Свет
Во несреќа во рудник за јаглен во северозападна Кина загинаа 12 лица, има и повредени
Најмалку 12 лица загинаа, а 13 се повредени во несреќата што се случи во рудник за јаглен во североисточната провинција Хејлонгџијанг, јавува денеска кинеската државна телевизија CCTV.
Рударите биле во рударски возила под земјата, кои излетале од шините, објавија кинеските државни медиуми, пренесе АП.
Несреќата се случила во средата попладне во градот Џикси, провинцијата Хеилонгџијанг, во рудникот „Кунџуан“, како што јавија денеска кинеските медиуми.
Кина работи на подобрување на безбедноста во рудниците за да спречи несреќи, кои повремено се случуваат, соопшти американската агенција.
Минатиот четврток три лица загинаа во несреќа што се случи во кинеската провинција Шанкси, која произведува јаглен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Ќе испорачаме авиони „мираж“ во Киев
Франција планира да и испорача на Украина борбени авиони „мираж 2000“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон за француските телевизиски станици изјави дека утре, по повод посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Франција како дел од прославата на годишнината од Денот Д, неговата влада ќе објави дека ќе и обезбеди на Украина борбени авиони.
Тој не прецизираше колкав број авиони ќе обезбеди Франција, до кога и под кои финансиски услови. Макрон рече дека Париз предложил украинските пилоти да се обучуваат во Франција почнувајќи од ова лето.
Тој додаде дека Франција, покрај тоа, предложила да се обучат 4.500 украински војници. Не прецизираше каде ќе се обучуваат војниците, но изјави дека во моментот на украинска територија нема француски воени инструктори.
„Мираж“ 2000 е повеќенаменски млазен ловец со еден мотор.
Свет
Училишен автобус со деца без родители излета од патот во Сирија, најмалку седум загинати
Најмалку седум лица се удавија, а 20 се повредени, од кои повеќето деца, кога училишен автобус излетал од патот и паднал во река во северозападна Сирија, соопштија локалните власти, пренесува „Еј-би-си њуз“.
Несреќата се случила во близина на градот Даркуш, западно од градот Идлиб, кога автобусот паднал во реката Оронтес. Спасувачките тимови околу шест часа бараа преживеани на карпите и во реката, додаваат тие.
Засега не е јасно поради што автобусот излетал од патот.
Ахмад Гандур, лекар во болницата во Даркуш, која ги прими жртвите, рече дека учениците и наставниците во автобусот се од училиштето за деца без родители.
Свет
САД ја охрабруваат Кина да се приклучи на мировниот самит во Украина
САД ја охрабруваат Кина да присуствува на планираниот самит за мир во Украина овој месец во Швајцарија, и покрај најавата на Пекинг дека нема да учествува бидејќи Русија не е поканета, изјави денеска за новинарите портпаролот на Стејт департментот.
– Ние секако би ја охрабриле Кина да учествува на тој самит. Тие присуствуваа на претходните самити и нивното присуство е корисно. Сметаме дека нивното присуство овде би било од помош – рече на брифингот портпаролот на Стејт департментот.
Портпаролот истакна дека Кина треба да преземе чекори против компаниите за кои Вашингтон тврди дека и помагаат на руската одбранбена индустриска база, пренесува Ројтерс.
Киев вели дека повеќе од 100 земји ја прифатиле поканата за самитот за да разговараат за условите на мировниот план што го предложи претседателот Володимир Зеленски за ставање крај на сеопфатната руска инвазија која почна во февруари 2022 година.
Пекинг, кој има блиски врски со Москва, досега одбиваше да се приклучи на самитот, опишувајќи го присуството на двете завојувани страни како предуслов за каква било суштинска мировна конференција, пишува британската агенција.
Москва рече дека конференцијата без учество на Русија е бесмислена, а Украина ја обвини Русија дека се обидува да го наруши самитот.