Македонија
Џафери – Гир: Македонија останува посветена на европскиот пат, следните избори, кои ќе ги подготви и спроведе оваа Влада, ќе се клучни за нашата европска иднина
Премиерот на Република Северна Македонија, Талат Џафери, го прими амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
Амбасадорот Гир му го честита на премиерот Џафери неговото назначување за претседател на Владата истакнувајќи ја поддршката од ЕУ и Делегацијата во Скопје во продолжување на соработката и поддршката на институциите во реализирањето на европската агенда на државата.
Премиерот Џафери изрази задоволство што неговата прва средба со претставник на меѓународната заедница е токму со амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, што претставува јасен знак за насоката на движење на Владата во следниот период.
Премиерот истакна дека претстојните избори се од исклучителна важност за иднината на земјата бидејќи тие ќе ги одредат текот на движење и напредокот во следниот период. Премиерот нагласи и дека Владата ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски што произлегуваат од почнатите пристапни преговори со Европската Унија во насока на забрзана европска интеграција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на заедничката посветеност на Брисел и Скопје кон натамошното успешно придвижување на активностите поврзани со планот за раст за Западен Балкан и во таа насока амбасадорот Гир го поздрави досегашниот конструктивен пристап на Владата.
Заблагодарувајќи му се на амбасадорот Гир за принципиелната поддршка на Северна Македонија од страна на ЕУ во процесот на остварување на стратешката цел на државата – членството во ЕУ, премиерот Џафери истакна дека Владата ќе продолжи со активностите за унапредување на демократијата и владеењето на правото, како и борбата против корупцијата и зацврстување на правната држава.
На средбата беа разменети и мислења за актуелни прашања од внатрешнополитичката состојба во земјата и претстојните избори. Во тој поглед амбасадорот Гир нагласи дека ЕУ како и досега ќе ги подржи активностите на ОДИХР во обезбедување набљудувачка мисија и спроведување фер и демократски претседателски и парламентарни избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Доколку СДС има докази за вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога нека ги достави до Обвинителство, во спротивно ќе добие тужба
„СДС веќе ја претера. Навикнати сме на лаги, манипулации, шпекулации и ширење на невистини од нивна страна, но ова веќе ја прели чашата. Ги повикуваме доколку имаат било какви докази за некаква вмешаност на поединци од власта во случајот со 5 тони дрога веднаш да ги достават до ЈО, во спротивно ќе добијат тужба“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„На СДС најлесно им е да растураат пердуви во јавноста, и потоа да немаат никаква одговорност.
Провери ли СДС во фабриката за марихуана кај Заев? Зошто имало камиони без таблици во таа фабрика? Зошто Заев лично ѕвонел на телефони во царинската управа и се интересирал за случајот со марихуана? Каква е улогата на Вице во целиот случај?
СДС мора да разбере дека ако они крадеа, ние не крадеме. Ако тие даваа пасоши на криминалци, ние не даваме. Ако тие договараа тендери во 4 очи и добиваа автомобили за истото, ние не правиме така. СДС е синоним за криминал, корупција и неспособност, ВМРО-ДПМНЕ е синоним за чесност, работа и дела“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: Молкот за дрогата од 5 тони е потврда дека скандалот оди до врвот на власта
Трет ден по ред власта молчи за огромниот картелски скандал со заплената на 5 тони дрога во соседна Србија, која дошла од Македонија. Нема ниту еден одговор, како толкава количина дрога имало во Македонија, како поминала граница, скенери, камери, велат од СДСМ.
Молкот, според нив, е јасна потврда дека скандалот оди до самиот врв на власта.
„Ваков криминал не може да се случи без поддршка, логистика и заштита од луѓе на високи позиции во власта. Уште колку вакви пратки, уште колку тони дрога вредна милиони евра ја поминале границата? Каде завршуваат огромните пари од шверцот на дрога и што се финансира со овие пари?
СДСМ со денови говори дека постои поврзаност на криминални структури во Македонија и Србија. Овој случај е уште една потврда за тоа“.
Криминални тендери, 5 тони дрога, фотографии на Мицкоски со криминалци, луксузни часовници од 65.000 евра. Како во мафијашки филм, истакнуваат од оваа партија.
Молкот, како што додаваат, мора да престане.
„Обвинителството мора да се разбуди, да спроведе целосна истрага и да лоцира одговорност за картелскиот скандал со 5 тони дрога, без разлика кој на која функција се наоѓа.
Нема бегање од одговорноста.
Македонија
Се откри театарот на Трендафилов нарачан од СДС и Левица, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Излезе на површина несериозноста, неодговорноста и поигрувањето на Слободан Трендафилов со чувствата и иднината на работниците, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако се постигна договор и се закажа средба меѓу Владата и гранковиот синдикат УПОЗ за зголемување на платите на административните службеници и до 40%, претседателот на ССМ се јави на социјалните мрежи.
Во стил на инфлуенсер, Трендафилов објави статус со фотографија како седи сам во празните простории на синдикатот, при што пишува дека чекал да дојде претставник на Владата за да се потпише договор за зголемување на платите.
Ова е само уште една потврда на тезите дека барањата на Слободан Трендафилов не се барања од и за работниците, туку се барања со политичка заднина и дека зад оваа раководство на ССМ стојат СДС и Левица“.
Ваквото однесување на Трендафилов, додават од владејачката партија, не е ништо друго освен обичен театар за широката маса, во која тој изигрува жртва, а виновна е владата.
„На него никогаш не му било до зголемување на платите на работниците, туку целта единствено му било да се наштети на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што е иста политичка агенда со таа на СДС и Левица.
Оттука се јавува потреба да се постави прашањето, дали СДС и Левица му ги пишуваат барањата на ССМ и Трендафилов?“
Изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, појаснуваат од партијата, потпиша нови колективни договори и ги зголеми платите во образование, здравство, полиција, одбрана, социјала и другите сектори, но за тоа Трендафилов ништо не кажа.
„Исто како што збор не изусти за ценовните шокови во време на власт на СДС и ДУИ, кога инфлацијата рушеше двоцифрени рекорди, кога сметките за струја се зголемија за над 50% и молчеше кога во неколку државни институции со месеци немаше плати.
Исто така, потсетуваме дека во изминатите години на власт на СДС, се потпишаа колективни договори во разни државни институции и сектори, без одобрение од министерството за финансии. Тоа значи, СДС и ССМ си потпишале договори без претходно одобрени средства, што е спротивно на условите за потпишување на колективен договор и уште едно изигрување на работниците за политички цели.
Со овие политички игри и лицемерие Трендафилов и ССМ покажуваат дека не се борат за работниците, туку соработуваат и работат во корист на СДС и Левица против власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ“.

