Македонија
Никој во здравството нема да земе плата ако им се намалат 21 отсто примањата на вработените во Фондот за здравство, ќе штрајкуваат
Вкупно 831 вработен во Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ќе штрајкуваат доколку Управниот одбор, постапувајќи по насоки од Владата, им ги намали платите 21 отсто сметајќи од почетокот на месецот. По осум месеци преговори минатата година, Синдикатот успеа да издејствува 15 отсто покачување на платите на вработените. Зеле една плата со покачување, а на почетокот на овој месец добиле препорака од Владата примањата да се намалат 21 отсто поради усогласување со усвоениот буџет. Вработените сметаат дека намалувањето на платите за процент поголем отколку покачувањето што го добиле во декември е под секое достоинство.
„Намалувањето значи 25 отсто од вработените паѓаат под минималната плата и уште 25 отсто доаѓаат на минималната плата, што не е дозволиво за толкава институција, институција што го има најголемиот буџет во Република Македонија, и тоа ликвиден. Доколку ги намалат платите, ќе се активира одлуката за штрајк, која беше донесена во ноември. Апсолутно прекинуваат сите неесенцијални функции на Фондот за здравствено осигурување. Освен по едно лице што ќе прима документи, другите воопшто нема да работат. Тоа во превод значи дека нема да има никакви исплати ниту за капитација за матичните лекари, ниту за лекови за аптеките, ниту за плати во јавното здравство, ниту за лекови во јавното здравство и така натаму“, најави Бранко Аџигогов, претседател на Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување при Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Управниот одбор на Фондот денес шести пат се состанува за да донесе одлука за намалување на платите по препораката од Владата. Претседателот на Синдикатот, Аџигогов, вели дека Управниот одбор се мачи да ја донесе одлуката оти е длабоко поделен. Тројца од членовите, како што вели, се цврсто застанати зад Синдикатот, еден е неопределен и двајца гласаат за намалување. За носење каква било одлука, без разлика дали е за намалување на платите или тие да останат на истото ниво, потребно е мнозинство, односно четири гласа.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, вели дека иако е несвојствено за претседател на Синдикат, тој најмалку сака да има штрајк на вработените во ФЗОМ оти најпогодени ќе бидат граѓаните.
„Доколку се донесе ваква одлука со намалување, мене ми е жал што ќе кажам, ќе страдаат само граѓаните. Ќе страдаат луѓето што се на боледувања. Нема да се работи воопшто ништо какви притисоци и да имаме и какви притисоци и да имаат вработените зад нас, кои се членови на Синдикатот на УПОЗ“, рече Деаноски.
Тој потсетува дека Фондот е самостојна институција и Владата нема ингеренции да бара нешто од Фондот. Фондот има буџет од речиси 46 милијарди денари, од кои за плати одат 1,19 отсто.
„Колегите зад мене од подрачната во Скопје имаат најниски плати како административци во државата. Решаваат предмети што се во вредност од и од над сто, двесте и триста илјади евра, но и над милион евра. Праќаме луѓе на лекување, имаме доктори, фармацевти, инспектори, кои имаат плата од 25 до 27.000 денари. Тоа е под секое човечко достоинство. Да бидам јасен и гласен, ова барање е од министерот за финансии, Фатмир Бесими. Министерот побара, а Владата го поддржа да се намалат платите 21 отсто. Не знам каде ќе му оди душата на тој човек. Треба да почне да си ги гледа вработените. Секој ден ни заминуваат колеги, секој ден сме помалку и помалку вработени. Од нас се бара да ги извршуваме можеби најсложените работни задачи од здравственото осигурување во државата, што е примарна дејност на Фондот за здравство“, рече Деаноски.
Претставници на Синдикатот и некои од вработените пред зградата на Фондот во Скопје чекаат Управниот одбор да донесе одлука. Велат дека вработените цел јануари доаѓаат на работа иако не знаат за колкава плата работат оти препораката од Владата им стигнала на 4 јануари, од кога Управниот одбор се состанува шестпати за да донесе одлука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

