Скопје
ЦУК: 1.918 повици на 112 во последното деноноќие, успешна спасителната акција на Водно
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.918 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од кои реални биле 34,52 %, а 65,48 % биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 53,73 %, кон итната медицинска помош 33,73 %, а кон пожарникарите 8,24 % од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот на повици што биле за комбинирано решавање од реалните и во ЦУК, 4,31 % со другите 65,48 % што се именувани како неитни повици, биле вкупно 1.266 на број и биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи во согласност со природата на пријавените итни случаи.
Инаку, синоќа, по добиениот повик на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, на Водно имаше спасувачка акција, која успешно се заврши со голема пожртвуваност од сите ангажирани субјекти, кои пеш стигнале до повредениот, му укажале прва помош, го грееле со оган и потоа повредениот на раце околу еден час бил носен по замрзнат терен до возилото на Итната медицинска помош за транспорт до болница, и тоа на крајот од денот, во првиот мрак. Ангажираните од Итната медицинска помош, Полициската станица Карпош и специјалците од ЕБРД на МВР, реагирале оптимално и во согласност со природата на итниот случај и можностите на теренот кога почнува ноќта. Хеликоптерската единица на МВР, а и припадниците од Армијата на пунктот на Водно, биле во подготвеност ако затребало.
Пожари на вегетација на отворено според извештаите на регионалните центри за управување со кризи во државата сè уште има, така што и во последното неделно деноноќие имало девет (9) пријавени за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) „Мобилизирани се сите служби“: Кисела Вода се справува со снежните наноси
По снежните врнежи кои го зафатија цело Скопје, општина Кисела Вода од раните утрински часови спроведува интензивни активности за чистење и одржување на патната инфраструктура со цел обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот, извести Општината.

„Активиран е Кризниот штаб на општина Кисела Вода, кој е во постојана комуникација со сите надлежни служби и ја координира работата на терен, овозможувајќи ефикасно справување со зимските услови.

Со целосно ангажирана и расположлива механизација, камиони и екипи, континуирано се работи на расчистување на снегот и посипување сол на критичните точки каде што е евидентирана појава на мраз. Во моментов, активностите се одвиваат во населбите Припор, Пинтија и Драчево, како и пред градинките, училиштата и автобуските постојки.

Ангажирани се сите сезонски работници, а екипите се постојано присутни на терен за навремено да одговорат на сите пријави и состојби кои би можеле да го отежнат сообраќајот и секојдневното функционирање“, велат од Општината.

Општина Кисела Вода апелира до граѓаните за зголемена внимателност при движењето и почитување на сообраќајните правила, додека општинските служби продолжуваат со активностите сè до целосна стабилизација на состојбата.
За пријавување на проблеми поврзани со снег, замрзнати улици или отежнат пристап, граѓаните можат да се обратат на следните телефонски броеви:
Димитар – +389 72 443 500
Дарко – +389 78 383 746
Македонија
(Фото) Герасимовски: Општина Центар го расчистува снегот, фрлени 15 тони сол
Службите на Општина Центар од утринава се на терен и интензивно работат на расчистување на снегот. Фрлени се 15 тони сол на коловозите, со приоритет на најкритичните точки. Механизацијата интервенира на пристапите кон Водно, каде што се расчистува снегот и се фрла сол, известуваат од Општината.

Паралелно се чистат тротоарите и пешачките патеки, како и просторот околу здравствените установи, училиштата и градинките, за безбедно движење на граѓаните и учениците.

Општина Центар ги повикува граѓаните да пријавуваат критични точки со цел службите веднаш да интервенираат и да го расчистат теренот, на телефоните: 075 219 068, 076 313 381 и 075 476 768, велат од Општината.

„Нашите служби се постојано на терен. Имаме доволни залихи на сол, а механизацијата го расчистува снегот на местата кои се под наша надлежност“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.


Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен
Соочени со зимските услови и снежните врнежи, Град Скопје навремено и одговорно ги презема сите неопходни мерки за обезбедување безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Екипите на Град Скопје уште од раните утрински часови се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на улиците и булеварите под градска надлежност, со 24-часовна активност и координација на кризниот штаб, известуваат од Град Скопје.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска!
Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки.
Безбедноста на граѓаните е наш приоритет.
Затоа, апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, напиша градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на социјални мрежи.

