделата на италијанскиот филм – ITALIAN SCREENS“.
Организиран од италијанската амбасада во Скопје, во соработка со Италијанскиот културен институт во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија, фестивалот е под покровителство на проектот ITALIAN SCREENS, проект за поддршка на интернационализацијата на италијанскиот аудиовизуелен сектор, чија цел е промовирањето на најдоброто од италијанската филмска продукција во странство и вклучува и алатки за поддршка на италијанската кинематографија како што се даночни кредити и средства за дистрибуција и копродукции.
На овогодишното издание ќе бидат прикажани шест од најуспешните филмски остварувања на современата италијанска кинематографија. Филмовите, сите дистрибуирани помеѓу 2024 година и првите месеци на 2025 година, се учесници на престижни меѓународни фестивали и добитници на значајни награди и признанија од критиката и јавноста.
Темата што совршено ги обединува насловите во програма е патувањето: интерпретирано во буквална смисла со значење на пат кон родната земја или далеку од неа – но исто така и како визуелно, внатрешно, егзистенцијално, временско или емоционално патување.
Во понеделник, 9 јуни, фестивалот ќе го отвори „Партенопе“ (2024), најновото ремек-дело на наградуваниот Паоло Сорентино: филм кој претставува единствен склоп на поезија, носталгија и љубов кон Неапол, родниот град на режисерот. Во центарот на наративот се наоѓа Партенопе, независна и антиконформистична жена, со магнетна убавина и вечен порив по знаење. Нејзиното егзистенцијално и симболично патување, обележано со значајни средби, љубови, пријателства и разочарувања, кое е длабоко испреплетено со она на Неапол, прекрасен и декадентен град, колку убав толку и проклет, кој во филмот станува своевиден лик, жив и неуморен.
Фестивалот ќе се затвори во сабота, на 14 јуни, со филмот „Дијаманти“ (2024), новиот кинематографски успех на Ферзан Озпетек, кој ја освои наградата „Давид Ди Донатело од гледачите“ оваа година. Сместен во римска кројачка работилница во 1974 година, филмот ја раскажува приказната за човечките и работните односи на група жени вклучени во кроењето филмски костими. Преку овој микрокосмос, Озпетек истражува универзални теми како што се борбата против патријархатот, потрагата по идентитет, љубовта и пријателството. Резултатот е хармонично и полицентрично дело кое го слави женското соучесништво и отпорност.
Сите филмови ќе се прикажуваат на оригинален јазик со титлови на македонски и на англиски јазик. Проекциите ќе се одржат во историската Кинотека на Република Северна Македонија и ќе започнуваат во 20:00 часот.
Култура
„Кратка меморија“ – нова книга од Милица Димитријовска-Радевска

Книгоиздавателството „Панили“ ја објави поетската книга „Кратка меморија“ пд поетесата Милица Димитријовска-Радевска.
Како што истакнува Весна Мундишевска-Велјановска, оваа книга е мемориски регистар на складирани податоци, настани, случки, размислувања, укажувања… сместени во ќелиите на меморијата на една временска рамка која, и покрај активното темпо на збиднувањата, сѐ повеќе ја губи суштинската комплексност, и бледнее присвојувајќи еднозначни карактеристики.
Во едноличноста на бинарното постоење, оваа меморија тежнее да ги заштити вредностите од нивната маргинализација, да го реституира и она малку човечко што останало во нежната душа на човекот, всушност – да го сочува сопствениот капацитет, дури и да се надгради себеси елиминирајќи ја опасноста од предзнакот „кратка“, нагласено е во рецензијата.
„Во силно апострофираната конкретност на живеењето опеана во стиховите од „Кратка(та) меморија“ зјаат бројни празнини на помнењето. Боли отсуството на топлина, неодлучноста, недовербата, суетата, вришти заборавеноста, живи рани отвора обезвреднувањето – „животот вреди 10 грама чоколадо“ („Вредност“)… Во време на дигитализација и актуелната електронска комуникација, се чини како човекот да се подзагубил, како попатно да си го загинал идентитетот, како да молкнал сред преплетените фрекфенции на празните муабети, како да го закочил срцето во пребрзото темпо на стрелките од часовникот виснат на ѕидовите од галеријата на новото време. Како да му се подизгребало огледалото на средбите, па сега двонасочноста на изустената срдечност се извиличила во бесрамна себичност на збунето човече кое станува „вретено без предено, чепорошка на исколвана суета“, нагласува Мундишевска-Велјановска во рецензијата за новата книга на Димитријовска-Радевска.
Инаку, во песните од „Кратка меморија“ има и зајадливи нискости, вулгарности, пцости и гадости, подводаџии, есапџии, фалбаџии, расколници, луѓе со камења во срцата но и луѓе засегнати од сиот тој метеж кои во својата збунетост се повлекуваат во својата корупка барајќи го островот на својот спокој.
– Се чини дека стиховите на „Кратка меморија“, поотворено и погласно од претходните книги на поетесата, укажуваат на опасноста од жонглирањето на човекот по работ на амбисот и предупредуваат дека лесно може да нѐ проголта заборавот. Наместо разновидни прашања за егзистенцијалноста, овие стихови носат констатации со бројни извичници кои ја соголуваат лажната слика на среќно живеење сред пустината на духот, подвлечено е во првиот критички одглас за книгата.
Милица Димитријовска-Радевска е авторка на неколку поетски книги. Членува во Друштвото на писателите на Македонија и во Македонското научно друштво од Битола. Својот научен и истраќувачки труд го има реализирано и како коавторка на наставното помагало ,,Јазикот и графиката“. Има учествувено на голем број книжевни манифестации. Нејзината поезија е преведена на српски, англиски, романски јазик. Авторка е и на критички огледи, записи и рецензии за дела на повеќе современи македонски автори.
Поетската книга „Кратка меморија“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“.
Култура
Започнува 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар, вечерва во 20 часот во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Организаторите велат дека голем интерес за фестивалот покажува прилепската публика и годинава, што се докажува и со фактот дека неколку претстави и пред почетокот на фестивалот се веќе распродадени.
На изведбата на актерите од МНТ, ќе претходи доделување на наградите за животно дело Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. На свеченото отворање ќе се обратат Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
Девет претстави во официјална селекција, четири во независна програма и една во придружна се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“.
„59.издание на фестивалот е спремно, внимателно спакувано, прецизно креирано со огромна љубов и почит кон сите учесници и гости. Во духот на мотото на фестивалот и се смеевме и осмелувавме низ предизвиците во текот на оваа година, но како тим покажавме и покажуваме, заедно со градот и целата поддршка од Министерството за култура и туризам и општествено-одговорните компании, дека Прилеп е единственото место за достојно да се слави театарската уметност. Посебна љубов кон целата публика која постојано покажува зошто е тоа така“, изјави Стојаноска.
За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.
На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.
Новина е програмата „Драмолетање“, односно пичинг на кој неколкумина драмски автори ќе ги претстават своите дела. На тој начин фестивалот се труди да го поттикне домашното драмско творештво, но и поставување на истото на театарските сцени.
Фестивалот ќе биде затворен на 13 јуни со „Вистината“ на Театар Комедија.