Македонија
Паѓаат цените на горивата од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,54 % во однос на одлуката од 2.1.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,355 %, кај дизелот 2,341 %, кај екстра-лесното масло 2,138 % и кај мазутот зголемувањето 0,219 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,566 %.
Од 10.1.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 77,00 (денари/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 79,00 (денари/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 72,50 (денара/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 72,00 (денара/литар)
„мазут М-1 НС“ – 41,517 (денар/килограм)
Малопродажните цени на евродизелот (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-95“ не се менува.
Малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,281 денари/кг и сега ќе изнесува 41,517 денар/кг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од утре промена на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање на ЈП Градски паркинг- Скопје

Јавното претпријатие Градски паркинг- Скопје соопшти дека од 1.10.2024 (среда) започнува зимско сметање на работното време на јавните површини наменети за зонско паркирање со кои стопанисува претпријатието.
Работното време во зоните А, Б, Ц ќе биде:
– Од понеделник до петок: 07:00- 21:00 часот,
– Сабота: од 07:00-14:00 часот.
На јавната површина наменета за паркирање зона Д, работното време останува непроменето, односно:
– Од понеденик до сабота: од 07:00- 23:00 часот.
„Им препорачуваме на сите корисници на нашите услуги да бидат внимателни и навремено да извршат наплата при паркирање согласно наведеното работно време“.
Македонија
Алиу: Клиниката за уво, нос и грло со нова медицинска апаратура

Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со заменик претседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, Махмут Чевик и амбасадорот на Република Турција во земјава, Фатих Улусој, денеска ја посетија Универзитетската клиника за уво, нос и грло каде со поддршка од ТИКА е обезбедена нова медицинска апаратура.
– Клиниката за уво, нос и грло е зајакната со нови електрохируршки инструменти, односно електрокаутери, со коишто се овозможува попрецизна, поефикасна и побезбедна дисекција на ткива и придонесува кон побрзо закрепнување кај пациентите. Ова е значајно за клиниката имајќи предвид дека тука се вршат над 2000 интервенции на годишно ниво. Нашата заложба е унапредување на квалитетот на здравствените услуги на сите нивоа на здравствена заштита, а особено на терциерното ниво каде се третираат најкомплексните случаи, рече Алиу.
Директорот на Универзитетската клиника за уво, нос и грло, Игор Камшикоски упати благодарност до Турската агенција за соработка и координација ТИКА за значајната поддршка во насока на зајакнување на здравствениот систем.
Македонија
Николоски: На Скопје му треба силна трансформација, градскиот воз, нови еколошки автобуси, нова инфраструктура, идниот градоначалник Ѓорѓиевски ќе има силна поддршка

Овие четири години за Скопје се изгубени, сега на градот му треба силна трансформација и ние како Влада и Министерство за транспорт ќе дадеме силна поддршка во реализација на капиталните проекти за Скопје, градскиот воз, новите еколошки автобуси и инфраструктура, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
,,На Скопје му треба силна трансформација, новиот градоначалник ќе има силен партнер во мене, во премиерот Мицкоски, во Владата и во Минстерството за транспорт. Сакам да најавам за градскиот воз, тоа е нешто што го ветивме и ќе го реализираме. Во однос на првата делница, избран е изведувач и потпишан е договор за делницата од Зелениково, преку Драчево, помеѓу населбите Кисела Вода и Аеродром и завршува на новата железничка станица. Деновиве тој изведувач ќе биде воведен во работа и очекувам првата линија напролет да е функционална. Следната година во рамки на финансиските можности ќе продолжиме со избор на изведувач за другите две линии и на тој начин да го заокружиме прстенот и да имаме функционален воз кој што ќе се надоврзува на автобусите на ЈСП и на тој начин да имаме евтин превоз, да имаме точен и брз превоз и секако да се растерети гужвата“, истакна Николоски.
Најави дека после изборите повторно ќе се распише тендерот за 120 еколошки автобуси.
,,Веднаш по завршување на изборите, откако ќе завршат овие законски ограничувања ќе ја продолжиме оваа постапка. Набавуваме 120 автобуси, 80 за Град Скопје и 40 за другите општини. ЈСП треба да има целосна промена на флотата, сега има 250 автобуси и сите тие треба да бидат променети во годините пред нас и тука градот ќе има огромна подршка”, додаде потпретседателот Николоски.
Николоски и кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска извшија увид во реконструкција на улици во општина Кисела Вода. Тие најавија пробивање на улицата Есенинова на потегот од месноста Чешма до Шампионче.