Македонија
АСОМ со најава за масовни протести по празниците: Законот за игри на среќа нема да биде донесен, силно ќе се спротивставиме
Асоцијацијата на спортските обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира на вчерашното изгласување на законот за игри на среќа во прво читање, потег што јасно ни става до знаење дека пратениците од владеачкото мнозинство решиле по секоја цена да го донесат овој штетен закон.
Според нив, неразбирливо е како пратениците одат против здравиот разум, против граѓаните што ги претставуваат и против 10.000 вработени, само за да го заштитат очигледниот бизнис-интерес на малкумина во власта.
Она што се случува, како што велат, е политичко своеволие и насилство од страна на Владата и поединци во неа.
„Жално е што пратениците се претворени во заштитници на бизнис-интересите на поединци од власта додека со својот глас толчат илајдници семејства на вработените во легаланата дејност кои ќе ги изгубат приходите.
По сите анализи на законот, одговорно тврдиме дека неговото носење ќе остави на улица 10.000 вработени, ќе отвори играње на црно и враќање на сивата економија на голема врата. Ниеден претставник на власта, ниеден пратеник, не се охрабри да се соочи со нас и да го аргументира овој закон и да одоговорат на нашите грижи. Повеќе од јасно е дека сакаат да се скријат и на мала врата да го избуткаат ова решение“, истакнуваат во својата реакција.
Додаваат дека целта на овој закон е јасна – да се затворат домашните компании за да може Владата преку новите онлајн-страници со странски компании од Бугарија да си го преземе бизнисот. Ова, велат од АСОМ, нема да го дозволат и најавија дека веднаш по празниците, излегуваат на масовни протести, кои нема да престанат додека не се повлече овој закон.
„Ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат, ова не е борба за игрите на среќа, ова е борба против тиранијата што се врши врз работниците во индустријата. Ако овој закон помине, поединци од Владата преку државен интервенционизам ќе може да си ја преземат која сакаат индустрија во иднина.
Ова е преседан што мора да се сопре. Ги повкуваме медиумите да дадат поддршка на овој апел. Ако молчиме сега, ова политичко насилство ќе ги стигне сите“, реагираат од АСОМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во крводарителска акција во Велес собрани 99 крвни единици
Во акцијата за доброволно дарување на крв што по 7. пат ја организира Здружението „Велес бајкинг“ во соработка со Општинската организација на Црвен крст Велес денеска во Театарот во Велес, беа собрани 99 крвни единици што е рекорд за оваа веќе традиционална акција. Инаку лани беа собрани 68, а во 2023 година 76 крвни единици.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес, оцени дека оваа е најуспешна акција досега. Воедно се заблагодари на Здружението „Велес бајкинг“ што ја иницираа и организира и сите велешки крводарители што се вклучија во неа, како и на медицинската екипа на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје која ја реализира.
Во денешната акција 10 велешани за првпат даруваа од драгоцената течност. Меѓу крводарителите беше и д-р Кирил Лазов, актуелен директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и специјалист по трансфузиона медицина кој денеска по 51. пат даруваше крв.
Македонија
Обвинение добија три лица кои му се заканувале на градоначалникот Митко Јанчев
Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе обвинени против три лица за кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 од Кривичниот законик, додека првообвинетиот од нив се товари и за продолжено – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г.
Тој подолг временски период на неговиот личен профил на Фејсбук пишувал објави со говор на омраза, навреди и повици за насилство и закани насочени кон оштетениот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, поттикнувајќи омраза врз основа на политичка припадност и општествен статус. Обвинетиот 32-годишник објавувал и фотографии од оштетениот и неговите малолетни деца, заканувајќи се и кон нив, а како потврда за сериозноста на заканите споделувал и видеа во кои самиот пукал со автоматска пушка и пиштол.
Од јули годинава започнал и преку телефонска апликација да се јавува кај градоначалникот, лично и преку пораки да се заканува по животот на оштетениот и неговото семејство.
Второобвинетиот, исто така телефонски, пренесувал дел од заканите и пораките во име на првиот обвинет. Третиот обвинет, пак, коментирал на Фејсбук објавите на првиот обвинет, заканувајќи се со убиство на оштетениот градоначалник.
За првообвинетиот, кој има двојно македонско и бугарско државјанство, јавниот обвинител процени дека постои реален ризик од бегство и опасност да го изврши делото со кое се заканува, па до судијата за претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци поднесе и посебен предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Сиљановска Давкова учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска учествуваше на Дипломатскиот хуманитарен базар, кој под покровителство на амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер се одржа во Скопје по повод Светскиот ден на детето. На настанот на претседателката и беше врачена благодарницата за нејзиниот придонес.
-Годинава, во раскошот на меѓународната разноликост, Дипломатскиот добротворен базар повторно беше место каде што солидарноста ги поврзува културите. Уживав во културното шаренило: во масичките преполни со уметнички предмети по коишто се препознаваат државите, во уникатните производи, во вкусната храна, но најмногу, во насмеаните детски лица, веселите луѓе и убавата музика. Благодарницата за мојот скромен придонес, од „Добредојде“ и Амбасадата на Австрија, ме потсети дека суштината на хуманоста најсилно се изразува кога е упатена кон децата. Импресивно е кога празничната магија добива длабока човечка димензија!, објави претседателката на Фејсбук.

Дипломатски хуманитарен базар, кој привлече голем број посетители, имаше за цел собирање средства за подобрување на хигиенските услови во две основни училишта, за сите ученици, вклучително и децата со попреченост.

На настанот беше посочено дека иницијативата е од исклучителна важност за заедницата и дека дипломатската заедница заеднички придонесува кон создавање на подобри и подостојни услови за развој на децата.

Голем број амбасади имаа свои штандови, каде што посетителите можеа да ги пробаат традиционалните јадења од различни земји, како и да купат автентични подароци, ракотворби, приврзоци и други уникатни предмети. Меѓу учесниците беа амбасадите на Австрија, Германија, Италија, Шпанија, Турција, Јапонија, Кина, како и Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“.

