Македонија
Двојното државјанство им отвори пат на косовски политичари кон македонското Собрание
Косовската партија „Самоопредеување“ влегува на изборите во Македонија. Ваква вест одекна викендов во медиумите, откако Изет Меџити од Демократското движење, пред споменикот на Скендербег, гордо го претстави вклучувањето на партијата на косовскиот премиер Албин Курти како четвртата политичка партија во коалицијата Европскси сојуз во Македонија.
Меџити најави дека програмата ќе ја работат заедно, а отворија и заедничка канцеларија.
Меџити во изјава за „Макфакс“ објаснува дека поединци кои дејствуваат во косовската партија ќе се најдат на парламентарните листи, а некои веќе и биле дел и од македонската политичка сцена.
„Советникот на Албин Курти за Македонија, Беким Ќоку е стружанец и македонски државјанин. Тој и порано бил пратеник во македонското Собрание“, вели Меџити, кој го најави Коќу како претставник на „Самоопределување“ во Македонија.
Меџити објасни дека „Самоопределување“ дејствува како партија со политичари од целиот регион и во својата структура има државјани и на Македонија, Албанија, активисти од Прешево. Верува дека одлуката не се судира со законите.
Меџити на настан кај Скендербег гордо ја најави коалицијата со „Самоопределување“ на изборите
Македонските закони не дозволуваат учество на странска партија, но кандидат за пратеник може да биде секој кој е државјанин на Македонија
Според македонските закони, не е дозволено учество на странска партија во изборниот процес.
Во членот 8 од Законот за политички партии е наведено дека политички партии регистрирани во други земји не можат да дејствуваат во државата.
Движењето „Самоопределување“ не е регистрирано во Македонија и како такво не може да биде дел од изборниот процес. Тоа го потврди и претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски кој вчера изјави дека не постои можност партијата на Курти да учествува на изборите во Македонија.
Во таа насока и професорката, Мирјана Најчевска, вели: „Според нашите закони не може странска партија да учествува на избори, не може странски државјанин да биде на изборна листа и не може некој кој членува во друга партија освен таа која е носител на листата да биде на листа. Така што не ми е јасно што им е идејата“.
Истовремено, ако се погледне изборниот законик, улсовите да се биде пратеник во македонското Собрание се задолжително поседување на македонско државјанство, наполнети 18 години и деловна способност.
Тоа значи дека странска партија не може да учествува на избори, но нејзините претставници доколку имаат македонско државјанство, односно двојно државјанство, можат да бидат кандидати за пратеници, а ограничувања за кандидатура на лица кои дејствуваат полички во друга држава, во законите нема.

Изборен законик
Дел од познавачите деновиве коментираат дека праксата политички активисти од други држави да дејствуваат политички во Македонија, со македонско државјанство, остава простор за воскреснување на идеите за големите држави на Балканот.
Ова, дополнително, може да штети на националните интереси во иднина.
Засега нема одговор на иницијативите да се забранат политички функции на лица со двојни државјанства
Професорот по уставно право, Саво Климовски, смета дека ова што се случува е резултат на политичките активности во минатото со кои се овозможи лесно да се дојде до македонско државјанство.
„Доделени беа голем број државјанства“, вели Климовски, објаснувајќи дека законски секој што е македонски државјанин може да се кандидира за пратеник.

Саво Климовски – професор по уставно право
Во повеќе наврати во минатото имаше иницијативи политичари со двојно државјанство да не можат да извршуваат функции, но таквите иницијативи засега остануваат нереализирани.
Политичката партија Левица во својата програма превидува забрана за можноста да се извршуваат високи државни функции од страна на лица со две или повеќе државјанства.
Левица смета дека косовската владејачка партија на премиерот Албин Курти директно се меша во внатрешните работи на Македонија, во обид за воспоставување на единствена политичка сцена во регионов, преку која ќе се манифестираат заложбите исклучиво на албанската етничка заедница, што пак претставува сериозна закана за унитарниот карактер на Македонија.

„Иконографијата карактеристична за балистичката идеја за голема Албанија не изостанува во ниту една пригода од која дел е партијата на Курти“
„Иконографијата карактеристична за балистичката идеја за голема Албанија не изостанува во ниту една пригода од која дел е партијата на Курти. Така беше и за време на неговата неодамнешна посета во Тетово, така беше и сега на отворањето на канцеларијата на споменатиот „Европски сојуз за промени“, каде се вееја знамиња со картата на голема Албанија. Доколку се дозволи било какво учество и политичка ангажираност на косовската владејачка партија во Македонија и не се казнат таквите досегашни активности, тоа ќе претставува опасен преседан, каде трите лидери на предизборната коалиција, составена од три иредентистички политички платформи заедно во директна соработка со владејачка партија на Приштина, ќе се борат за власта во Македонија“, велат од Левица.
СДСМ и ДУИ засега не излегоа со став. „Макфакс“ им испрати прашања што мислат за најавата на албанскиот опозициски блок за коалицирање со партијата на Курти, од каде што очекуваме одговор.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека регистрирање на политички субјект во државава е предмет на закон, а во случајот се работи за односи во рамки на албанскиот политички блок.
„Државата согласно закон треба да реагира ако има простор за тоа. Треба да се почитува законот. Тоа е најважно. Инаку, тоа се односи во рамки на албанскиот политички блок, а за мотивите треба да одговорат засегнатите. За нас е најважно овде да завладее еднаш засекогаш законот и уставот и да владее за сите“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски во изјава за „Макфакс“.
Од Владата нема одговор на прашањето на „Макфакс“ како го коментираат планот за учество на избори на лица кои политички веќе дејствуваат во друга држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

