Свет
Израел го бомбардираше пограничниот град Рафах
Израелските сили денеска бомбардираа област во близина на јужниот пограничен град Рафах, каде што засолниште побара повеќе од половина од вкупното население на Појасот Газа, еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го отфрли предлогот за прекин на војната во палестинската енклава.
Нетанјаху вчера изјави дека предлогот на Хамас за примирје е „заблуда“ и најави продолжување на борбата и победа за неколку месеци. Одбивањето од страна на израелскиот премиер дојде по интензивните дипломатски напори да се стави крај на четирииполмесечната војна, пред можниот израелски напад на Рафах, каде во моментов се заробени повеќе од еден милион луѓе, многу од нив во импровизирани шатори и недостиг од храна и лекови.
Показател дека се уште не е исклучено дипломатско решение, е дека делегацијата на Хамас денеска пристигна во Каиро на разговори со посредниците Египет и Катар. Хуманитарните агенции предупредуваат на претстојната катастрофа доколку Израел ја исполни својата закана да влезе во Рафах, еден од последните делови на Појасот каде што израелските војници не стапнале.
Израелски авиони утринава бомбардираа делови од областа, а жителите јавуваат дека во две куќи загинале 11 лица. Тенковите беа насочени кон делови од Источен Рафах, интензивирајќи ги стравувањата на населението од претстојната инвазија. И покрај тоа што Израел го отфрли предлогот на Хамас, дипломатските разговори продолжуваат, пренесуваат светските медиуми.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека се уште има простор за преговори.
Блинкен повтори дека бројот на цивилни жртви во израелската офанзива е превисок, па затоа го повика Израел да ја стави својата благосостојба на прво место. „Ова е особено точно во случајот со Рафах, каде што има меѓу 1,2 и 1,4 милиони луѓе, главно бегалци од другите делови на Газа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на крипто берза пронајден мртов во ќелија, беше осуден на 11.196 години затвор
Триесет и двегодишниот, Фарук Фатих Озер, поранешен извршен директор на неуспешната крипто берза „Тодекс“, беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во западниот турски град Текирдаг вчера, објави државниот радиодифузер ТРТ.
Истрагата е во тек, а службените лица се фокусираат на можноста Озер да извршил самоубиство. Според турските медиуми, неговото тело го откриле затворските чувари за време на утринска проверка.
Турските обвинители наредија целосна истрага, вклучително и испрашување на затворскиот персонал и анализа на безбедносните камери. Телото на Озер беше испратено во Истанбулскиот институт за судска медицина на обдукција за да се утврди точната причина за смртта.
Озер беше уапсен во Албанија на 30 август 2022 година по сензационално бегство што ја шокираше Турција. По него беше издадена меѓународна потерница за измама на стотици илјади инвеститори.
Озер нелегално ја преминал границата и живеел во Елбасан неколку месеци, каде што се обидел да се скрие под лажен идентитет. Уапсен е на една од плажите на југот на земјата, по заедничка операција на албанската полиција и турските власти.
Во обвинението се наведува дека измамил околу 400 луѓе, злоупотребувајќи над 2 милијарди долари средства. Неговиот случај стана еден од најголемите финансиски скандали во турската историја, потресувајќи го пазарот на криптовалути и поттикнувајќи ги турските власти да ги заострат прописите за дигитална трговија.
По неговата екстрадиција во Турција, Озер беше осуден на 11.196 години затвор за организирана измама, перење пари и водење криминална организација. Иако ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека падот на крипто берзата е резултат на сајбер напади, а не измама, судот го прогласи за виновен по сите точки од обвинението.
Неговата смрт покрена многу прашања во турската јавност, а некои бараат независна истрага за да се утврди дали станува збор за самоубиство или за намерно отстранување на Озер, поради сознанијата што можеби ги имал за финансиската мрежа што работи преку Тодекс.
Свет
Трамп ѝ се закани на Нигерија со воена акција ако убиствата на христијаните не престанат
Американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на нигериското раководство со можна воена интервенција, доколку, како што рече, владата продолжи да допушта убиства на христијани.
Во објава на платформата „Трут соушал“, Трамп напиша дека САД ќе ја прекинат целата помош за Нигерија ако земјата не преземе мерки за запирање на прогоните.
„Ако нападнеме, тоа ќе биде брзо, сурово и слатко – исто како што терористите ги напаѓаат нашите сакани христијани!“, порача тој.
Ден претходно, Трамп ја стави Нигерија на листата на земји од посебна загриженост поради прекршување на верските слободи, наведувајќи дека христијанството таму е пред егзистенцијална закана.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу одговори дека таквата карактеризација не ја одразува реалноста во земјата, која е речиси рамномерно поделена меѓу муслимани и христијани. Според „Франс Прес“, во Нигерија повеќе од 15 години трае џихадистичкото насилство на Боко Харам, при што загинале над 40.000 лица, а два милиона се раселени.
Свет
Зеленски најави бесплатен превоз со воз и фиксни цени на енергијата за граѓаните
Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави воведување програма за бесплатни патувања со воз и замрзнување на цените на енергенсите во текот на зимата.
Зеленски соопшти дека секој граѓанин ќе може бесплатно да патува до 3.000 километри на украинската железница, а целта е државното претпријатие да покаже дека буџетските средства навистина се користат во служба на граѓаните.
Покрај тоа, владата ќе воведе мерки за ублажување на зимските трошоци, слично на ланскaта програма од која корист имаа 14 милиони Украинци.
„Цената на гасот и електричната енергија оваа зима нема да се зголемат“, порача Зеленски.
Цената на киловат-час моментално е нешто под 0,09 евра, а по руските напади на енергетската инфраструктура, делови од земјата сè уште имаат струја само неколку часа дневно.

