Спорт
(Видео) Ливерпул го декласира Челси, Сити ја продолжи серијата победи, блиц-криг на Тотенхем

Во дербито од 22. коло на Премиер лигата, Ливерпул на „Енфилд“ го победи Челзи со 4:1 и ја продолжи серијата без пораз во лигата на 15 натпревари.
Ливерпул ја запиша четвртата победа по ред, а седма во последните девет натпревари во Премиер лигата. Последниот пораз на Ливерпул го забележа во септември минатата година кога гостуваше кај Тотенхем (1:2). Потоа во 15 кола оствари 10 победи и пет нерешени.
Ливерпул поведе во 24. минута со голот на Диого Жота, а во 39. минута, играчот на натпреварот Конор Бредли зголеми на 2:0. Во последните моменти од првото полувреме домашните имаа пенал, но Дарвин Нуњез ја погоди стативата. Избраниците на Јирген Клоп дојдоа на чекор до победата во 65. минута, кога Доминик Собошлаи со глава погоди по додавањето на Бредли.
„Сините“ го намалија резултатот во 71. минута со голот на Кристофер Нкунку, но Ливерпул брзо одговори, во 79. минута Луис Дијаз погоди за 4:1. Поразот на Челзи можеше да биде многу потежок бидејќи Нуњез освен не реализираше пенал, двапати во текот на натпреварот ја погоди и стативата, во осмата и 75. минута.
Актуелниот англиски шампион Манчестер Сити немаше проблеми против еден од најголемите кандидати за испаѓање Барнли. „Граѓаните“ славеа со 3:1. Хулијан Алаврез со два гола (16, 22) и Роди (46) му ја донесоа победата на Сити. Во судиското продолжение гостите само го ублажија поразот со голот на Амин Ал Дахил.
До три бода дојде и Тотенхем со победата од 3:2 против Брентфорд. Гостите поведоа во 15. минута со голот на Нил Мопеј и го бранеа водството до крајот на полувремето. Сепак, во првите 11 минути од продолжението, Тотенхем возврати со три гола во низа, а стрелци беа Дестини Удоги (48), Бренан Џонсон (49) и Ришарлисон (56). Брентфорд до крајот намали во 67. минута со голот на Ајван Тони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Најлошиот натпревар во кариерата на Никола Јокиќ – ова никогаш не му се случило на трикратниот МВП на НБА

Денвер Нагетс на Никола Јокиќ ги победија Оклахома Сити Тандер со 113:104 и поведоа со 2-1 во полуфиналето на Западната конференција, но центарот на тимот од Колорадо нема да го памети добро овој натпревар.
Јокиќ го заврши натпреварот без ниту една тројка, иако упати десет удари кон противничкиот кош.
Не е прв пат центарот на тимот од Колорадо да го заврши натпреварот без ниту една тројка, но му се случи за прв пат да не помине топка низ обрачот по десет обиди.
Досега, Јокиќ имаше најмногу промашени шутеви, осум, на 10 март 2022 година, против Голден Стејт Вориорс.
Спорт
Драма во Шпанија: Тренерот на Жирона итно префрлен во болница

Фудбалскиот тренер на Жирона, Мичел Санчез, напиша на социјалната мрежа X дека е хоспитализиран, но не ги наведе причините поради кои е примен во болница.
„Морав да бидам хоспитализиран и ќе бидам под лекарски надзор неколку дена“, напиша Санчез, додавајќи дека се чувствува добро и со нетрпение очекува да се врати на клупата.
Поради здравствената состојба, Санчез нема да го предводи тимот на натпреварот против Виљареал во сабота. Жирона моментално е на 15-то место на табелата, шест бода над зоната за испаѓање, а до крајот на првенството остануваат уште четири кола.
Ниту клубот, ниту тренерот не објавија повеќе детали за неговата здравствена состојба.
„Се чувствувам добро, под надзор сум на лекар и ги бројам деновите до враќањето на работа за да можеме да ја продолжиме борбата до крајот на сезоната. Ќе бидам отсутен од теренот, но во постојан контакт со стручниот штаб“, рече Санчес.
Минатата сезона, Санчез го предводеше каталонскиот клуб до историско трето место во шпанското првенство. Сепак, тимот се соочи со проблеми оваа сезона откако клучни играчи го напуштија клубот за време на летниот преоден рок, па Жирона е само 15-та на табелата со 38 бода, и сè уште не ја надминала борбата за опстанок.
Спорт
Средба која се чека со години: Ана Ивановиќ и Ѓоковиќ повторно заедно?

Ана Ивановиќ и Новак Ѓоковиќ би можеле повторно да се сретнат за прв пат по долго време.
На турнирот во Женева, најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, ќе ги направи последните подготовки за Ролан Гарос, а се очекува да пристигне и некогашната српска тенисерка Ана Ивановиќ во својство на почесна гостинка и поранешна шампионка, пренесуваат српските медиуми.
Нивната средба би можела да се случи во многу деликатен момент за двајцата.
Имено, се повеќе се шпекулира дека Ана поминува низ брачна криза со Бастијан Швајнштајгер и дека развод е на повидок.
Од друга страна, Новак поминува низ чуден период. Од почетокот на годината, тој е далеку од препознатливо ниво, се откажа од мастерсот во Рим без конкретна причина, а се повеќе се шпекулира за крајот на неговата кариера.
Турнирот во Женева е закажан од 17 до 24 мај.