Македонија
Професионален војник им набавувал мобилни телефони на затвореници во Идризово
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 1 февруари во КПУ Идризово – Скопје, како службено лице – професионален војник во Армијата на Република Северна Македонија, поради прогласена кризна состојба на подрачје на затворот, бил ангажиран како надворешно статично обезбедување од стражарна кула на оградниот ѕид на затворскиот објект. Притоа, тој презел дејствие со кое ги пречекорил границите на своите службени овластувања со намера за двајца осуденици кои издржувале казна затвор во затвореното одделение и на кои согласно куќниот ред во затворот им се забранети мобилни телефони, да им прибави и да им овозможи користење на мобилни телефони и комуникација без надзор на затворска полиција.
Откако претходно скрил десет мобилни телефони во тактичкиот елек од униформата која ја носел, тој го напуштил стражарното место и знаејќи дека осудениците биле пуштени на дневна прошетка и го чекаат, застанал до ѕидот од кабината и последователно преку две заштитни огради им ги фрлал мобилните телефони, со цел да им овозможи комуникација без надзор.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравувањето дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, соопштија надлежните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

