Македонија
Левица: Блокиравме Закон наменет за да може урбанистичката мафија да продолжи со малверзации

Левица успешно ги блокираше штетните измени на Законот за урбанистичко планирање кои на шверцерски начин беа предложени од страна на ДПМНЕ и поддржани од СДС и ДУИ, информираа од оваа партија.
„Нивното барање е роковите за започнатите постапки за донесување, како и постапките за изменување и дополнување на урбанистичките планови за кои е одобрена планска програма до денот на отпочнување на примена на овој закон, да продолжат согласно одредбите на законите според кои се започнати и наместо за четири да се пролонгираат на осум години од денот на влегувањето во сила на овој предлог-закон.
Со ова, ќе им се овозможи на сите манипулатори поврзани со урбанистичката мафија, да оставаат на долг временски рок свои темпирани бомби, кои ќе можат да изржат не една, туку дури и две промени на власт на локално ниво, се до конечно реализирање на своите соништа. Се што ќе треба да дочекаат е власт волна да се спогоди со нив или да се купи од нивна страна, истовремено врзувајќи им ги рацете на оние кои би сакале тоа да го сменат“, се нагласува во партиското соопштение.
Според Левицата, времето на важење на еден ДУП е само 5 години, а се бараат 8 години важност на планска програма, што е апсурд. За 8 години, како што напоменуваат од оваа партија, можат драстично да се изменат условите на терен и параметрите дадени во планската програма воопшто да не одговараат на тогашната ситуација.
„Од тие причини, и секогаш имајќи ги во предвид интересот на граѓаните, пред интересот на олигарсите, Левица, со само двајца пратеници успешно го блокираше предлог законот“, потенцираат од Левивица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Клиниките за Токсикологија, Неврологија и Кардиологија добија нови директори

Министерството за здравство информира дека се именувани нови в.д. директори во четири јавни здравствени установи.
На Универзитетската клиника за токсикологија за в.д. директор е именуван д-р Арѓенд Имери, на местото на д-р Андон Чибишев.
На Универзитетскиот институт за клиничка биохемија за в.д. директор е именувана д-р Мимоза Бафќари-Бакији, на местото на д-р Николина Граздановска.
На Универзитетската клиника за неврологија за нов директор е именуван д-р Игор Кузмановски, на местото на д-р Фатмир Меџити.
На Универзитетската клиника за кардиологија за нов директор е именувана д-р Даница Петкоска Спирова, на местото на д-р Беким Поцеста.
Новоименуваните директори ја извршуваат оваа функција почнувајќи од вчера.
Македонија
СДСМ: Осуда за скандалозната одлука за именување на училиште во Студеничани со името на Азем Морана

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најостро ја осудува, како што велат, скандалозната одлука на Владата за именување на општинското основно училиште во Општина Студеничани со името на Азем Морана, според СДСМ, познат балист и соработник на фашистичкиот окупатор за време и по Втората светска војна.
„Ова именување е историски неосновано и претставува директно понижување на антифашистичката борба на македонскиот и албанскиот народ. Тоа е навреда за сите борци од НОБ, за жртвите од фашистичкиот терор, за вредностите врз кои е изградена нашата држава, слободна, демократска и европска Македонија. Преку рехабилитација на фигури поврзани со балистичкото движење што ја прават ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се нарушуваат темелите на идеологијата врз која е изградена македонската државност: антифашизмот, народниот суверенитет и демократските вредности. Според десничарската матрица, тие свесно и систематски го бришат антифашизмот од колективната меморија заменувајќи ги партизанските имиња со имиња на балисти, соработници со фашистичкиот окупатор“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека бескомпромисната борба против фашизмот не е само дел од нашето историско наследство, туку е структурна вредност на нашиот уставен поредок, на нашиот идентитет и на нашата евроинтегративна определба.
„Срамно е една влада којашто тврди дека е за Европа да дозволува вакви опасни чекори. Наместо да ги едуцира младите за вистинските херои на слободата, таа ги учи да ги слават соработниците и поддржувачките на фашистичката идеологија. Тоа е образовно и морално злосторство за едно деморкатско општество коешто се стреми кон европските вредности“, велат од СДСМ.
Партијата ја повикува Владата итно да ја преиспита одлуката, водејќи се од почитта кон борците и да поднесе итна иницијатива до надлежните институции за нејзино укинување. Од СДСМ велат дека ќе побараат и отворена расправа во Собранието, како и поддршка од Сојузот на борците и од сите прогресивни сили во државата.
„Нема да дозволиме ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН да ја поткопуваат идеологијата на антифашистичката борба и македонската историја. Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, а не врз ревизионизам и така мора да остане“, велат од СДСМ.
Македонија
ЦУК повторно ќе го тестира системот за масовни известувања на граѓаните

Во текот на попладневните часови граѓаните ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за испраќање масовни известувања и аларми во случаи на кризни состојби, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од таму појаснуваат дека станува збор за систем кој овозможува итни пораки да бидат испратени до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во одредена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Целта е навремено и ефикасно информирање на населението при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации.
Од ЦУК велат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои бараат сите земји да располагаат со механизам за масовно информирање и алармирање на граѓаните во услови на криза.