Македонија
Државата мора навреме да ги маргинализира оние што пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци, вели Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во своето обраќање во Собранието посочи дека крајот на 2023 година ни ја донесе најголемата тага во последната деценија и рече дека преку личната трагедија на малата Вања и нејзиното семејство можевме како на дланка да ја видиме целата патологија на македонската транзиција, амбиентот што сите ние, повеќе или помалку, го создававме во изминатите 32 години.
„Требаше секој од нас, а особено ние политичарите, многу почесто и погласно да зборуваме против овие појави наместо да веруваме во моќта на нашиот демократски систем дека ќе може да ги толерира и апсорбира ваквите екстреми. За жал, потфрли и севкупниот општествен систем затоа што во името на некаков погрешно разбран демократски плурализам не ги оневозможи овие индивидуи од натамошно загадување на јавниот простор“, констатира Пендаровски.
Истакна дека механизмите на правната држава, едноставно, мораат навреме да ги санкционираат сите оние што користат говор на омраза кон политичките противници, кои навредуваат или се закануваат на луѓе од друга вера или нација и порача дека мора да бидат забранети политички партии и невладини организации што работат спротивно од декларираното во основачките документи и во суштина ја злоупотребуваат демократијата како неоспорна вредност на модерниот свет.
„Со други зборови, државата мора системски и навреме да ги маргинализира оние што пропагираат антицивилизациски вредности за да превенираме некои идни убијци, кои, освен наши граѓани, деца, возрасни или старци, може повторно да ја убијат и нашата колективна совест“, рече Пендаровски во обраќањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на материјалите на АНБ

Очигледен е стравот на премиерот, Христијан Мицкоски од содржината на материјалите кои треба да го докажат наводното негово следење од страна на службите, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа вели дека со вчерашната изјава премиерот потврдил дека нема никаква намера да ги декласифицира документите кои би ги докажале неговите наводи дека нелегално бил следен.
„СДСМ уште еднаш прашува од каде толкав страв од објавувањето на содржината на материјалите од наводното следење? Ако СДСМ прислушувала како што тврди власта, зошто се плаши да ги декласифицира документите? Што во тие документи го плаши Христијан Мицкоски толку многу? Дали овие документи содржат докази за соработка на Мицкоски со странски непријателски служби? Дали Мицкоски работел на штета на интересите на државата за странски пари? Дали Христијан Мицкоски имал комуникација со руски агентури кои финансирале екстремизам и дестабилизаиција на државата? Дали овие документи содржат наводи за нелегално финансирање на партијата, ВМРО-ДПМНЕ поврзано со „Делчевски ниви“?“, праша Кузеска.
Ако Христијан Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи, додаде таа, го повикуваме директорот на АНБ, Бојан Христовски да го стори истото и да го стави државниот интерес пред интересот на партијата.
Македонија
Галетановски: Возилото е изгорено целосно, ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал

Претседателот на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски се огласи на социјалните мрежи откако ноќеска му беше запалено возилото.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој, ниту некој ми се заканувал, нити наштетил. Сум помагал и ќе помагам на кого можам секогаш. Секоја чест на пожарникарите, што пристигнаа за 3 минути, и пламенот не ги зафати куќите.
Апелирам до министерот, и до Министерство за внатрешни работи и надлежните најскоро да го најдат сторителот, не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје и цела држава на сите граѓани. Има и сејф сити и камери окулу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“, напиша тој.
Македонија
СДСМ ги осудува криминалниот чин и палењето на возилото на Галетановски: МВР веднаш да го расчисти случајот

СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски.
„Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена.
МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери нека земе конечно нешто да работи.
Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“, велат од СДСМ.