Македонија
Нови судии и обвинители веќе се распределени – 45 на СДСМ, 25 на ДУИ, 20 на АА, вели Милошоски
Во Македонија има најмалку 7-8 правни лица што имаат соодветен електронски софтвер и опремени простории за електронско полагање испити вклучувајќи го тука и самиот Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, се вели во реакцијата на Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, за власта писмено да го спроведе полагањето на главниот тест на Академијата за судии и обвинители и покрај законската одредба за електронско полагање.
„Вчера, Министерството за правда соопшти дека ќе предложи да се смени законот за Академијата за судии за да се озакони писмено полагање на главниот тест за прием на новите 130 судии и обвинители. Се доцни со тендерот за набавка на електронски софтвер за полагање на квалификацискиот тест во Академијата за судии, е оправданието од Академијата. Според член 55 од Законот за јавните набавки, ако нешто е итно, и за електронскиот софтвер може да се набави со преговарање, без јавен оглас“, вели тој.
Да биде појасно, посочува тој, за разлика од електронското полагање, писменото полагање на квалификацискиот тест на Академијата значи човечко влијание, можност за манипулации, дополнително одговарање од страна на трето лице на неодговорените прашања и доделување максимум поени на владините фаворити за судии и обвинители.
„Затоа, реакцијата на Министерството за правда значи дека Владата во заминување сака пред распуштање на Собранието по секоја цена да си намести луѓе, кои утре од позиција на обвинители и судии ќе треба да ги заштитат одговорните за скандалите во М-НАВ, Онкологија, за ‘Беса транс’, убиствата на Панче и Вања, за милионските тендери во РЕК ‘Битола’, за двете евтини куќи во Тафталиџе 2, за ‘Соравија’, за незаконитото работење на видеолотариите и за многу други скандали. Зракот надеж во ова агресивно владино наметнување на адхок-правила е што во раководните органи на Академијата за судии има неколку поединци што не сакаат да си го извалкаат интегритетот и не сакаат да го аминуваат овој владин ‘кронизам’ за инсталирање марионети во правосудството. Таквите совесни поединци и понатаму се свиркачите, чии информации го разобличуваат брзањето на власта со злоупотреба на европското знаменце да го озакони писменото полагање на главниот испит, а тоа е следниот коалициски договор: од вкупно 130 идни судии и обвинители, според изворот од АСЈО, на Академијата ќе бидат запишани – 25 од листата на ДУИ, 20 од листата на Алијансата, 45 од листата на СДСМ и 10 од помалите коалициски партии“, додава Милошоски.
Како што истакнува, другите 30 судии и обвинители ќе бидат избрани од најдобрите меѓу преостанатите 200 пријавени кандидати.
„Значи, од предвидените 130 идни судии и обвинители што треба да се запишат на Академијата, 100 се однапред познати, според ‘кронизам’-методологијата и тие писменото полагање на тестот ќе го поминат со максимум бодови. Реална трка за запишување во АСЈО ќе има само за преостанатите 30 места за што во конкуренција се 200 кандидати што не се на владините коалициски листи на СДСМ, ДУИ, Алијансата и другите помали партии. Во следните денови предлогот за измена на Законот за АСЈО со злоупотреба на европското знаменце се очекува да помине на Владата, а потоа експресно да стигне во Собранието. Целта е законот да се изгласа по скратена постапка преку Комисијата за европски прашања за до крајот на јануари да може да се организира фиктивното писмено полагање на квалификацискиот тест за судиите и обвинителите, од кои 100 веќе однапред се утврдени“, објави Милошоски на својот фејсбук-профил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР апелира до возачите да внимаваат поради маглата
Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска упати апел до сите учесници во сообраќајот крајно внимателно да ги управуваат своите возила во услови на намалена видливост, како и воопшто да не седнуваат зад воланот доколку консумирале алкохол на предновогодишни забави и семејни веселби.
Оттаму информираат дека на територијата на Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје во периодот од 15 до 20 декември биле констатирани 53 сообраќајни несреќи и дека сообраќајните контроли на полицијата продолжуваат со несмален интензитет.„Апелираме и до учесниците во патниот сообраќај да бидат внимателни и во целост да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да поседуваат зимска опрема и да не седнуваат зад воланот под дејство на алкохол. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112“, велат од МВР.
Од Министерството се осврнуваат и на активностите што се преземаат против употребата на пиротехнички средства. Мерките, велат, се спроведуваат со засилена динамика, имајќи го предвид фактот дека употребата на овие опасни средства е карактеристична за периодот околу Нова година.
Целта, додаваат оттаму, е да се зголеми свеста кај младите, но и кај нивните родители, дека петардите не се играчки, туку опасни средства кои можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето.
Македонија
Кисела Вода со прочистувачи ќе го чисти воздухот во градинките
Во градинките на територијата на општина Кисела Вода се поставуваат прочистувачи за воздух. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, ја посети градинката „Синоличка“ при ЈДГ „Весели цветови“, една од градинките каде што веќе се поставени прочистувачи.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, при посетата, таа разговарала со вработените за значењето на оваа мерка, која директно придонесува за подобрување на условите за престој, како и за заштита на здравјето и благосостојбата на најмладите.
Покрај во градинките, прочистувачи за воздух се поставени и во спортската сала во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, како и во ПОУ „Кузман Јосифовски – Питу“.

-Оваа активност е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за создавање почиста и поздравa животна средина, особено во објектите каде што секојдневно престојуваат деца и млади. Општина Кисела Вода и претходно презеде низа конкретни чекори во оваа насока, посочуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека прочистувачи за воздух биле поставени во сите училници во сите основни училишта на територијата на општината, како и во поголемите паркови, со цел да се подобрат условите за престој и секојдневно функционирање на граѓаните.
-Грижата за здравјето на нашите најмлади е еден од нашите највисоки приоритети. Со поставувањето на пречистувачи за воздух во градинките, училиштата и спортските објекти, создаваме поздрави услови за престој и развој на децата. Ова е дел од стрстегијата на Општина Кисела Вода за почиста животна средина и за подобар квалитет на живот за сите наши сограѓани, заложба од која нема да отстапиме, изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Откажани и одложени повеќе летови на Меѓународниот аеродром Скопје
Маглата го отежнува авиосообраќајот на скопскиот аеродром, каде, според податоците од официјалната веб страница, има повеќе откажани и одложени летови.
На официјалната страна на Меѓународниот аеродром Скопје, од утринава откажани се летовите Истанбул, Измир, Венеција и Љубљана, како и повеќето полетувања.

Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, вчера од 00:00 часот до 18 часот, како што информираа од ТАВ Македонија имло 16 откажани и 11 пренасочени летови, додека три авиони слетале и три авиони полетале после пладне, кога се подобриле временските услови.

