Македонија
Ковачевски: По 40 години, рехабилитиран регионалниот пат Битола – Меџитлија, се поврзуваме со соседите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на рехабилитираниот регионален пат Битола – Меџитлија, чија рехабилитација заврши и патот е пуштен во употреба. Премиерот Ковачевски посочи дека инвестицијата за рехабилитација на овој патен правец во должина од 12,5 километри е во вредност од 3,28 милиони евра.
„Овој патен правец, кој со децении бил запоставен, а сега рехабилитиран, е од исклучително значење, особено што се работи за дел од европскиот Коридор 10 д, кој нè поврзува со нашиот јужен сосед. На целиот Коридор се работи навистина интензивно, и тоа на сите делници, што на крајот ќе резултира со модерен патен правец од Коридорот 10, поврзување со Коридорот 10 д преку Прилеп, Битола до границата со Грција. Со тоа целиот овој регион добива нов инфраструктурен лик“, изјави премиерот Ковачевски во обраќањето на настанот потенцирајќи дека резултатите на Владата се видливи.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, рече дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта се реализираат повеќе проекти во делот на инфраструктурата во Пелагонискиот Регион.
„Министерството за транспорт и врски во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта го бележи најголемиот инвестициски циклус во изградба и модернизација на патната мрежа во целата држава. Ова особено се случува во Пелагонискиот Регион, каде што почнавме со реализација на најкрупните инфраструктурни проекти во независна Македонија. Пелагонискиот Регион е многу значаен за развој на нашата земја и затоа токму овде вложуваме сериозни финансиски средства и сме силно посветени во модернизацијата на патната инфраструктура. Сите проекти во регионот се одвиваат со добра динамика, со што во еден континуиран процес ќе ја заокружиме целата патна врска од главниот автопат на Коридорот 10, па сѐ до граничниот премин Меџитлија“, потенцира министерот Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, рече дека заедно со премиерот и министерот за транспорт и врски официјално ја одбележува завршената рехабилитација на државниот пат А3, делница Битола – Меџитлија.
„Рехабилитиравме 12,7 километри со средства обезбедени од ЕБОР во висина од 3,27 милиони евра. Ширината на оваа патна делница е променлива и се движи од 6 до 6,5 метри. Требаше да поминат 40 години за патниот правец Битола – Меџитлија првпат да биде рехабилитиран! Овој патен правец, кој води до граничниот премин Меџитлија и кој е главна артерија за проток на сообраќај помеѓу двете соседни земји, беше во исклучително лоша состојба, но и покрај тоа не беше приоритет за рехабилитација. Тргнувајќи од оваа цел, во нашата програма приоритет добија патните правци што водат кон граничните премини со нашите соседи. Факт е дека ако сакаме добра економска соработка треба да понудиме и добра патна поврзаност, а добрата патна поврзаност значи и поголем развој на туризмот, од што придобивка имаат сите“, рече директорот Рустеми.
Притоа премиерот Ковачевски посочи дека во Пелагонискиот Регион активно се работи на повеќе инфраструктурни проекти, како што се автопатот Прилеп – Битола, патниот правец Градско – Прилеп, рехабилитацијата на патните правци до помалите населени места, Нижополе, Ротино, Бучин, Житоше, Демир Хисар, а оваа година се предвидени рехабилитации и на патните правци што водат до Лопатица, Могила и Будаково. За в година се обезбедуваат средства за изградбата и на нов експресен пат Битола – Меџитлија, со обиколница околу Битола, за кој веќе има одобрен инфраструктурен и ревидиран основен проект притоа водејќи грижа и за животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 15 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во недела утрото ќе биде ведро и студено со ниски утрински температури, кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот ќе преовладува сончево и потопло време со мала до умерена облачност, која кон крајот на денот ќе се зголемува. Во текот на ноќта и во понеделник ќе има повремени локални врнежи од дожд. До среда ќе дува умерен до засилен северен ветер, а температурите ќе се задржат под просекот за овој период од годината.
Македонија
Мицкоски до Ахмети: Игрите на етничка карта се научени, ние читаме една нова книга за Македонија која е развиена, во која младите се враќаат

СДСМ на овие избори настапуваат со слоганот „се бориме за нашиот дом“. И сè е тоа фино, ама забораваат дека пред година и три месеци тие управуваа со домот. И она што го затекнавме не беа нарушени, туку уништени темели. Кога ќе се сетам дека првите одлуки кои ги донесов како премиер беа да враќаме плати кои тие не ги исплатиле и дека делевме субвенции кои тие со години не ги исплаќаа. Секој ден во Владата ми доаѓаше по некој кој сведочеше за рушвет, тоа трае и денес, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во Битола.
„Се сеќавате дека 500 илјади наши сограѓани, поточно секој трет човек во државата живееше со 150 денари на ден. Дека имаше двоцифрена инфлација, дека го руинираа животниот стандард на чие кревање напорно и постепено работиме. А ДУИ беа господарите кои одлучуваа за целата економија, за тендерите, купуваа трговски центри, бензински пумпи, скапи деловни простории и што уште не. Се сеќавате ли на играњето фудбалчиња во канцеларии“, кажа Мицкоски.
Мицкоски укажа дека тоа време на народот не му носи ништо добро.
„Го слушам Филипче како се потсмева на тоа што на пензионерите им се зголемуваат пензиите за 1000 денари, а намерно пропушта да каже дека за година и пол пензиите се зголемуваат за цели 5000 денари, што покажува дека има разлика со времето кога тие наместо да даваат, земаа од пензионерите. Јас и сфаќам дека 5000 денари не се големи пари за Филипче кој е научен на јахти, згради и веселби во Дубаи, но ние го испорачавме тоа што го ветивме“, укажа Мицкоски.
Мицкоски се осврна на однесувањето на Али Ахмети и раководството на ДУИ во текот на оваа локална кампања.
„Што се однесува до Ахмети, тажна е сликата како се присетува и дели некакви историски лекции, додека неговиот народ се иселува поради неговото криминално владеење. Човекот води избори за локални избори, а не пропушта да спомне историска лекција. Но, додека беше во владата не заборави своето семејно портфолио да го зголеми со еден убав трговски центар во центарот на главниот град, неговите соработници да купуваат скапи деловни простории. Но, затоа не кажува ни еден збор што ќе направи да ги задржи Албанците во своите родни места, но него не му е до Албанците, тој само се заканува и игра само на етничка карта. Сакам да му порачам дека овие лекции се научени и се минато, ние читаме една нова книга за Македонија која е развиена, а младите што се селеа поради таквите како него да се вратат во државава“, заклучи Мицкоски.
Македонија
ЗНАМ: На Центар му треба прв човек што ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо урбан хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден

„На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните. Доволно млад и во истовреме доволно енергичен, доволно стручен, а во истовреме доволно посветен татко на општината. На Центар му треба прв човек што ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо урбан хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден, ќе се бори за секоја негова педа. На Центар му треба вистински центарец. На Центар му треба Мирослав Лабудовиќ“, е пораката што се слушна вечерва во Музејот на современа уметност, на промотивната Конвенција на кандидатот заа градоначалник на општина Центар и советничката листа од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Кандидатот за градоначалник, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија и приоритетите за идниот четиригодишен период, пред присутните се обврза дека нема да биде градоначалник што ќе работи само пред избори, туку посветено и одговорно во текот на целиот мандат.
„Во текот на четиригодишниот мандат се обврзувам дека ќе работам посветено, секогаш имајќи ја пред себе главната цел – моите сограѓани, кои мора да имаат приоритет. Тоа значи дека ние ќе бидеме постојано нивен сервис и секојдневно ќе работиме да го подобриме и да го направиме пофункционален нивниот живот. Имаме програма за која сум убеден дека е најквалитетна од сите понудени и со која навистина ќе ги промениме нештата во општината“, порача Лабудовиќ.
Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни и монтажи гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица, чиста, безбедна и еколошки средена општина, со енергетско-ефикасни фасади. Новитети во образованието и изградба на Центар Хаб – мултифункционален, младински и културно – технолошки центар, поддршка на локалниот бизнис и спортот, и повеќе солидарност и инклузивност. Како еден од приоритетите ја потенцираше целосната транспарентност во работењето.
Пред присутните се обрати и носителот на советничката листа, Мишко Барзов кој изрази уверување дека со системски решенија, јасна визија, посветеност и чесна намера, советниците од ЗНАМ ќе создадат поинаква слика – поуредена, почиста и побезбедна општина.
„Верувам дека советничката листа на ЗНАМ ќе биде вистинскиот замаец на промените. Најискрено верувам дека Мирослав Лабудовиќ, нашиот Миро, е единствената личност која во овој момент, заедно со нас, може да направи вистински промени, системски решенија и нова визија за нашата општина. Наша цел е Центар да биде општина каде што повторно ќе владее ред, каде што маалата ќе ја вратат својата душа и каде што секој граѓанин ќе се чувствува горд што живее токму овде“, нагласи Барзов.
Лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски истакна дека Лабудовиќ добил едногласна поддршка од партиското членство. Тој рече дека со години доаѓа во Скопје и никогаш главниот град и централната скопска општина не биле повалкани и во поголем хаос отколку што се сега.
„Не смееме да дозволиме да се скрши срцето на Скопје, не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце и да продолжи да се распаѓа како скапано јаболко. Време е за голема промена, време е за голема победа, време е за вистински човек кој и знае и сака и може да го воскресне Центар од правта и валканиците. Тој човек е нашиот Миро. Затоа што центарци знаат дека Миро е најдоброто решение за нивната општина. Јас гледам вистинска жар во неговите очи кога говори за Центар, кога дискутираме за проектите и визијата за наредните четири години. Немам ни трошка сомнеж дека тој искрено сака да го направи неговиот и ваш Центар најдобро место за живеење“, потенцираше Димитриевски.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на овие избори настапува самостојно со советнички листи во 53 општини и во градот Скопје. Кандидати на ЗНАМ за градоначалници во општините Куманово и Центар се Максим Димитиревски и Мирослав Лабудовиќ.