Свет
„Двапати ми го убивте синот“: таткото на израелскиот заложник, кој војската го уби „по грешка“, ја критикува власта
Ави Шамриз, таткото на Алон Шамриз, еден од тројцата израелски заложници, кои „по грешка“ беа убиени од израелската армија во Појасот Газа, ја критикува владата предводена од Бенјамин Нетанјаху.
Говорејќи за програмата „Ен-би-си њуз“, Шамриз рече дека владата на Израел најпрвин му дозволила на Хамас да го киднапира неговиот син на 7 октомври, а потоа израелската армија го убила во декември.
„Двапати го убивте мојот син“, нагласи Ави Шамриз.
Нагласувајќи дека владата предводена од Нетанјаху нема капацитет да ѝ служи на земјата, Шамриз рече дека администрацијата „не ги заслужува нив како општество, како народ“.
„Тие не се наши лидери. Тие мислат само за себе. За фотелјите и за своите џебови“, истакна Шамриз.
Наведувајќи дека израелската администрација не води сметка како да ги врати заложниците од Газа, Шамриз рече дека властите „воопшто не размислуваат за заложниците“.
Израелската армија објави дека на 15 декември „по грешка“ убила тројца заложници од Израел во Појасот Газа.
Семејството на еден од убиените „по грешка“, 26-годишниот Алон Шамриз, поднесе барање жртвите да бидат вклучени во списокот на маченици. Меѓутоа, како што пренесуваат израелските медиуми, армијата го одбила ова барање.
Семејството тогаш потсети дека тројцата заложници биле убиени и покрај тоа што биле без облека и имале бело знаме.
Израел почна воздушно и копнено бомбардирање на Појасот Газа, воведе опсада и почна копнена офанзива како одмазда за прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври.
Првата размена на затвореници се случи по четиридневната хуманитарна пауза, која стапи во сила на 24 ноември, по што продолжија израелските напади.
Оттогаш, според здравствените власти во Газа, најмалку 19.667 Палестинци се убиени, а 52.586 се повредени во израелските напади.
Се верува дека околу 1.200 Израелци биле убиени во нападот на Хамас, а повеќе од 130 заложници сѐ уште се држат во заробеништво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Либанците да останат во својата земја, повика папата Лав Четиринаесетти
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав Четиринаесетти денеска ги повика Либанците да „останат“ во својата земја, каде што економскиот колапс ја засили масовната емиграција, и повика на „помирување“ за надминување на длабоките поделби во Либан.
Папата, кој дојде во Бејрут од Турција, донесе порака за мир во Либан, земја која стравува од враќање на отворениот конфликт со Израел.
Во говорот во претседателската палата кратко по неговото пристигнување, папата ја нагласи потребата да се работи за „мир“ без да ги спомне регионалните тензии или неодамнешните израелски бомбардирања.
Тој, исто така, ја нагласи потребата властите и институциите да препознаат дека „општото добро е поголемо од доброто на која било група“ и ја повика владејачката класа да „му служи на народот со посветеност и преданост“.
Свет
Зеленски: Ова се важни денови за Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски објави дека денеска разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
„Разговарав со Марк Руте и ќе разговараме повторно во наредните денови. Ова се важни денови и многу работи можат да се променат. Тесно се координираме и во нашите активности и во активностите на сите партнери, заедничките акции, заедничките позиции ќе бидат исклучително ефикасни. Ви благодарам за вашата поддршка“, напиша Зеленски на Телеграм.
Тој наведе дека телефонски разговарал со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Продолжуваме да бидеме во целосна координација со Европската комисија, благодарен сум за поддршката. Разговаравме за ситуацијата во дипломатијата и имаме заеднички став за клучните прашања. Исто така е важно што Урсула е многу внимателна кон потребата од зајакнување на нашата отпорност во услови на постојани руски напади врз инфраструктурата и енергијата. Ја ценам подготвеноста да ѝ се помогне на Украина!, напиша Зеленски.
Свет
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан
Папата Лав Четиринаесетти пристигна во Либан во рамки на неговата прва турнеја во странство, објави ДПА.
Светиот Отец пристигна попладнево во либанскиот главен град Бејрут, по посетата на Турција.
Посетата на папата се смета за причина за надеж за мир и стабилност во земјата загрозена од воени конфликти и зафатена од кризи.
Тој ќе се сретне со либанските лидери, ќе посети христијански објекти и ќе одржи литургија. Околу 30 отсто од населението на Либан се христијани, додека мнозинството жители се муслимани.

