Македонија
Спасовски, Шварц и Дакот од Вашингтон: МВР успешно ги спроведе сите проекти на ИЦИТАП-програмата на САД, продолжува стратешкото партнерство
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Вашингтон, Соединетите Американски Држави, оствари средба со заменик-помошникот на јавниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Брус Шварц, и со извршниот директор на ИЦИТАП, Грегори Дакот, во Одделот за правда на Соединетите Американски Држави.
Истакнувајќи дека правдата и внатрешната безбедност се столбови на секое стабилно демократско општество, Спасовски истакна дека во овој дел поддршката од САД е од огромно значење.
„На овој пат за Република Северна Македонија поддршката и соработката со Одделот за правда на Соединетите Американски Држави, особено преку ИЦИТАП – меѓународната програма за обука и помош во криминалистички истраги, се од клучно значење во нашите заложби за градење цврсти, граѓански ориентирани полициски институции“, истакна Спасовски наведувајќи дел од проектите и обезбедени донации и обуки, општи и специјализирани полициски курсеви, за повисоките и раководни полициски службеници, патролни полициски службеници, како и помошниот персонал, вработени во Бирото за јавна безбедност, примарно во организиран криминал, компјутерски криминал и дигитална форензика.
„Би сакал да ја споменам и да се заблагодарам за донацијата за реновирање полициски објект во Скопје, а особено за спроведувањето на проектот за носење мобилни камери за потребите на сообраќајната и граничната полицијата. Овој проект е многу важен за нас како полиција и за Министерство за внатрешни работи, кој прерасна во препознатлив превентивен механизам во борбата против корупцијата“, истакна Спасовски. Притоа. Тој го информираше Шварц за напредокот на МВР во борбата против корупцијата.
„Со големо задоволство можам да Ве информирам дека во таа насока имаме одличен напредок во откривачката дејност во борбата против корупцијата, и тоа: само во 2023 година откриени се над 64 коруптивни злоупотреби, 121 кривично дело со вкупно 178 сторители за причинета материјална штета од над 350 милиони денари“, рече Спасовски. Притоа тој се заблагодари до сите колеги и до персоналот на програмата ИЦИТАП, обучувачите и координаторите, до службениците, кои секојдневно го применуваат стекнатото знаење, како и до Шварц за поддршката изминативе децении.
Заменик-помошникот на јавниот обвинител на Соединетите Американски Држави, Брус Шварц, изразувајќи чест и почит кон министерот Спасовски, рече дека особено се гордее што изминативе години работат со него и благодарение на клучното лидерство и посветеност на министерот Спасовски оваа соработка е на исклучително ниво. На ова директорот на ИЦИТАП, Дакот, се надоврза дека особено се радува што во овој изминат период сите почнати проекти на ИЦИТАП-програмата на САД се навремено и успешно спроведени во рамките на МВР.
„Нашето стратешко партнерство изминативе 30 години е надградено и претставува пример за сите други. И во иднина ви стоиме на располагање да помогнеме со експерти и размена на искуства во спроведување на сите проекти во борбата со корупцијата“, рече Шварц.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по повторените локални избори: Народот ја казни неконструктивноста на СДСМ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека повторените локални избори во државата завршиле со, како што наведуваат, уште еден дебакл и пораз за таканаречениот „клан Дубаи“.
Според соопштението, со победата на Онер Јакупоски во општина Маврово и Ростуше со повеќе од двојна разлика во гласови, ВМРО-ДПМНЕ освоила вкупно 56 општини, додека СДС останала на, како што се наведува, минимални шест општини.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие локални избори ја извадиле на површина „болна вистина“ за опозициската СДСМ предводена од Венко Филипче, наведувајќи дека тој, како лидер на партијата, загубил сè што можело да се загуби и дека СДСМ е сведена на четврта политичка сила на политичката сцена во Македонија.
Во соопштението се наведува дека, според ВМРО-ДПМНЕ, неконструктивниот пристап на опозициската партија бил жестоко осуден и казнет од граѓаните, кои бараат работа и резултати, а не инает и пропаганда за ситни политички поени.
Партијата оценува дека станува збор за пораз на политика која, според нив, со години произведувала криминал, конфликти, национални предавства и деструкција, и ја држела државата во застој.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека СДСМ мора да се соочи со своето коруптивно минато и со криминалците во сопствените редови, наведувајќи дека без такво расчистување партијата нема да има кредибилитет, доверба ниту иднина.
Македонија
Водата се повлекува во повеќе региони, дел од патиштата затворени поради поплави, одрони и снег
Центарот за управување со кризи информира дека по обилните врнежи, состојбата на терен е стабилизирана во дел од регионите, а водата постепено се повлекува од поплавените подрачја. Информацијата се однесува на состојбата до 8 часот.
Во Пелагонискиот регион, во општините Битола, Могила и Новаци, водата се повлекува од површините каде што претходно имало излевање. Нивото на реката Црна кај селото Новаци во 18:00 часот изнесувало 320 сантиметри. Во Демир Хисар, поради оштетување на мостот на Боишка река, затворен е локалниот пат кон селото Мренога. Излевање сè уште има на реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде се поплавени поголеми земјоделски површини. Во Ресен се поплавени земјоделски површини, а во текот на денот интервенирано е со градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Во Југозападниот регион, во Охрид, на реката Сушица е изграден заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошно излевање, но сè уште има поплавени подрумски простории и дворови. Во струшкото село Мислешево поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини, а санацијата е отежната поради неможност за изведување пропуст за истек на водата. Во селото Калишта има поплавени дворови и подруми, при што се преземаат дополнителни мерки за санација. Во Дебар, реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање, а патните правци се проодни со појава на помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга.
Во Западниот регион, во Кичево, водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови и дезинфекција, а евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.
Во Вардарскиот регион, во Кавадарци, интервенирано е со механизација на повеќе ридско-планински патни правци, каде снежната покривка достигнува до 15 сантиметри.
Во Североисточниот регион, патниот правец меѓу селата П’клиште и Герман во општина Ранковце е непрооден поради снежни наноси, а во тек е негово расчистување.
Во Полошкиот регион, на патот Тетово – село Бањиче била падната голема карпа, по што сообраќајот е нормализиран, додека на патот кон Маврово кај каменоломот е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.
Македонија
ВЛЕН: Албанците зборуваа со еден глас, 10 општини за промени, им честитаме на Лимани и Шабани
„ВЛЕН е апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените“, велат од ВЛЕН.
„Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.
Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.
ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој“, се додава во соопштението на ВЛЕН.

