Македонија
Анима Мунди: Итно да запре убивањето кучиња во ЈП Лана, Струмица и да се овозможи непречен влез на активистите
По неполна година откако е отворено jавното претпријатие, останаа ветер и магла ветувањата за хуман третман на бездомните кучиња од Струмица, а се по видливи и пострашни доказите дека таму се случува терор врз животните, велат од здружението Анима Мунди.
„По бројните сведоштва и докази дури и од вработен персонал, фотографии и снимки, градоначалникот Костадинов и директорката на претпријатието мува не ги лази за си тераат и молчат, а ставот на активистите кои по втор пат ќе протестираат против убивањето на кучиња не ги засега. Кучињата кои пак имаат среќа да преживеат се враќаат на улица во катастрофална состојба, преслаби, болни, траумирани. Официјалните бројки со кои стационарот маневрира не се потврдуваат со доказ. На активистите им е оневозможен влез, подлежат на притисоци и тужби за да молчат. На наше барање за информации од јавен карактер не се одговара конкретно и со доказ за убиените животни ,кои се тие агресивни кучиња, кој ги пријавил и/или проценил дека се такви. Фигурираат некакви си вдомувања а во стационарот не влегува жива душа. Најгрубо и најсурово се крши закон и се убиваат животните, дополнуваат од здружението Анима Мунди и додаваат:
„Се обраќаме до Костадинов и директорката да веќе утре стават КАТАНЕЦ на оваа крвава институција додека не се реорганизира комплетно, во целост во соработка со тамошните активисти- оние кои со сопствени средства и ресурси, волонтерски ангажман придонеле за градот, граѓаните , животните! Казна и суспензија на сите инволвирани, оставки на директор, зошто одговорност мора да има! Бараме АХВ да се разбуди од зимски сон и постапи веднаш! Оваа дупка нема да го скрие срамот и одговорноста на сите инволвирани, како што не успеа да ги скрие страдањата и масакрираните тела на убиените кучиња во Струмица! ДАВАМЕ ЦЕЛОСНА ПОДДРШКА НА ПРОТЕСТОТ на 28.01.во Струмица и ГИ ПОВИКУВАМЕ ГРАЃАНИТЕ НА МАСОВНОСТ“, велат од Анима Мунди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.