Надворешна политика
Даниелсон: Партиите мора да го почитуваат политичкиот договор, повлекувањето на помилувањата е императив
Директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија (ЕК), Кристијан Даниелсон порача дека политичките партии мора да ги почитуваат клучните принципи на политичкиот договор за излез од политичката криза вo која што се наоѓа земјата.
„Европската унија е сериозно загрижена во однос на ситуацијата во земјата. Политичките лидери и релевантните власти мораат итно да ја адресираат ситуацијата во интерес на граѓаните и со цел земјата да се врати на евроатлантскиот пат“, изјави Даниелсон.
Според Даниелсон, повлекувањето на помилувањата кои беа направени од страна на претседателот Ѓорге Иванов е од огромно значење, бидејќи на тој начин како земја кандидат за ЕУ, Македонија мора да понуди еднаков третман пред законот за сите.
Даниелсон исто така се осврна и на работата на Специјалното јавно обвинителство, порачувајќи дека на ова тело мора да му се дозволи да ја извршува својата работа, бидејќи на тој начин ќе се врати довербата во институциите и владеењето на правото.
Европскиот претставник додаде дека итните реформски приоритети мора да мрднат од мртва точка и дека во поглед на тоа изборите да бидат веродостојни, мора да се продолжи со решавање на проблемите со избирачкиот список, медиумите, спречувањето на заплашување на гласачи и одвојување на државните и партиските активности.
Даниелсон за време на посетата на земјава во петокот оствари средби со лидерите на четирите најголеми политички партии и потписнички на Договорот од Пржино, како и со преставници на граѓанското општество, СЈО и амбасадорите на земјите членки на ЕУ./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.