Македонија
Пендаровски: Веднаш по изборите да спроведеме прочистување кај судиите и обвинителите, но првин кај нас политичарите
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во своето обраќање во Собранието рече дека со години се соочуваме со отпори од повеќе страни при секој обид за суштински реформи во делот на правосудниот систем, а како причина за тоа ја посочи спрегата помеѓу делови од политичката и бизнис-заедница со дел од судиите и обвинителите, која во изминатите децении создаде атмосфера во која развивме ендемска корупција, која ја загрозува виталноста на државата.
„За жал, се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од нашите институции. Меѓутоа, странските санкции не се доволни не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живеење за многумина или, како што неодамна ја опиша еден странски амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето, кој мора да се менува“, нагласи Пендаровски.
Тој посочи дека процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни, а малобројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретен временски период, при што речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата, особено по промените на власта на централно или локално ниво.
„Тука сакам на следниот парламент да му го порачам она што веќе го имам јавно предложено неколкупати: веднаш по изборите, да спроведеме прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но првин кај нас политичарите. И, за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер, треба веднаш да следува не само оставка туку и кривична постапка“, порача претседателот Пендаровски во обраќањето пред народните пратеници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.
Македонија
Европски фронт: Скандалозен јавен политички притисок врз Управниот суд од страна на поразените на изборите
Европскиот фронт со голема загриженост ги проследи денешните скандалозни заканувачки изјави на лидерите на опозицијата кои загубија на претседателските и парламентарните избори кон Управниот суд, соопштија од оваа партија.
Европскиот фронт, како што велат, ги регистрирал заканитеи ја известил целата меѓународна заедница и сите локални и меѓународни институции за јавните изјави со закани како и обидот за изборен инженеринг со надворешно-институционални меѓупартиски договори за гласање и надгласување во Државната изборна комисија, како и со партиски притисоци до управниот суд.
Според нив, таквиот обид за изборен инженеринг има за цел да го промени односот на бројките во Собранието преку политички договор на маса.
„Со политички договори и монструозен антидемократски план, изготвен во партиските штабови на ВМРО, СДСМ и Влен, се прави обид да се наруши волјата на граѓаните.
Седницата на Државната изборна комисија беше скандалозна демонстрација на прегласување и суспендирање на принципите на Охридскиот договор.
Ги повикуваме сите институции да постапат согласно Законот, без партиски или политички директиви од која било партија и да го заштитат кредибилитетот на изборниот процес до крај, без да се стави никаква дамка на волјата на граѓаните изразена на изборите“, реагираат од Европскиот фронт.
Македонија
Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.
На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.
Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.
„За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ“, рекоа оттаму.