Македонија
150 нови професионални војници стапија на должност во редовите на македонската армија
Денеска, во касарната „Илинден“ се организира свеченост за прием на 150 нови професионални војници во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.
Оваа година во армијата беа примени вкупно 300 професионални војници, од речиси 1.900 кандидати, кои се пријавија на двата јавни огласа. Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на новопримените професионални војници им порача дека честа да се облече армиската униформа е голема и дека нивната цел, од која никогаш не треба да се откажуваат, е службата кон татковината.
„Голема е честа што ви е дадена да ја облечете армиската униформа, но уште поголема е обврската што ја добивате. Патот што денес го почнувате не е воопшто лесен, но е благороден. Подгответе се за предизвици, искушенија, пожртвуваност, но никогаш да не се откажете од вашата единствена цел да ѝ служите на Република Северна Македонија“, рече министерката на свеченоста.
Петровска истакна дека благодарение на посветеноста, професионалноста, но, пред сè, на љубовта кон татковината и личната пожртвуваност, денес Армијата е модерна, современа Армија, во која припадниците не прашуваат зошто и не бараат изговори, туку велат веднаш и дејствуваат.
„И во 2023 година беа забележани многу успеси на нашите армиски припадници, од учество во вежби, освојување медали, учество во мировни мисии, но и без колебање учество во спасувачки мисии. Да се биде војник, офицер или подофицер не е лесно и токму затоа ги избираме најдобрите“, истакна Петровска.
На конкурсот за прием на 150 професионални војници пријавени беа 1.144 кандидати, што се должи на зголемувањето на стандардот на армиските припадници, условите за работа и развојот на Армијата.
На свеченоста присуствуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и заменикот-министер за одбрана, Тирон Јајага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ со нови информативни табли и можност за плаќање со QR-код
Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи на Општина Центар“- Скопје, денеска успешно реализираше поставување на нови информативни табли со современ дизајн и вграден QR-код кој овозможува едноставно и брзо плаќање на паркинг услугата со платежна картичка.
Во рамки на напорите за дигитализација и модернизација, претпријатието денес започнува со замена на сите информативни табли со нов, модерен дизајн, како и поставување дополнителни табли за подобра информираност и полесна ориентација на корисниците. Новите табли содржат јасно означени податоци за зоните, тарифите и начинот на плаќање, а QR-кодот овозможува директен пристап до безбеден систем за електронско плаќање, без потреба од најава, регистрација или испраќање SMS порака, соопштија од таму.
Со едно скенирање, корисниците можат брзо и удобно да ја извршат уплатата, што претставува чекор напред во модернизацијата на услугите за паркирање во oпштина Центар.
„Воведувањето на QR-код системот е дел од нашата стратегија за дигитализација и поедноставување на услугите за граѓаните. Со ова решение, секој возач може за неколку секунди да го плати паркирањето без апликации, без регистрации и без дополнителни чекори. Нашата цел е да обезбедиме модерно, ефикасно и кориснички ориентирано паркирање во oпштина Центар,“ изјави Душко Коцевски, директор на ЈП Паркинзи на Општина Центар.
Овој проект е дел од континуираните активности на ЈП ПОЦ за унапредување на јавните услуги, подобрување на искуството на корисниците и воведување на иновативни дигитални решенија во интерес на граѓаните и посетителите на општина Центар.
Македонија
Официјализиран вториот мандат на градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски
Општинската изборна комисија, денес, официјално му го врачи Уверението за вториот мандат на градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски. Според конечните резултати, на осмите локални избори, што се одржаа на 19 октомври 2025 година, уште во првиот круг, тој ја обезбеди довербата на граѓаните да ја води Општина Илинден и во наредните четири години.
Уверението за избран градоначалник на Општина Илинден, на градоначалникот Александар Георгиевски, му го врачи претседателот на Општинската изборна комисија, Гоце Крстевски, на пригодна свеченост што се одржа во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“.
Уверенијата за избрани советници на Советот на Општина Илинден, ги примија и новите петнаесет советници:
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата:
1. Светлана Слезенковска
2. Благоја Митровски
3. Борче Најдовски
4. Миле Стојановски
5. Влатко Љубовски
6. Мери Стаменковска
7. Марко Младеновски
8. Лука Трифуновиќ
9. Сара Ѓорѓиевска
10. Христина Колевска
11. Марко Трпески
СДСМ и коалицијата:
1. Мишо Марковски
Левица:
1. Ацо Христовски
ВМРО – Народна:
1. Сашо Секуловски
Движење ЗНАМ:
1. Ивица Јовановски
Македонија
Герасимовски: Обезбедуваме 200 канти за отпад од домашни миленици со бесплатни кесички
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Горан Герасимовски, денеска најави дека покрај обезбедувањето на нови канти за смет, се воведува и новина, 200 специјални канти за отпад од домашни миленици на територија на Центар.
„Покрај новите канти за смет, воведуваме и новина, специјални канти за отпад од домашни миленици, слични на овој модел што како прототип го изработивме во општината. Во нив ќе има и бесплатни кесички за сопствениците. Ова е одлично решение Едноставно, урбано и еколошки одговорно. Планираме да поставиме 200 вакви канти низ сите населби и паркови, за да обезбедиме чист и уреден јавен простор, каков што доликува на општина каква што е Центар“, рече Герасимовски.
Тој, информираше дека во следниот мандат се оди чекор понатаму, со вакцинација и микрочипирање на уличните кучиња и домашните миленици, со што хумано и системски се решава овој сериозен проблем создавајќи безбедна и здрава средина.

