Македонија
Пет лица ќе одговараат за криминал за спомениците од „Скопје 2014“
Предметен јавен обвинител, кој постапува во предметот познат во јавноста со кодно име „Феникс“, до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинителен акт против пет лица, на кои им се става на товар дека сториле продолжено кривично дело перење пари и други приноси од кривично дело од член 273 од Кривичниот законик. Со обвинителниот акт е поднесен и обвинителен предлог против шест правни лица обвинети за ова кривично дело.
„Според опишаните дејства во диспозитивот на обвинението, во временскиот период од втората половина на 2008 година до крајот на 2022 година во Скопје, првообвинетиот, за да прикрие дека поседува и располага со пари што потекнуваат од казниво дело и дека со нив создава нови приноси, како организатор создал група што се занимава со перење пари. Членови на групата, меѓу другите, станале и другите четворица обвинети. Во состав на групата дејствувале и обвинетите правни лица меѓусебно капитално, персонално и финансиски поврзани. Во пет од обвинетите правни лица првообвинетиот се јавува како вистински сопственик, косопственик или управител. Преку поврзано и заедничко дејствување на членовите на групата со други домашни и странски физички и правни лица обвинетите правни лица и нивните управители, со намера да ги внесат во јавните финансии, платниот промет и стопанството во Република Северна Македонија и да ги помешаат со легалните приходи, кои понатаму ќе создаваат нови приноси од казниви дела, групата почнала да ги прима и пушта во оптек на разни начини – дел директно во нашата држава, а дел преку други држави кон Република Северна Македонија. Потоа со конверзија на овие средства било прикриено нивното потекло и тие биле пуштени во оптек за прибавување имот во државава и во странство и претворени во друг вид имот или имотни права, a со цел да се прикријат нивната понатамошна локација, движење или сопственост, стекнување нова корист (приноси) и трансформации на незаконски стекнатите пари и нивно помешување во легалните економски текови на финансискиот систем на Република Северна Македонија“, соопштија од Обвинителството.
Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, неговиот карактер, како и видот и висината на предвидената казна за кривичното дело што им се става на товар, на тројцата обвинети им беше определена мерка куќен притвор. Досега прибавените докази укажуваат дека групата дејствувала преку формирање правни лица во странство, реализирање банкарски трансакции од и кон странски држави и купување имоти во странство, од што несомнено произлегува околноста дека доколку се дадат во бегство, ќе имаат и материјални, финансиски и логистички можности да останат недостапни на органите на прогонот подолг временски период или целосно да ја избегнат кривичната одговорност. Поради ваквите околности, предметниот обвинител со обвинителниот акт предложи продолжување на мерката куќен притвор за три лица и мерка на претпазливост – обврска да се јавува еднаш неделно кај определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје за едно лице, кое во моментот на поднесување на обвинението се брани од слобода со определена гаранција и за која Обвинителството смета дека не е доволна да обезбеди негово непречено присуство во текот на кривичната постапка.
„Воедно, напоменуваме дека севкупниот имот (хотел, деловни простории, станбени единици и други недвижни и подвижни предмети) идентификуван во текот на постапката, со решение на судија на претходна постапка е привремено обезбеден и со оглед на начинот на кој е стекнат ќе биде предложен од страна на Обвинителството за конфискација“, додаваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

