Македонија
Бочварски и Костадиновска-Стојчевска: Инвестициите во инфраструктурата и културата се влог за идните генерации

Инвестициите во инфраструктурата и културата се траен влог за идните генерации, беше заклучено на денешната панел-дискусија посветена на инвестициите во овие два сектора во рамките на годишната конференција „Година на европски можности“.
На панел-дискусијата, покрај министрите за транспорт и врски и култура, Благој Бочварски и Бисера Костадиновска-Стојчевска, учество зедоа и Ејуп Рустеми, директор на ЈП за државни патишта, Зоран Трифуновски, директор на „Железница – Инфраструктура“, потоа професорката од Институтот за македонски јазик, Весна Костовска, и Зоран Павлов, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Во своето обраќање министерот Бочварски истакна дека оваа Влада реализира најголем обем капитални инвестиции во висина од над 2 милијарди евра.
„Инвестициите во инфраструктурата имаат клучно значење за развојот на економијата, регионалното поврзување и тоа е клучното прашање што Владата го креира за реализација на капиталните проекти. Со ова креиравме политики на развој на градежниот сектор и отворање нови работни места. Само минатата година имаме 707 милиони евра реализација на капитални инвестиции во патишта, железници, гасоводна мрежа, водоводи и канализации и социјални станови.
И убеден сум дека ова е решението и дека Владата мора да продолжи по овој пат што го трасиравме. Градежништвото во овие години дожувива рестарт токму поради градежната реформа што ја направивме со новиот принцип на градење, кој го применуваме на терен на изградба на коридорите и кој ги дава посакуваните резултати. Ова е шанса по 30 години самостојност, да покажеме дека инфраструктурата е на приоритетно ниво“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот потенцира дека во делот на станбената политики за ранливите категории граѓани до сега се изградени над 860 социјални стана, а во делот на градежната дејност се реализира најголемата реформа со креирање нови закони и акти, кои ја подобрија работата на целиот градежен сектор.
Директорот на ЈП за државни патишта потенцира дека изминатата година Јавното претпријатие реализирало над 400 милиони евра капитални инвестиции и најголем приход од наплата на патарини.
„Минатата година остваривме рекорден приход од патарини, и тоа во висина од 62 милиона евра, и 400 милиони евра капитални инвестиции. За неполни три години, завршивме 630 км патна мрежа, а во фаза на изгрaдба и рехабилитација се речиси 300 километри патишта. Го почнваме најголeмиот проект за изгрaдба на коридорите 8 и 10 д“, рече директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Тој исткна дека оваа година ќе продолжат инвестициите во подобрување и модернизација на патната мрежа на целатата територија на државата, при што е предвидено изградба на уште 70 км државни патишта со проценета вредност од речиси 400 милиои евра.
Изградбата на пругата кон Бугарија е со засилено темпо, истакна директорот на „ЖРСМ – Инфраструктура“, Зоран Трифуновски.
„Првата и втората фаза од изгрaдбата на пругата кон Бугарија се одвиваат интензивно во согласност со динамичките планови на изведувачите. Првата делница до Бељаковце очекуваме да заврши до октомври оваа година, а втората до Крива Паланка во текот на 2026 година. Во однос на третета делница од Крива Паланка до граничниот прмеин Деве Баир, теденрската постапка е во тек. Очекуваме в година да избереме изведувач и да почнеме да градиме и тука морам да нагласам дека само во оваа фаза предвидени се 22 тунела и 52 моста“, истакна директорот Труфуновски.
Во однос на важните инвестиции во културата, министерката Костадиновска-Стојчевска го посочи покачувањето на платите на вработените во секторот од 43 проценти како една од главните придобивки во културата изминатите години. Таа истакна дека последните две години се вложени 900 милиони денари за санација, реконструкција и продолжување на градбата на постојните објекти од областа на културата.
„Капиталните дотации за ЕЛС се ставка што се актуализира минатата година и која досега не изнесувала повеќе од еден милион денари. Она што е значајно е фактот што минатата година за капитални дотации беа издвоени 40 милиони денари. Инвестиравме во општините Кратово, Валандово, Кривогаштани и во Делчево, општини во кои, како што кажаа и самите градоначалници, никогаш досега немало капитални дотации. Оваа 2024 година оваа ставка изнесува 50 милиони денари и целта е секоја наредна година таа сума да изнесува што е можно повеќе“, потенцира Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура ги издвои и инвестициите од 120 милиони денари за реновирање на Универзалната сала, 32,8 милиона денари за целосна обнова на старото училиште во Љубојно, финализирање на реставрацијата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, како и други проекти.
Професорката од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Весна Костовска, пред претстојната собраниска седница на која треба да се гласа новиот закон за употреба на македонскиот јазик истакна: „Со овој предлог се прошируваат областите во кои употребата на македонскиот јазик ќе биде задолжителна, ќе има задолжително вработување лектори, што ќе значи и задолжително лекторирање на текстовите. Се предвидува стипендирање на учениците на сите нивоа на образование, што ќе биде мотив за зголемување на интересот за студирање на македонскиот јазик“.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов, говореше за напредокот во заштитата на Охридскиот Регион и унапредувањето на правните механизми за ефикасно спроведување на препораките од УНЕСКО. Во однос на заштитата на културното наследство, Павлов истакна дека во новиот закон и Националната стратегија за заштита и користење на културното наследство посебен акцент се става на одржливиот раст на културното наследство во насока на негова трајна заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“

Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време и според вообичаената маршрута, но без давање официјална изјава од нив, што досега беше начин на комуникацијата на родителите на починатите со јавноста.
Преку испишаните пораки на транспарентите, тие и денеска за трагедијата во „Пулс“ ги обвинија институциите, од кои бараат правда и праведно судење. Десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот за нивните ангели родителите го почнаа од „Паркот на Револуцијата“, од каде се упатија кон Трговскиот центар. Марширањето продолжи кон Основниот суд со кратки запирања пред зградата на УЈП и Полициската станица.
27. „Марш за ангелите“ во Кочани денеска заврши каде и што почна – во „Паркот на Револуцијата“.
Македонија
Починато лице на списокот за гласање, ДИК отфрли седум и прифати три приговори за лично избирачко правo

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.
На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.
-ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена.
-Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи, истакна Даштевски.
На седницата ДИК информира дека досега за следење на утрешните локални избори се пријавени 1 463 набљудувачи од кои 807 домашни и 644 мешународни, како и 12 странски новинари. ДИК воедно денеска им одобри акредитации за следење на изборниот процес и на уште двајца новинари од Радио-телевизија Косово.
Беше прифатена и Одлуката за доделување дополнителни средства на општинските изборни комисии за локалните избори.
Попладневната 147. седница на ДИК, како што напомена Кондарко, останува отворена за евентуално пристигнување на други приговори.
-Јавноста ќе биде известена за продолжение на седницата. Сега само ја прекинуваме, а ќе ја продожиме денеска ако има потреба, ако не, утре ќе констатираме дека ја затвораме, објасни Кондарко.
Македонија
Скандал во студентскиот дом „Гоце Делчев“, студент снимал девојки додека се туширале

Студент бил фатен како тајно снима студентка во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.
„На 16 октомври 2025 во 20 часот и 10 минути во СВР Скопје, 22-годишна девојка од Прилеп, со престој во студентски дом на подрачјето на Карпош, пријавила дека истиот ден околу 17 часот, додека се туширала забележала телефон над параваните.
Според пријавата, А.М. (22) од Богданци ѝ кажал дека тој ги направил фотографиите. Лицето е приведено во полициска станица, а одземени му се лаптоп и компјутер.
„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.