Топ
Двојно убиство во Челопек: 60-годишен маж убил двајца негови роднини

Денеска полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода И.И. на возраст околу 60 години, од тетовското село Челопек, соопшти МВР.
Полицијата постапила по пријава дека околу 14 часот и 10 минути со огнено оружје во тетовското село Челопек тој усмртил двајца негови роднини, а еден повредил.
Осомничениот, кој, исто така, се здобил со повреди, најверојатно од огнено оружје, е приведен во полициска станица и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија надлежните.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека е информиран за настанот и дека според првичните сознанија станува збор за нерасчистени имотни односи во едно семејство и најави наскоро детални информации за настанот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ристова: Откриваме нов скандал – пазарот во Неготино од 17 тони железо прикажан како „урбана опрема“

Пазарот во Неготино е изграден без соодветно одобрение за градење, а се води како „поставување на урбана опрема“, обвини денеска на прес-конференција Лолита Ристова, членка на Извршен одбор на СДСМ.
„17 тони железо, изградени на бетонска подлога од 420м2 со 90 тезги внатре се третираат како урбана опрема? Зошто е избегнато издавање на соодветно одобрение за градење во соодветна постапка. Особено од аспект на статиката и сигурноста на објектот. Како е можно два објекти изградени во толкав габарит кој лежи на 17 тони железо да се третира како „поставување на урбана опрема“? И клучното прашање дали ваквиот објект над главите на неготинчани е безбеден?“, вели Ристова.
Таа изрази сомнеж и од финансиски аспект.
„Зад проектот повторно стои една од омилените фирми на ВМРО-ДПМНЕ – МАСТЕФ ДООЕЛ, која редовно добива тендери во општини под нивна контрола, особено со пари од унгарскиот заем. Проценетата вредност на проектот е 25.960.000 денари, а договорот е склучен речиси за истата сума – 25.914.000. Без конкуренција, без намалување на цената, без домаќинско работење. На прашањето колку пари на граѓаните на Неготино се потрошени за оваа зделка и дали сумите се реални ќе зборуваме детално во наредните денови. Ако ова се потврди, ќе биде уште едно кривично дело во серијата сомнителни тендери на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Ристова.
Македонија
Во тек е акција за апсење на повеќе лица во рамки на истрагата за пожарот во Кочани

По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани, потврдија од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Од Обвинителството велат дека надлежните институции координирано ќе ја информираат јавноста штом бидат завршени дејствијата кои се во тек.
Основното јавно обвинителство Кочани вчера до Основниот суд Кочани достави предлози за продолжување на мерките за обезбедување – притвор и куќен притвор за сите осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека.
Како што сooпштија, само за тројца осомничени, согласно фазата на обезбедување докази и исполнетоста на законските основи се предлага замена за мерката притвор во куќен притвор. Тоа се двајца осомничени од Државниот пазарен инспекторат и еден припадник на обезбедувањето на дискотеката. Во исто време, посочија од ОЈО, продолжуваат истражните дејствија во повеќе правци и во неколку институции со цел испитување на евентуална одговорност, за што јавноста ќе биде известена веднаш по донесувањето на соодветна јавнообвинителска одлука.
За пожарот во Кочани, Основно јавно обвинителство досега отвори истрага против 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи на 16 март, животот го загубија 61 лице, а речиси 200 беа повредени.
Регион
(Видео) Хаос во Србија: полицијата за раце и нозе влечеше луѓе кои ги блокираа автобусите за митингот на Вучиќ

Посериозен конфликт меѓу полицијата и граѓаните во Нови Пазар се случи откако студентите, според информациите од социјалните мрежи, го блокирале преминот на автобусите со приврзаници на СНС на пат кон митингот во Белград.
Студенти и граѓани седнаа на коловозот во обид да го блокираат минувањето на автобусите, но полицијата, според видеата објавени на социјалните мрежи, насилно интервенирала и почнала да ги отстранува од улицата, пишува Нова.
Насобраните извикуваа: „Срам ви е?“, „Срам да ви е“, додека полицајци, како што може да се види на видео снимките, влечеа некои граѓани за раце и за нозе.
Полицијата ја отстрани толпата од коловозот и дозволи автобусите да поминат.
Додека возилата поминуваа, граѓаните и студентите со негодување и свирежи им викаа „Чаци“.