Македонија
Мојата совест е чиста, СДСМ да размисли, колку е понижувачки што немо го набљудуваат она што ДУИ го прави, рече Меџити

Министерот за здравство Фатмир Меџити од собраниската говорница со образложение пред пратениците за неговото разрешување.
Тој ја обвини ДУИ за деструктивно однесување и дека се залага за партиски на сметка на граѓанските интереси.
„Поминаа 11 месеци во кои како министер покажав како се работи, не бегав од проблемите, туку влегов во оган за да ги решам прашањата од кои сите пред мене бегале и ги ставиле под тепих“, рече Меџити.
„Жалам што се покажа дека не сите имаат иста цел како мене во оваа Влада. Се покажа дека ДУИ преку нивните министри до крај реши да политизира и попречува и реши до крај да оди против интересите на граѓаните. Сметам дека политиката е средство за помош на граѓаните, тие сметаат дека политиката е средство за реализација на лични интереси“, рече Меџити.
Им се обрати на сите функционери на СДСМ во оваа Влада: Размислете само колку е понижувачки за вас и вашите поддржувачи да бидете неми набљудувачи на ова што ДУИ го прави против интересот на граѓаните. Немото соучесништво е најлошата форма на поддршка за ваквите постапки. Мојата чест е чиста“, потенцира Меџити.
Во последните два дена рече дека добил стотици пораки на поддршка, што покажува, како што рече, дека е на вистинскиот пат.
„Од утре натаму вие одговорете им зошто не се реализираат 1.117 вработувања во Министерството за финансии. Вие одговорете им зошто се кочат катните гаражи за да се среди хаосот во Клиничкиот центар. Никој не веруваше, но со моето доаѓање го набавивме лекот ‘трикафта’ и почнаа да го добиваат пациентите. Обезбедивме 650 сензори за мерење на шеќерот во крвта. Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема. Првпат обезбедивме хеликоптерски меѓународен транспорт за болно лице. Ги покачивме платите трипати. Еве ова е мојот приход во здравството. Работев чесно, но очигледно тоа не е доволно“, рече Меџити пред пратениците, каде што се разгледува предлогот за разрешување на министрите Азир Алиу и Фатмир Меџити од редовите на Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Меѓусебната заштита на Коцевски со СДС и ДУИ е причина за 2% доверба во судството

СДС ги штитат корумпираните обвинители и судии бидејќи им овозможуваат закрила на нивните функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиентелизмот на Коцевски е гаранција за заштита и неказнивост на функционерите од СДС и ДУИ.
Поддршката што Коцевски ја доби од Филипче е меѓусебна заштита која ја гуши правдата во државата. Бидејќи доколку падне Коцевски, ќе се отворат врати за истраги како против Филипче така и за останатите функционери од СДС и ДУИ.
СДС со негласањето на интерпелацијата целосно се разголи, и на виделина пред јавноста излезе спрегата помеѓу СДС, ДУИ и Коцевски.
Очигледно е дека СДС и ДУИ стојат зад заштитата на Коцевски, кој за возврат не презема ништо за наводните злоупотреби и сомнежи за висоока корупција како и сомнителни тендери поврзани со Филипче, Заев и Ахмети.
Со одбивањето да ја поддржат интерпелацијата, СДС и ДУИ јасно покажаа кој го поставал Коцевски и кој го одржува на функцијата, јавниот обвинител Коцевски.
Се додека Коцевски е на позицијата, довербата во правосудството ќе биде помала од 2%, а одговорност за криминалите поврзани со СДС и ДУИ нема да има.
Доколку постои грам морална одговорност кај Коцевски, треба да ја препознае пораката од јавноста и да си поднесе оставка.
На Македонија и се неопходни темелни реформи во судството, правосудство растеретено од политички влијанија каде судиите и обвинителите ќе носат одлука врз основа на законите и Уставот а не под влијание на партиските интереси на СДС и ДУИ.
Во Македонија неопходно е правдата да завладее, неопходни се коренити реформи и трансформација на судскиот систем“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Времето денеска сончево со мала до умерена облачност, попладне локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.
Попладне ќе има изолиран развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи.
Минималните температури ќе се движат од 12 до 20, а максималните од 26 до 36 степени целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната дневна ќе достигне 36 степени.
Македонија
Бендевска: Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ

По повод 2 Август – Денот на Републиката, во име на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска, заедно со собраниска делегација во состав: Бране Петрушевски, Никола Коњановски, Даниела Николова и Даниел Стојчевски, одбележа 81 година од Првото заседание на АСНОМ, во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
„На хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето, да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и иднина. Да го продолжиме заветот од Илинден и пораката од АСНОМ“ – порача потпретседателката Бендевска.