Економија
Бесими: Не е реално да ветуваме дека пред избори ќе има нов оглас за „Чебрен“

Нов оглас за хидроцентралата „Чебрен“ не е реално да се очекува пред изборите. Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека ниту тие ќе стигнат да објават нов оглас ниту стратешките инвеститори сакаат да инвестираат во период на избори.
„За овој проект е дискутирано на Влада. Тој е дел од стратегијата за енергетика и постапено е од страна на Владата во согласност со тие стратешки документи. Кога повторно ќе се распише, ќе се оцени во однос на следните чекори, а веројатно сега пред избори, оваа година, не е толку реалистички да се ветува дека ќе стигнеме да објавиме оглас. Дури и тие поголеми инвеститори, веројатно, во период на избори ќе чекаат следна фаза за да се пријават“, рече министерот Бесими.
Во Владата се разгледуваат причините за и против во врска со тоа дали ЕСМ сама да го гради „Чебрен“ или да има партнер. Бесими вели дека и тоа е дел од стратегијата на Владата, но најавува дека одлуките ќе се носат преку дебати во јавноста.
Хидроцентралата „Чебрен“ ја крена јавноста на нозе откога пропадна и 14-тиот оглас оти грчката компанија „Архиродон“, според објаснувањето на министерката за животна средина, Каја Шукова, не можела да обезбеди заеми од банките.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народна банка: Финансиската стабилност е задржана

Советот на Народната банка ја одржа својата редовна седница на која го усвои Извештајот за финансиската стабилност за 2024 година. Во Извештајот се оценува дека во текот на 2024 година финансискиот систем ја одржа стабилноста, добро се справи со предизвиците и е отпорен на шокови.
„Сите сегменти на пазарот – од банкарскиот систем, преку приватните пензиски и инвестициски фондови, осигурителниот сектор, до помалите институции како штедилниците и друштвата за лизинг – ја задржаа својата стабилност, покажувајќи добра отпорност на шокови и способност за приспособување на промените во економското и регулаторното окружување. Финансиските институции работеа во услови на умерено забрзан економски раст и постепено намалување на инфлацијата, додека геополитичкото опкружување остана нестабилно, носејќи со себе неизвесност и зголемени ризици“, соопштија од Народната банка.
Во Извештајот се оценува дека банкарскиот систем ја задржал стабилноста, зголемувајќи ја адекватноста на капиталот до највисокото ниво досега, ликвидносната позиција уште повеќе се подобрил, а се одржал и добриот квалитет на кредитното портфолио. Макропрудентните мерки што ги донела Народната банка помогнале за понатамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.
„Приватните пензиски фондови го сочинуваат вториот по големина сегмент од финансискиот систем. Нивните остварувања се подобрија во 2024 година, остварувајќи повисоки номинални и реални стапки на принос. Ризиците за финансиската стабилност од приватните пензиски фондови засега се ограничени поради сѐ уште младото членство на фондовите и минималните исплати врз основа на пензии. Ограничени се и ризиците од осигурителниот сектор, кој одржува соодветна солвентност и ликвидност и солидна профитабилност. Останатите сегменти на финансискиот систем се значително помали, а во 2024 година се издвојуваат отворените инвестициски фондови, кои остварија висок раст на средствата од над 60%, кој се должи на привлекувањето нови инвеститори и/или нови средства во отворените инвестициски фондови, но и на управувањето со средствата“, се наведува во соопштението.
Во Извештајот се оценува дека ризиците од нефинансискиот сектор се умерени со оглед на добрата финансиска позиција на домаќинствата и на корпоративниот сектор и ниската стапка на нефункционални кредити во кредитното портфолио на банките. Иако задолженоста на двата нефинансиски сектора расте во 2024 година, и е во рамки на праговите на ранливост и на двата сектора, сепак со долгот треба внимателно да се управува за да се одржи во истите рамки и во следниот период, се вели во соопштението.
Економија
Амазон ќе ја плати најголемата трговска казна во историјата

Амазон се согласи да плати 2,5 милијарди долари за да реши тужба од страна на американската федерална влада, која ја обвини дека измамила милиони луѓе да се регистрираат на Prime, а потоа им го отежнала откажувањето.
Според спогодбата објавена од Федералната трговска комисија (FTC), 1,5 милијарди долари ќе им бидат исплатени на клиентите кои биле измамени да ја користат услугата. Тоа е најголемата трговска казна што FTC некогаш ја обезбедила.
Спогодбата беше постигната неколку дена откако започна судењето пред порота во Сиетл. Амазон ниту ги призна ниту ги негираше обвиненијата и не одговори на прашањата на медиумите.
Prime нуди бесплатна достава, стриминг на филмови и други бенефиции. Услугата чини 139 долари годишно (или 14,99 долари месечно) во САД и 95 фунти годишно во Велика Британија, а ја користат стотици милиони луѓе ширум светот.
ФТЦ тврди дека Амазон користел агресивни скокачки прозорци за време на плаќањето за да ги охрабри клиентите да се регистрираат за Prime, честопати без јасно објаснување на условите или опцијата за одбивање на понудата.
Бесплатните едномесечни пробни периоди беа исто така проблематични бидејќи клиентите не беа јасно предупредени дека автоматски ќе им биде наплатено членството по завршувањето на пробниот период.
Економија
Електродистрибуција инвестираше 30 милиони евра во првите шест месеци од годината

Дистрибутивниот систем оператор – Електродистрибуција, својот главен фокус во првите шест месеци од годината го стави на дигиталната трансформација и модернизацијата на дистрибутивната мрежа.
Само во првата половина од 2025 година, компанијата инвестираше 30 милиони евра во проекти на високонапонско, среднонапонско и нисконапонско ниво. Преку овие инвестиции, Електродистрибуција обезбедува соодветен развој на дистрибутивната мрежа и намалување на загубите, следејќи ги потребите на корисниците, обезбедувајќи соодветна техничка и стручна подготвеност, брзо и ефикасно приклучување на новите корисници на мрежа и квалитетна услуга на постојните.
Континуираните инвестиции придонесуваат за намалување на техничките загуби, подигнувајќи го нивото на ефикасност на целиот систем.
Посветеноста на Електродистрибуција во создавањето на модерна и ефикасна дистрибутивна мрежа е од посебна важност. Со тоа се овозможува сигурно и непречено снабдување на корисниците и е темел за идниот економски развој на земјата.
ПР