Скопје
Усвоен буџетот на Општина Центар за 2024 година

Советот на Општина Центар денеска го усвои буџетот за 2024 година. Основниот буџет е проектиран на 833.611.000 денари.
Буџетот, како што велат, за наредната година е развоен, реален и транспарентен, а приоритет се дава на капиталните инфраструктурни проекти.
Новите крупни инвестиции предвидуваат: реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк , хортикултурно и партерно уредување во населбата Капиштец – на потегот од „Зебра“ до паркот „Капиштец“, реконструкција на 14 улици, меѓу кои: Елисие Поповски, Светозар Марковиќ, Дебарца, Блаже Тодоровски, поставување фотоволтаици на основните училишта, нова детска градинка во населбата Пролет, доградба во ООУ „Коле Неделковски“ и др.
Градоначалникот Герасимовски ја поздрави одлуката на денешната седница: „Им благодарам на советниците и на администрацијата на Општината за сè што сработивме заедно во оваа година, за сите проекти што ги реализиравме во интерес на граѓаните. Благодарам за поддршката што ја дадовте за новиот буџет за 2024 и за вашите гласови за да креираме буџет што ќе биде по мерка на сите граѓани“.
Во буџетот за 2024 година планирана е и изградба и реконструкција на повеќе спортски и детски игралишта, санација и набавка на нова урбана опрема, модернизирање на системот за јавно осветление со воведување ЛЕД-технологија и со примена на современи техники за управување и надзор, поставување зеленило, изградба и дислокација на комунална инфраструктура.
Освен реализација на капиталните инвестиции, буџетот предвидува и одржување на постојната инфраструктура, сервисирање на тековните потреби за граѓаните на општината, како и проекти од областа на образованието, културата, социјалата, спортот, животната средина и други.
Проектите што се покажаа како успешни во минатото ќе продолжат да се реализираат и наредната година, меѓу кои: „Нега на стари лицa“ – домашна нега со лиценцирани негуватели, еднократна помош за новороденчиња и социјално загрозени семејства, прoект за афирмирање на македонската музика „Нешто што ќе остане“, финансирање и поддршка на спортски клубови, Атлетски крос – „Центар 2024“, субвенции за купен нов велосипед и тротинет, стипендии за талентирани ученици и деца, поддршка во образованието, набавка на паметни табли во детските градинки.
Буџетот на Општина Центар за 2024 година е донесен со 15 гласа „за“ и 3 воздржани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина: „Заедно создаваме одржлива иднина“

Градоначалникот на oпштина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, на покана на првиот вицепремиер Изет Меџити, денес присуствуваше на настан по повод Светскиот ден на животната средина. Настанот се одржа под мотото „Заедно создаваме одржлива иднина“ и опфати низа активности насочени кон унапредување на одржливите политики и практики во заштитата на животната средина.
„Денес, на покана на првиот вицепремиер Изет Меџити, присуствував на настанот на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина, под наслов ‘Заедно создаваме одржлива иднина’. Програмата вклучуваше конференција со две панел-дискусии кои беа фокусирани на одржливото управување со заштитени подрачја, одржливото управување со отпадот и примената на современите зелени технологии.
Имавме чест да видиме и неколку презентации од учениците од Скопје и Македонија, кои се дел на ГЛОБЕ програмата со мрежата за искуствено учење, со акцент на значењето на искуственото еколошко образование во оформување на свесни и одговорни генерации поддржано од УНИЦЕФ и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Нека заштитата и унапредувањето на животната средина и понатаму останат да бидат врвен приоритет, кој ќе резултира со нови парковски површини на места каде што постојат депонии, со акции за чистење и за пошумување, со едукација за правилна селекција и одложување на отпадот и бројни иницијативи за подигнување на еколошката свест кај граѓаните. Заедно можеме“, истакна претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
(Фото) ЈКП „Гази Баба“ доби нова механизација

Денес, градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски заедно со директорот на ЈКП Гази Баба Игор Атанасовски направија промоција на новата механизација за ЈКП Гази Баба, извести Општината.
Механизацијата се состои од две возила и тоа: специјализирано возило за метење и миење на јавните површини и теренско товарно возило.
Специјализираното возило ќе даде значителен придонес кон зголемувањето на чистотата на јавните површини, преку редовно метење на улиците во урбаните средини, додека товарното возило ќе биде ставено во функција на интервенции на терен во руралниот дел на општината каде што ЈКП Гази Баба има надлежност за оддржување на водоводните и канализационите системи, се додава во соопштението.
„Среќен сум што од денес во функција на ЈКП Гази Баба, а преку тоа во директна служба на граѓаните ставаме две нови возила. Ова не е прва инвестиција во ЈКП Гази Баба во изминатите четири години, ЈКП Гази Баба доби значајни инвестиции во механизација и опрема, кои не само што го подобрија квалитетот на услугите, туку и го трансформираа претпријатието во модерна и ефикасна институција – вистински сервис на граѓаните“, изјави градоначалникот Стефковски.
Директорот на ЈКП Гази Баба Игор Атанасовски, упати благодарност до градоначалникот Стефковски за поддршката и инвестициите кои се реализираа во изминатиот период.
Македонија
Арсовска: Наредбите за девалвации и напади од штабот на ВМРО се спроведуваат

Наредбите за девалвации и напади од штабот на ВМРО се спроведуваат, објави на социјалните мрежи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Звонко Тасевски со одлука на Собранието на ВМРО и ‘Влен’ е избран за член на Републичкиот совет за безбедност на 12.11.2024 година. Звонко обучува полицајци од МВР, каде што треба да пријавам закани. Звонко напаѓа, навредува и девалвира жени по нарачка. Не биди Звонко“.
Со докази за криминал, како што пишува Арсовска, ги бараат сите можни изговори за да не влезат во општина пред таму да ги уништат сите документи.
„Сите незаконски обиди за легализирање дивоградби им се фатени, нотирани и институционално се известувани 3 години, а фалсификатот со докази што ги имаме го прават на 20.3.2025 година.
Затоа што никој од вработените во Град Скопје нема да дозволи некој да се богати со овој фалсификат, јас сум должна да ги заштитам и да не дозволам да се случува баш ова што се случува.
За заканите од криминалот на Ганиу, Меџити и Адеми зборувам јавно, а премиерот вели дека му е жал и да пријавам во МВР, но не сум била добра жена“.
Во исто време, како што додава во напишаното, биле издавани наредби во штабот да ја напаѓаат, девалвираат и навредуваат по сите основи како човек и жена.
„Но изгледа не им е јасно дека нема да се повлечам. А вие срам имате ли?
U.S. Embassy North Macedonia, Delegation of the European Union to North Macedonia, British Embassy Skopje, German Embassy Skopje, Јавно обвинителство на Република Македонија“, напиша Арсовска.