Македонија
Крајот ви се ближи, ама крај на глупостите ваши нема: Пецаков ѝ одговори на Кузеска
По обвинувањата дека градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков, финансирал ракометен клуб во кој бил основач, се огласи Пецаков со демант кој ги отфрла тврдењата на СДСМ и Левица и ги нарекува лажни.
„Јас сум го основал клубот во 2011 година и сум бил капитен на клубот се до 2016 година. Во 2013 со основачки влог од 25 000 € на општина Охрид се основа Акционерско Друштво РК ОХРИД 2013 , кое понатаму во 2017 година се преименува во ГРК ОХРИД и така е до ден денес…
Од како е Акционерско Друштво од 2013 не членувам, ниту сум бил на било која извршна или не извршна позиција во АД-то и дополнително од 2013 година па на вака, главен финансиер на ГРК ОХРИД е општина Охрид и така и ќе останит, со одлука на совет и врз основа на јавен повик на доделувања на средства на СИТЕ спортски клубови на територија на општина Охрид“ вели Пецаков.
Тој порача дека ќе продолжи да ги помага спортските екипи, а ги повика инситуциите да испитаат дали има некаква злоупотреба. Рече дека овојпат ќе бара одговорност за лажните тврдења и обвинувања.
„Пс. Крајот ви се ближит, ама крај на глупостите ваши нема за жал. НЕМА ДА ГО УНИШТИТЕ СПОРТОТ И ПРАВИЛНИОТ РАЗВОЈ НА МЛАДИТЕ ВО ОХРИД! Вие сте завршена приказна!
ПСС. Се гледаме утре во 11 часот на прес за работи, за проекти и за она како ние знаеме да работиме и како треба да одиме напред!!“ напиша Пецаков на својот Фејсбук.
Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ претходно рече рече дека над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од Општина Охрид како директна поддршка.
„Овие суми ги потврдува и ‘Службениот гласник’ на Општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013, каде што основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи, Пецаков преку Општината индиректно си префрла пари на самиот себе!? Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП ‘Охридски комуналец’. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција“, рече Кузеска.
Како што додаде, надлежно обинителство треба да утврди дали е прекршен Кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб на кој токму тој е основач.
И од Левица рекоа дека Пецаков е фатен со рачињата во медот – си доделил 15 милиони денари општински пари.
„Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид, си доделил сам на себе 15.000.000 денари општински пари, односно пари на охриѓани. Имено, Пецаков се јавува како 100-процентен сопственик, односно 250 акции во градскиот Ракометен клуб Охрид АД Охрид 2013 Охрид со ЕМБС 6723136“, велат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.

