Македонија
МНР: Ниту даваме ниту одземаме сертификат за безбедност, за тоа се задолжени други институции
Министерството за надворешни работи ниту дава ниту одзема сертификат за безбедност. За тоа е задолжена Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации (ДБКИ), која има законска надлежност и обврска, во соработка со други институции, да издаде нов или да одземе веќе постоен сертификат за безбедност од која било класа, велат од МНР по реакциите кон ова министерство и поврзаноста со издавањето сертификат за безбедност на вработените во дипломатијата.
Министерството за надворешни работи, додаваат од таму, има обврска да реагира доколку одреден вработен со правосилна одлука остане без сертификат за безбедност.
Појаснуваат дека постапката за поседување сертификат за безбедност е обврска за сите вработени во дипломатијата и таа се спроведува во континуитет.
„Информираме дека во последното известување од страна на ДБКИ за двајца вработени во дипломатијата не е одобрен безбедносен сертификат“, се потенцира во дописот од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево, од утре голема промена на времето
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб, а во западните делови умерен ветер од југозападен правец. Минималните температури ќе бидат во интервал од -3 до 5, а максималните од 16 до 20 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 16 степени.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека утре облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.

