Македонија
Јавните институции злоупотребиле европски пари во рамките на просекот, Битиќи уверува дека нема ништо спектакуларно
Јавните институции, кои злоупотребиле европски пари добиеnи преку разни фондови, проекти и програми, злоупотребувале во рамките на просекот во ЕУ, вели вицепремиерот за европски прашања Фатмир Битиќи. Тој не ги откри имињата на јавните институции поради предистражните постапки, но најави дека ќе ги соопшти кога ќе имаат исход од постапките.
„Она што е увидено како евентуална злоупотреба е во рамките на просекот што се увидува во секоја земја членка на Европска Унија, дури и во земјите потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Ништо спектакуларно, морам да признам, тоа е 5 отсто од средствата што се користат. Сè уште нема исход од ниедна од постапките во однос на конечниот исход во однос на тоа дали ќе треба да се вратат средства. Во Европската Унија постои еден механизам, ако се увиди дека има неискористеност или искористеност на средства што не е ниво на планирани и признати трошоци, тие во суштина или се намалуваат од други програми или се бараат од крајниот корисник. Во овој случај тоа се јавни институции, веројатно штом добиеме одлука за која било од нив, ќе им се намали од редовните програми и секако ќе се бара лична одговорност од луѓето што ги воделе институциите во тој одреден временски период“, рече вицепремиерот Битиќи по панелот „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“, кој е дел од кампањата на Владата, која треба да нѐ доближи до Европската Унија.
На почетокот на минатата година почна судењето на Лидија Димова, поранешна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, осомничена за злоупотреба на 320.000 евра европски пари, а обвинет за злоупотреба на европски пари уште во 2021 година е поранешниот државен секретар во Министерството за информатичко општество, Јахи Јахја. Осомничена за злоупотреба на европски пари е и поранешна сметководителка во ФФМ за проневера на над еден милион евра, но за некаков вид злоупотреби медиумите изминативе години јавуваа речиси во секоја институција што имала пристап до европски пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

